Горат ли компјутерите?

02.02.2011 16:05
Горат ли компјутерите?

Бројките се неверојатни и речиси несфатливи, бидејќи не можеме да ги споредиме со ништо. Веќе првиот податок звучи неверојатно – дека минатата година во светот биле пратени 107 трилиони електронски пораки, односно 294 милијарди дневно. Се обидувам со денови да ја замислам таа количина текст и информации, но тоа воопшто не ми успева. Меѓутоа, она што е најстрашно во сето тоа е податокот дека дури 89% од тие пораки во суштина претставува рекламно ѓубре, злокобен спам, кој несакано стигнува до нашите компјутери. Дури секоја десетта порака е вистинска порака, останатото е, всушност, ништо.

Но и останатите бројки се застрашувачки на некој начин. На пример, податокот дека 36 милијарди фотографии годишно се закачуваат на Фејсбук или дека секој ден на Јутјуб се гледаат по 2 милијарди разни видео-записи. Тоа е неверојатна количина енергија која е употребена за чиста забава, а која најмногу се користи – или како што некои велат – злоупотребува во текот на работното време.

Зад тие бројки стои армијата од речиси две милијарди корисници на интернет кои користат нешто помалку од 3 милијарди е-адреси. Во исто време тие можат да посетуваат околу 270 милиони интернет страници и околу 150 милиони блогови.

Бројката која најмногу зачудува е податокот дека во моментов Фејсбук користат 600 милиони луѓе! Шестотини милиони луѓе кои својот друштвен живот го заменуваат со виртуелен друштвен живот во кој сè повеќе пукаат границите на интимноста и приватноста, бидејќи постојано е потребно да се направи нешто ново, нешто неповторливо, нешто што никој не го видел досега. Да речеме, фасцинантен е податокот дека 8 милиони луѓе ја следат Лејди Гага на Твитер. 8 милиони! Тоа е нешто помалку од бројот на жители на Србија. Всушност, не верувам дека сите жители на Србија би и’ дале поддршка на Лејди Гага, но живееме во необично време и сè е можно.

И додека главава ми пука од сиве овие бројки, се обидувам да ја замислам самотијата кој го опкружува еден сликар, музичар или писател. Колку луѓе ќе ја видат неговата слика, ќе ја слушнат неговата композиција или ќе ја прочитаат неговата книга? Почетниот тираж на книгите денес кај нас изнесува меѓу 500 и 1000 книги. Ако заврши во некој музеј на современа уметност, сликата ќе ја видат неколку илјади луѓе. А ако станува збор за современ композитор на т.н. сериозна музика, неговата композиција ќе биде изведена неколку пати во полупразни концертни сали и можеби – навистина можеби – ќе се најде на некој компакт диск.

Бројките радикално се разликуваат, но сепак тој самотен напор, таа подготвеност да се верува во способноста на другите луѓе да станат своевидни приемници на уметничката инспирација кај многумина буди чувство на стравопочит. Да, како фино тоа го кажа Карсон Мекалерс во насловот на својот роман „Срцето е осамен ловец“. Но денес е сè помал бројот на луѓето кои имаат трпение за самотија или кои имаат волја да и’ се посветат на самотијата. Во мода се големите бројки и склоноста за припаѓање кон масите. Да се биде еден од шестотините милиони го прави човека трошка, неспособен да создава свој свет бидејќи тоа го прави поинаков, личност која стрчи и не се вклопува во „храбриот нов свет“ кој му го нуди технологијата, инсистирајќи на брзината како на главна одлика на квалитетот. Што побрзо да се добие информацијата, што побрзо да се симне видеото или сликата, што порано да се дознае и да се проследи понатаму некој крајно безначаен податок, како што е примерок од тантелата на гаќичките на Лејди Гага.

Не сум лудист и не се залагам за уништување и попречување на технолошкиот развој, туку само сум зачуден на спремноста на луѓето под паролата на изразување на себе и својата индивидуалност всушност да станат уште побезлични отколку што некогаш биле.

Кога само ќе помислам колку луѓе со десетлетија веруваа дека светот на Орвел се крие во идеологијата на тоталитаризмот, а тој всушност се криел во светот на технолошкиот развој. Она за што во почетокот се веруваше дека најмногу придонесува за ослободување на човекот и слободата на говорот се покажа како средство кое овозможува најголема мерка на контрола. Прашање на денови е кога големите светски сили, и тоа без оглед на нивните различни идеологии, ќе се обединат за да донесат прописи и да смислат начини за поделотворна контрола на интернетот и разните програми.

Порано тоталитарните водачи се плашеа од книгите и ги палеа на клади. Изгледа дека истата судбина кога-тогаш ги очекува и компјутерите. Единствената разлика е во тоа што никој не размислувал за екологијата во времето кога гореле книгите. Новите диктатори првин ќе мораат да ги обработат компјутерите и да ги одвојат токсичните делови од нетоксичните за тој пламен да не нанесе уште поголема штета. Од друга страна, колку се постари, книгите сè поубаво горат. Не знам како е со компјутерите. Горат ли тие воопшто? И ако горат, развиваат ли некои отровни чадови кои можат да ни наштетат? И има ли разлика меѓу оганот од стариот и новиот сметач?

Судејќи според сè, со компјутерите нема да биде толку весело како со книгите. Покрај големата клада со книги човек може да се згрее, да испие пиво и изеде колбас. Покрај смрдливиот оган на запалените компјутери нема да може ни да седне, а не да наздрави за новите времиња. Ете една мала, но корисна сугестија за оние кои ни ја одредуваат иднината – читајте книги, тие подобро горат.

Извор: Политика

Ti dechko neznaesh shto

Ti dechko neznaesh shto zboruvash. Skroz si otishol. Ako nemozesh da postignesh da ja pratish tehnologijata ti sam si kriv, nikoj drug ne ti e kriv. Nie drugite ke se borime i ke ke bideme vo chekor so tehnologijata kolku shto mozeme poveke. Inache Orvel i totalitarizmot e absolutno sprotivno od transparentnosta na internetot.

Текстов воопшто не е против

Текстов воопшто не е против технологијата, туку против последиците од користењето на технологијата. Посебно се осврнува на друштвените мрежи кои ги одвлекуваат луѓето од дружењето со вистински, реални и опипливи луѓе и ги намамуваат во виртуелни заедници и друштва. И зборува за појавите кои ги привлекуваат масите и се ценат поради бројката на следбеници (примерот со следбениците на Лејди Гага на Твитер) а не според квалитетот на понуденото. Ама очигледно не си го сфатил текстот. Можеби треба повторно да го прочиташ, овојпат повнимателно.

 

Поздрав

Не ми е јасно текстов што

Не ми е јасно текстов што сака да каже.. Прво вели дека светот на Орвел се крие во технолошкиот развој, а потоа дека тоталитарните водачи се плашат од компјутерите.

Со други зборови, дека алатките секој ги користи во правец на остварување на своите цели, што и не е некое откритие.

И тоа со самотијата на уметниците не го сфаќам, баш со технологијата е полесно и поефтино нивните дела да стигнат до поширока публика.

А што сакаш да кажеш, дека

А што сакаш да кажеш, дека секој оној кој се одлучил да си го олесни животот приклучувајќи се на друштвените мрежи кои како реален потомок на информационото доба, неможе а и не смее да се сватат само како алатки за креирање шум-бескорисно општење, дека тој е веднаш неписмен, нечита книги и дека не се интересира за уметност? Со појавата на интернетот уметноста не умира туку добива една друга форма, со појавата на интернетот еден писател не мора да моли издавачи да ги печатат неговите зборови на мртво дрво, туку може слободно да ги пласира каде можат а и допираат до милиони! Еден сликар, еден човек талентиран за вузуелна магија има можности преку виртуелна галерија да го допрат безброј очи. Технологијата можат да ја сметаат за непријател само оние без имагинација.

ОкоБоли главаВицФото