„Ние не сме она што мислиме дека сме“

15.02.2023 11:44
„Ние не сме она што мислиме дека сме“

 

Романот Neuroparth (2008) на Скот Бејкер (Scott Bakker) може да се опише како научнофантастичен трилер сместен во блиската иднина. Дејството се случува во свет мошне налик на нашиот и од него нè делат само неколку години. (...) Бејкер во таа средина ја сместува приказната за Томас Бајбл, четириесетгодишен професор по психологија, разведен татко на две деца и сопственик на куче, кој во предградие, во „потполна анонимност“, живее едноличен живот. Томас е автор на книгата Through the Brain Darkly во која е претставена револуционерна нова теорија за човечкиот ум.* Во романот сè се врти околу теоријата на Томас која ликовите ја нарекуваат „Аргументот“ (со големо А). Аргументот претставува екстраполација „на реални трендови и откритија во невронауките, психологијата и когнитивните науки“, како што е наведено во авторските белешки. Овие трендови и откритија упатуваат на вознемирувачката вистина според која „ние не сме она што мислиме дека сме“.

(...) Во 1985 година првпат беше употребена „транскранијалната магнетска стимулација“ (TMS): дејствување врз конкретни планирани делови на мозокот, со што се влијае на личните чувства, ставови и судови. Во 1992 првпат се употреби „функционалната магнетска резонанца (fMRI), која ни овозможува во реално време да ја следиме мозочната активност. Благодарение на овие техники, како и поради напредокот на компјутерската снага, во последниве триесетина години веројатно повеќе научивме за функционирањето на мозокот отколку во целиот претходен период на човечката историја.



Не треба посебно да се напоменува дека односот меѓу мозокот и умот, или електрохемиските процеси во нашите неврони и целосното субјективно доживување, сè уште е мошне контроверзна тема. Но Аргументот во романот Neuroparth како здраво за готово зема дека науката е на пат да ја потисне психологијата од човечкиот свет, баш како што претходно ја потисна психологијата од природниот свет. Со други зборови, колку и тоа да звучи парадоксално, самата психа е изложена на брза депсихологизација. Дури и децентрирањата на субјективноста кои ги предлагаа психоанализата и деконструкцијата навистина не нè подготвија за ваквиот развој на настаните.

Ние не можеме да поверуваме дека нема причини зошто го работиме она што го работиме; „луѓето го објаснуваат сопственото однесување и себе се разбираат служејќи се со поимите какви што се интенција, желба, цел, надеж, итн.“. Но всушност, како што Neuroparth нè потсеќа, „секоја мисла, секое доживување, секој елемент на вашата свест, се производи на разни неврални процеси“. Вие можеби мислите дека активно сте избрале нешто да направите, но „всушност е факт ‒ факт, за жал, а не спекулација ‒ тоа дека вашиот мозок просто процесирал верига од сензорни влезови... и потоа обликувал низа од бихевиорални излези“. Мозокот е „машина која генерира однесувања кои се повторуваат или не зависно од тоа каков поврат од околината ги стимулира системите за угода или болка“. Ние себеси сакаме да се замислуваме како слободни, рационални суштества; но всушност сме (да го цитираме најциничниот дел од романот), „само кукли од месо кои се во заблуда па веруваат дека живеат во морален и целисходен свет“.



(...) Аргументот во романот Neuroparth ни вели дека имаме сериозен проблем. Рецентните истражувања на полето на невробиологијата и когнитивната психологија покажуваат дека повеќето неврални процеси во мозоците воопшто не се достапни за свеста. Поради тоа нашата самосвест е толку измамлива, непотполна и склона кон илузии и грешки. И тоа многу повеќе од што му се чинело на Фројд. Нашите обиди за себеиспитување по пат на интроспекција во најдобар случај се некомпетентни, а во најлош делузионални. Она што го мислиме за самите себе претежно е пристрасно и неточно. Следејќи ги поразните резултати на тие рецентни истражувања најдалеку и најпровокативно Аргументот на Neuroparth тврди дека човечкиот ум е сосема неспособен ‒ во начело, а не само фактички ‒ да се разбере самиот себеси. Појавите како што се интенциите, значењата и целисходноста „само се чинат стварни оти невролошкиот процес ние го разбираме наопачки“. Но, бидејќи и понатаму нужно сме врзани за тие творби, ние не ги гледаме стварните материјални причини за нашите мисли и дејства. Конститутивно сме неспособни да ги следиме сопствените ментални состојби наназад до електрохемиските настани во мозокот кои ги произведуваат тие состојби.



Значи, нашите психолошки објаснувања на сопствените состојби најдобро е да се разберат како фикционални наративи или конфабулации. Полезно е овде да се сетиме на славните експерименти на Бенџамин Либет за „претходниците на одлучувањето“. На тие експерименти често се повикуваат теоријата на афектите и филозофијата на умот; на нив во еден момент се реферира и романот за кој овде зборуваме. Либет открил дека „потенцијалот за спремност“ за некое делување расте во невроните на субјектовиот мозок пола секунда пред субјектот свесно да се одлучи за тоа делување, односно за реализација на некоја акција. Всушност е одлучено во наше име ‒ или е барем сè подготвено за одлука од страна на несвесните процеси во нас ‒ пред ние да станеме свесни за одлуката. Овде третото лице го надјачува првото лице: менталните настани кои се недостапни за интроспекцијата можно е да се мерат и забележат со објектифицирачки научни инструменти. Со оглед на тоа, „слободната волја“ е само облик на себезалажување, обид самиот себе да си ги дадам заслугите за настан кој во мојот мозок веќе се случил. Со зборови од романот, „волевоста... е само некаков вид додаток, нешто што ни доаѓа накнадно“. Тешко ни е во потполност да сфатиме „дека доживувањето е нешто накнадно“.


 

*Насловот на книгата на Томас Бајбл е парафраза на Павловото Прво послание до Коринтјаните: „Вистина, сега гледаме низ огледало, во загатка, а тогаш ‒ лице в лице! Сега спознавам делумно, а тогаш ќе спознам совршено, како што сум и спознат!“ Овој новозаветен фрагмент исто така е и хипотекст на познатиот Бергманов филм Низ темното огледало (1961), кој, како и романот на Бејкер, ги проблематизира умот и неговата, нужно илузорна, претстава на стварноста. (заб. прев.)

Слики: VAKA VALO

Избор и превод: П. В.

Извор за текстот: Steven Shaviro, Diskognicija (Multimedijalni institut, Zagreb, 2021); фрагмент од Поглавјето 4: „Да се мисли како човек“

Слични содржини

Наука / Култура / Теорија
Психологија / Наука / Теорија
Психологија / Наука / Теорија
Психологија / Наука / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото