(Можам да ги наслушнам...)

13.02.2023 11:15

Можам да ги наслушнам
шушкањето на училишната униформа
тишината на трпезаријата и ѕидниот часовник што кружи
околу една иста приказна:
детството е најосаменото место на светот

Имаш носталгија по земји во кои не си бил
и сеќавања на луѓе што не ги познаваш
Затворен си со бубачките и скакулците
во теглата за инсектариум
и никако не можеш да ги наместиш
боите на твоето рубиково срце
во иста линија

Ја подмачкуваш тенката пиличка со парче сапун
за полесно да ја исече шперплочата на која ја градиш
твојата прва куќичка
До доцна во ноќта со водени бои
правиш печати од компири во облик на елки, детелини и ѕвезди
договорот дека ќе се исушат кога ќе пораснеш
сè уште го чека твојот потпис

Дете си, а веќе си уморен.
Сонот пoнекогаш почнува
на крзнените навлаки од автомобилот
и продолжува некаде далеку од гласовите што те будат
а поблиску до раните копнежи
На рамото го носиш знакот за отстрел
додека спокојно ги редиш алиштата на столот
и книгите во чантата

Тогаш сфаќаш дека детството не завршува
кога за последен пат ќе станеш од лулашката
а таа празна се ниша уште долго
долго после тебe

 

ОкоБоли главаВицФото