Шибицарката

13.02.2023 11:00
Шибицарката

 

Девојчето со кибритчињата излезе од приказната на Х. К. Андерсен, се качи во автобус за Скопје и почна нов живот како „шибицарка“ на влезот од Старата скопска чаршија.

На почетокот ѝ беше навистина тешко, опкружена со сомнителни ликови кои продаваа лупачи за компири, сецкачи за зелка, глувчиња на навивање, бездомници облечени во црвени јамболии и свирачи на саз кои по цел ден верглаа една иста песна.

Но, по неколку недели Девојчето со кибритчињата стана кралица на „шибицарите“. Кога и да стапнеше пред стоковната куќа „Мост“ се слушаа аплаузи и еуфорични скандирања, а продавачите на пенкала паѓаа пред нејзините нозе и ја молеа, ако ништо друго, барем на неколку дена да ги затвори во својот подрум и да ги камшикува со опашките од стаорци што таа ги купи од една лабораторија под стечај.

Х. К. Андерсен во меѓувреме падна во депресија, се навлече на опиум, ги продаде своите 156 сказни на локалниот дилер и еден ден, додека копенхагенскиот ветер дуваше над Големиот канал, тој скокна во Балтичкото море, студено и црно како изгорено кибритче.

Цртеж: Владимир Лукаш

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Книжевност / Уметност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото