Книжевен прашалник за Стефан Алијевиќ

08.02.2023 15:06
Книжевен прашалник за Стефан Алијевиќ

 

- Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?

Со помош на братучетка ми како ја читам Василиса Прекрасна (руски народни приказни). Изданието беше од оние старите книжиња за деца, со виолетови корици. Потоа Петар Пан беше првата книга што ја исчитав сам во целост, секоја вечер по неколку страници пред спиење.

- Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?

Растев со книги како Пипи Долгиот Чорап и Робинзон Крусо. Низ тинејџерството со посебна возбуда го следев и читав серијалот Хари Потер.

- На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?

Најчесто тоа е случај со Вирџинија Вулф.

- Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?

Ги има повеќе. На пример, и покрај повеќето обиди сè уште немам расчистено со „Улис“ на Џејмс Џојс. Најсмешно, првиот обид ми беше кога имав околу шеснаесет години. Се фатив тогаш за „Улис“ само затоа што беше сместен на врвот на некоја листа на најдобри романи на сите времиња што ја видов на интернет. Секако сакам да го прочитам во целост ова капитално дело на Џојс до крајот на животот.

- Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?

Немам конкретен одговор за ова прашање. Порано се држев до строг принцип, ако почнам да читам некоја книга, истата да мора да ја завршам до крај. Така имам поминато доста книги што воопшто не ми се допаѓале и сум се мачел да ги завршам. Посакувам порано да престанев да губам време на таков начин. А можеби истото тоа било корисно за острење на книжевното сетило, каква фикција сакам, каква ми лежи, а каква не.

- Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?

Полесно би ми било да одговорам каде не би сакал. Во последниве неколку години доминантно читам помрачни работи, често е тоа некој вид документарна фикција, и често тоа не се пријатни светови за живеење. Ако барам некоја поприфатлива фикција за домување, можеби расказите на Хулио Кортасар.

- Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?

Кога чекам нешто некаде или при подолго возење со автобус. Но веќе ако знам дека баш таква ситуација ми следи обично си носам некое книже со мене.

- Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?

Нешто што фали во превод на македонски јазик. На пример, селекција на некои пократки ствари од Томас Ман, како новелата „Заменети глави“, или други негови приказни како „Марио и магионичарот“ и сл. Мислам дека ги немаме тие во наш превод.

- Која книга би сакале вие да сте ја напишале?

„Бранови“ на Вирџинија Вулф или некоја од книгите на Агота Кристоф.

- Општо прифатено ремек-дело кое не ви се допаднало? И зошто?

Ептен го сакам Томас Ман, ама „Буденброкови“ му е така извикано дело, особено помеѓу постарите генерации, а мене ми беше прилично досаден овој роман кога го читав. Од сегашна перспектива би ја прескокнал оваа негова најпозната или најславна книга и директно би читал други негови дела.

- За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?

Не мислам дека постојат задоцнети откривања на книжевни дела и автори/ки. Повеќе стојам зад тоа дека секогаш таму некаде има некоја за мене непозната фикција, вредна за внимание, што ќе успее да ме изненади во позитивна смисла.

- Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?

Би ги собрал Агота Кристоф, Франц Кафка, Џон Куци, Фланери О’Конор и Примо Леви.

- Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?

Како ќе ми дојде така. Некогаш ништо не бележам, некогаш подвлекувам реченици со молив или ставам мини стрелки кон пасусот што ептен ме погодил, или, ако нешто ми е многу битна страната, го заокружувам бројчето. Знам и да фотнам со телефонот. Порано обележувањето ми правеше повеќе смисла.

- Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?

За на пустиот остров можеби Умберто Еко со „Островот на претходниот ден“. На доживотната во затвор Марсел Пруст, интегрално „Во потрага по загубеното време“.

- Што читате деновиве?

Италијанската писателка Голијарда Сапиенца. Пред некоја недела го исчитав нејзиниот роман „Универзитетот Ребибија“, а сега веќе преминав на пообемното нејзино дело, „Уметноста на радувањето“. При рака деновиве ми е исто така Viola arsenica на професорот Влада Урошевиќ. Бавно ги листам овие негови белешки за поезијата, книгата ми прави чувство како да сум одново студент на книжевност.

***

Стефан Алијевиќ (1991, Гевгелија), дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Досега негови раскази биле објавени на порталите Окно и Разноликост, и во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“ во издание на Темплум (2022). Минатата година, 2022, исто така ја објави и неговата прва збирка раскази насловена „Вечерен автобус“ во издание на Или Или.

Фото: Јелена Белиќ

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност / Живот
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото