Животните во борбата против климатските промени

15.02.2023 01:39
Животните во борбата против климатските промени

Кога се среќаваме со животните, во зоолошки градини или во документарци, често сме склони да се воодушевиме од нивната убавина и особеност. Но, на тој начин ненамерно ја занемаруваме нивната важна улога во опстаникот на нас самите - многу животински видови се од суштинска важност за екосистемите, а исто така учествуваат во стабилизацијата на глобалниот климатски систем.

Неодамна објавената студија за придонесот на китовите во складирањето на јаглеродот повторно го насочи фокусот кон учеството на овие фасцинантни битија во борбата против климатските промени.

Сепак, овие морски цицачи не се единствените кои ни помагаат во зауздувањето на загревањето на нашата планета. Еве некои од нив кои помагаат светот да биде поподносливо место за живот кога станува збор за температурите.

Африкански шумски слонови

Африканскиот шумски слон, најмалиот од трите живи видови слонови, живее во прашумите на Западна Африка и басенот на реката Конго. Кога зборуваме за овие сурлести суштества, најчесто ги замислуваме оние кои лутаат во саваните, додека токму овој вид останува маргинализиран, но неговото значење не се намалува со тоа.

Па како африканските шумски слонови придонесуваат за климатската акција?

Додека лутаат во џунгла тие газат џбунови кои растат брзо и ја намалуваат нивната распространетост дозволувајќи им на дрвјата кои се развиваат побавно, да напредуваат. Токму стеблата впиваат поголеми количини јаглерод диоксид од атмосферата во споредба со пониската вегетација па се проценува дека африканскиот шумски слон, во просек, помага да се складираат 9,5 илјади тони од овој гас со ефект на стаклена градина на квадратен километар прашума. Во тој контекст вредноста на едно животно достигнува неверојатни 1,75 милиони долари.

Дури ни самите научници долго не ги разликувале африканските шумски и саванските слонови, па проценките за бројноста ги опфаќале двата вида. Во седумдесеттите години од минатиот век Африка ја населуваа 1,34 милиони шумски и савански слонови, додека, заклучно со 2021 година, бројот на шумските слонови опадна на помалку од 100 илјади. Затоа на Црвената листа на Меѓународната унија за заштита на природата (ИУЦН) се класифицираат како критично загрозени.

Главните причини заради кои африканските слонови го стекнаа овој статус се губењето и фрагментацијата на живеалиштата заради сечењето на шумите, како и криволовот и илегалната трговија со диви видови. Ќе бидат неопходни векови за нивната популација да се опорави - а конзервационистичките напори насочени токму кон африканските шумски слонови би имале далекусежни позитивни ефекти.

Сиви волци

Лекцијата за важноста на сивите волци можеме да ја научиме од примерот на првиот американски парк Јелоустоун.

Имено, помеѓу 1914 и 1926 година последните сиви волци биле збришани од овие простори. Тогаш сè уште не се знаело за поврзаноста на дивите видови, климатските промени и губењето на биодиверзитетот. Како што овие теми сè повеќе доаѓале во жижата на јавноста, елиминаицијата на предаторите од Јелоустоун се покажала како голема грешка. Сепак, таа е неутрализирана во 1995 година кога повторно се донесени во националниот парк.

Седумдесетте години без сиви волци во Јелоустоун оставиле драматични последици - многу птици пејачки го напуштиле националниот парк, лосови и којоти имало премногу, дабарите исчезнале, а се намалувал и бројот на стеблата.

А како дошло до оваа ситуација? Лосовите, кои во отсуство на грабливци многу се размножиле, премногу паселе од дрвјата како што се врбата и јасиката. Со оглед на помалиот број стебла, последично почнал да опаѓа и бројот на птиците. Дабарите не можеле да ги градат своите брани, а паралелно се влошувале условите за напредок на дрвјата. Без градбите на дабарите и сенките на стеблата водата во потоците станала премногу топла за рибите.

Откако сивите волци се вратиле, рамнотежата на екосистемот повторно полека почнала да се воспоставува: помалку лосови, повеќе птици и дабари, но и орли и лисици - и можеби најважното за борбата против климатските промени, повеќе дрвја кои складираат јаглерод диоксид.

Морски видри

Морските видри веројатно ви се познати по фотографиите каде се држат за раце додека спијат за да не се раздвојат - но покрај тоа што се слатки и обожавани од многумина, тие претставуваат и необични помошници во климатската акција така што ги чуваат подводните алги.

Шумите со алги на океанското дно се меѓу најзначајните апсорбери на јаглерод диоксид од атмосферата. Гасот го користат за своите лиснати структури. Но тие исто така се едно од омилените јадења на менито на морските ежови. Во неконтролирани услови овие бодликави животни се размножуваат брзо и со самото тоа им треба повеќе храна. Тогаш на сцената настапуваат морските видри - како клучни предатори на морските ежови кои ја одржуваат нивната популација под контрола.

Студијата на истражувачите од Универзитетот Санта Круз покажа дека подводните алги можат да складираат и до 12 пати повеќе јаглерод диоксид кога не ги јадат морските ежови. Авторите процениле дека вредноста на отстранетиот јаглерод диоксид од атмосферата, благодарение на заштитата која на шумите со алги им ја пружаат морските видри, е помеѓу 205 и 408 милиони долари.

Тапири

Најпосле, тука се и тапирите - големи цицачи кои со изгледот потсетуваат на свињи со кратка сурла. Можат да се најдат во влажните предели на Јужна Америка и Азија, меѓу другото и во Амазонија.

Всушност, тапирите се шумари - јадат разни видови овошја и „сејат“ семиња преку изметот кои подоцна ртат и растат. Оваа природна регенерација се смета за еден од најевтините и најефикасни методи за обнова на шумските екосистеми во тропите.

Истражувањето објавено во научното списание Биоптрика, откри дека тапирите разнесуваат трипати повеќе семиња во деградираните шуми во споредба со примарните, а потенцијалната причина се крие во нивната љубов кон младите стебленца. Научниците во нивниот измет откриле семиња од повеќе од 24 видови растенија.

И покрај тоа што се наши незаменливи соборци во одржувањето на температурата, климатската акција не е подвиг кој се темели на плеќите на животните. И покрај тоа, нивниот придонес треба да биде само дополнителен поттик за човештвото да ги намали емисиите со ефект на стаклена градина, со оглед на тоа што животинските видови се едни од најголемите страдалници на фронтот со климатските промени.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://klima101.rs/