Чекор напред кон регулација на платформската работа

13.02.2023 02:30
Чекор кон регулација на платформската работа

Пред повеќе од две години беше најавено донесување директива која најпосле ќе ја регулира платформската работа во Европската унија. Целиот повеќегодишен процес за носење директива е бавен и полн со мали поместувања напред и назад на добро познат терен. На едниот крај од теренот е идејата дека сите платформски работници автоматски би требало да се класифицираат како работници на компаниите за кои работат; во средина се разните меѓу-варијанти кои би дозволиле само некои работници да стекнат статус на вработени доколку исполнат одредени услови; на другиот крај е идејата дека сите работници би требало да останат во статусот самовработени за да се зачува „правото на флексибилност“.

Додека за укинување на лажното самовработување се борат синдикатите и партиите од левиот спектар како Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите, битката за флексибилност, освен самите компании-платформи, ја водат конзервативните партии како Европската народна партија и Renew Europe, кои на бројните досегашни предлози за директивата поднесоа амандмани за да ја спречат „смртта на гиг економијата“.

Со оглед на размерот на силите на големите компании и оние кои им се противат, многу од нив се склони на вестите за обидите за регулалација на платформската работа да одмавнат со рака како залудна борба, на што во прилог одат вестите за лобирањето на работодавачите и за тоа дека платформите им вршат притисок на неодлучните пратеници во Европскиот парламент.

Сепак, ситуацијата не е толку црно-бела, делумно зашто платформската работа всушност ги искористува дупките во законот, што беше препознаено од страна на разните европски судови со донесување пресуди во корист на работниците, а делумно и зашто на моделот на платформската работа не се противат само заговорниците на работничките интереси, туку и оние работодавачи на кои платформите им претставуваат нефер конкуренција.

Неодамна стигна уште една позитивна вест од Европскиот парламент - иако се чинеше дека нештата неочекувано тргнаа во друга насока, пратениците сепак успеаја да се усогласат и извештајот на Одборот за вработување го помина пленарното гласање на 2 февруари со 376 гласови за и 212 против. Сепак, пратениците во Европскиот парламент најпосле гласаа за укинување на системот за лажно самовработување кој го користат платформските компании за да ги намалат своите трошоци на штета на платите во работните услови на работниците, како што заклучува Европската синдикална конфедерација (ЕТУЦ).

Работниците кои би имале корист од новата регулатива за платформска работа не се само доставувачи и таксисти, туку работници од низа други занимања, како што се програмерите, хигиеничарите, инженерите и негувателите, зашто сè повеќе работи почнуваат да се нудат во платформски формат. Се проценува дека (според податоците на Европската синдикална конфедерација) во Европа има околу 28 милиони вакви работници.

Мерките во изгласаниот извештај би овозможиле:

-Право на работниците на соодветен договор за работа, кој би обезбедил тие да ги добијат правата како што се платено боледување, платен годишен одмор и стапка на плата во согласност со националното законодавство или колективните договори.

-Заштита на слободата на реално самовработените работници.

-Чесна конкуренција помеѓу компаниите, со што ќе се обезбеди оние кои го почитуваат законот да не бидат во неповолна положба.

Со овие мерки би се спречило европскиот социјален модел да ја нагризе спиралата на надолната конкуренција која се темели на избегнување на работните, даночните и социјалните обврски, наведува Европската синдикална конфедерација. Меѓутоа, приказната не завршува тука зашто напредокот сега зависи од Европскиот совет. За време на чешкото претседателство Советот го одби предлогот на кој силно влијаеја лобистите од платформските компании и остана поделен по прашањето за регулацијата. А дури 212-те гласови против во Парламентот исто така треба да се земат предвид зашто е предвиден тријалог помеѓу Парламентот, Советот и Комисијата за да се постигне договор околу директивата.

Секретарот на Европската синдикална конфедерација Лудовик Воет добрите вести ги проследи со коментар: „Платформските компании кои ги водат мултимилионери предолго ги користеа дупките во законот за да ги избегнат своите најосновни обврски кон својата работна сила и општеството. Експлозијата лажни самовработувања остави милиони луѓе да работат повеќе за помалку, доведе во неповолна положба многу компании кои се придржуваат до правилата и ги осиромаши нашите јавни услуги со неплатени даноци. Гласањето за директивата е важен чекор кон враќање на сигурноста на работата, обезбедување праведност во економијата и заштита на европскиот социјален модел.“

Превод: Алек Кузмановски

Мурали: Jonathan Pauwels

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото