Живата песна на антички столбец

16.02.2023 13:24
Живата песна на антички столбец

 

(фрагмент од романот „Столб што пее“)


- Зарем е можно! – прошепоти госпоѓа Де Јонг и го погледна својот сопруг кој не одреагира, но го замоли гостинот да продолжи со раскажувањето.

- Ова последново - дообјасни Сер Ремзи – беше запис изгравиран на базисот од столбецот, кој вашите љубезни родители ми го покажаа превртен, донекаде зарежан со еден ред кој недостасуваше поради брусењето на каменот кој требаше да послужи како декорација, но којшто за среќа брзо го реконструирав...

- Зошто не го земавте столбот и каменот со себе? – праша Хенри Де Јонг – Јас сум уверен дека господинот Пурсер радо ќе ви го предадеше. Тој беше поклоник на науката и на антиката...

- Секако, но почувствував дека госпоѓата Пурсер нерадо ќе се откажеше од таа декорација на нејзината градина – одговори сер Вилијам – Најбитно е, си реков тогаш, што сега ни е познат нејзиниот натпис што солидно го препишав, дополнително го проучив и го ископирав, при што се утешив и со тоа дека наместо во некој мртов музеј далеку од нејзиното автентичното место - можеби е најдобро оваа колона што нам нѝ ја пееше најстарата песна на светот, да остане близу до местото на кое беше подигната во слава на животот, иако, знаете, се работи за надгробен споменик на еден локален поет и мелограф кој како епитаф си ја издиктирал последната, замислете, оптимистичка идеја. Нејзиниот автор се викал Сејкилос, а неговата животољубива песна е испеана во јампски дактил, изразена во октави од фригиски вид и со јастијски тонос – акрибично објаснуваше Ремзи и откако забележа дека симпатичниот двоец воопшто не ги разбираше овие мелопоетички конкретности, одмавна со раката како да сака да го поттурне на страна кажаното, и продолжи:

- Тоа не е само негов епитаф, туку е пред сѐ човекољубив тестамент, философска порака која сака живите да ги ослободи од најголемото стравување, стравот од смртта; таа е утешна песна и глас од дамнини кој го поттикнува и го бодри потомството да истрајува низ животот, што е огромен дар. Тоа потомство, тоа сме ние. Сите ние! Ќе признаете, нели, дека на таа привилегија - на животот кој е еден колосален дар од предците но и од природата, токму ние – и поединци и колективи, аристократи и демотици, владетели и потчинети, војсководци и цивили, лидери и обични избраници, нации, држави и власти – сосем забораваме. Таа малечка колона, драги пријатели, е еден од највеличествените споменици на културата на сите времиња. Таа стилеја е една жива морална порака, не само зашто како и илјадници други, и таа слови и се чита, ами зашто оваа - и пее!

Ремзи тука запре, а потоа не можеше, а да не додаде:

- Сепак, штета е што артефактот со првата комплетно сочувана песна се изгуби во виорот на овие пресметки кои ги искусивме и ние, токму на тлото на кое таа порака најмногу се однесува!

Дора го погледна својот сопруг. Хенри Де Јонг ја спушти главата.

- Вам, колку можам да видам, сево не ви било познато - рече Ремзи погледнувајќи во неговата сопруга.

- Не – изусти младата госпоѓа Де Јонг – Знаевме само дека се работи за исклучително парче антички мермер... но тоа, бевме уверени, дека може да се каже за толку многу археолошки предмети од овие простори...и...

- И? – напрегнато потпраша Ремзи .

- И... толку – рече Дора.

- Да, за жал, само толку. Само една приказна и моите копии на записот од најстарата песна. Ужасно жалам што стилејата е изгубена! Се плашам дека таа е една од жртвите на суровите настани и уништувањето на Ајдин...

Тогаш Дора и Хенри втренчено се погледнаа...

Жегалците околу Тралејс, веќе не се слушаа. Барем не во слухот на Сејкилоса кого сега го преплавуваше неговата најважна мелопоема.

- А сега, ќерко запеј. Да го чујам она што пред малку го запиша на папирус, а за неколку дена ќе стои и на една распеана стилеја.“

Евтерпа тивко го отпеа запишаното.

- Добро“, рече татко ѝ - ајде сега поскладно, без стегање. И погласно! Да нѐ чуе цела Карија!

Евтерпа запеа со глас нежен и чист. Потоа уште еднаш, посилно.

- Така, нека нѐ чуе Ликија, Фригија, Лидија, Персија, Тракија, Елада, Хипербореја...сиот свет! Мојата песна во слава на животот и твојот чудесен глас достоен на муса.

- Што има? - зачудено праша Сер Ремзи откако го забележа втренчениот поглед на брачниот пар Де Јонг .

- Но... - изусти младата госпоѓа - ...стилејата не е изгубена!

- Како?! - извикна археологот.

- Таа беше кај нас, токму тука, кајшто сега седите вие! – рече госпоѓата Де Јонг - Пред само неколку седмици ние му ја предадовме на еден наш близок роднина...

- Ако доволувате... За кого станува збор?

- За нашиот зет за ќерка Вилем Даниелс – објасни Дора – тој беше холандски вицеконзул тука, во Смирна. Со нашата ќерка Дороти-Софѝа се венчаа пред две години во Шангај. Тој се погрижи „колоната што пее“ да се префрли на сигурно...

- Каде? – нестрпливо праша Ремзи.

- Тој оттука ја пренесе најнапред во Константинопол, а потоа оттаму, прво во Стокхолм, па во Хаг. А потоа, којзнае каде... Важно, столбот што пее е на сигурно. Неговото место сепак е во музеј, не во домашна бавча. Тој, верувам се согласувате, треба да им ја соопштува и својата порака да им ги пее на многу луѓе од овие и од генерациите што идат... – рече госпоѓата Де Јонг.

- Секако, секако рече Сер Вилијам – и на лицето му се појави широка насмевка. Стилејата беше на сигурно и секако ќе ѝ влезе во трагата... а тој уште утре ќе може да замине од ова место полно со толку значајни... отсуства.

Евтерпа ја пееше песната што ќе надмине многу столетија и која во античкиот мелографски запис, врежан во Сејкилосовата надгробна стилеја словеше вака:

*

Нејзиниот современ нотен запис денес го читаме и го пееме како:

...а сакате ли да ја чуете како звучи, скенирајте го со мобилниот телефон и потоа активирајте го, следниот QR код:

Или вчитајте ја оваа адреса на вашиот мобилен телефон или персонален сметач.

*

Евтерпа пееше со својот милен глас, веќе прочистен од стравот, од тагата поради блиската загуба, зашто песната најмногу ослободува. Не погледнувајќи во смирениот лик на својот татко, веќе вечно загледан во далечните изворишта на селевкиската митска река, Евтерпа нежно продолжуваше да ја пее неговата животољубива песна!

Само Калироја исправена покрај неговата постела, со нем грч на лицето забележа како нејзиниот љубен маж лесно, неосетно, задржувајќи ја блажената насмевка на лицето, ја премина невидливата граница и замина засекогаш: самиот во непостоењето, а благодарејќи на неговата единствена творба, неговата песна, најдобриот дел од него – во вечноста која денес ете и ние ја делиме со Сејкилоса.

Марк и Елизабет стоеја пред витрината со експонатот бр. 14897. Беше тоа Сејкилосовиот столб што пее, една мала мермерна стилеја сместена во ќошот на големата витрина начичкана со различни дребни антички артефакти.

Кустоската им се доближи, ја стави маската што беше должна да ја носи во присуство на посетители дојдени да ја разгледаат збирката на Националниот музеј во Копенхаген и ги праша:

- Добар ден – им рече. – Тоа, знаете, не е обичен столб. Дали би сакале да ви објаснам за каков артефакт станува збор?

Марк се сврте кон неа. Бет забележа дека има задоволен изглед.

- Тоа е столб што ја пее најстарата песна, нели? – рече со насмевка на лицето.

- Точно - изненадено рече кустоската. – Честитам, одлично сте информиран.

- О - рече Марк - па цел живот слушам за неа.

- Да? – рече кустоската. - Како е тоа можно.

- Дозволете да се претставам - рече младиот човек. - Моето име е Марк Де Јонг.

- Доообро... - се одѕва кустоската очекувајќи додатно објаснение.

- Оваа стилеја ја открил мојот прадедо Едвард Пурсер. Ја нашол меѓу урнатините на античкиот град Тралејс во денешна Турција. Таа долго се наоѓала во неговата градина најнапред во гратчето Ајдин, потоа и во Смирна. Неговата ќерка, мојата прабаба Доротеа Пурсер мажена Де Јонг, пред осумдесетина години ја испратила оттаму во некакви тамошни воени превирања и… прилично непријатни околности... навистина не знам конкретности за тие состојби..., но во секој случај тоа го сторила за да го спаси овој столбец од можното уништување. И ете го сега тука, безбеден и подготвен да пее... – се обиде духовито да доискоментира младиот Де Јонг.

- О, па ова е фасцинантно - искрено воодушевена рече кустоската - Вие првпат ја гледате оваа стилеја?!

- Да. Постои една импресивна мермерна стела од стариот град Ефес, исто така пронајдена од мојот прадедо Ед Пурсер, која денес се наоѓа во Британскиот музеј, со посвета на обоготворениот Веспазијан... но овој столбец и јас го гледам по прв пат – одговори Марк.

- О, вашиот предок бил колекционер со висока археоошка култура - прокоментира кусотоската, за очигледното, на Елизабет ѝ се стори, по малку блазирано задоволство на Марк.

Тој задоволно го продолжи своето искажување:

- И така, тука дојдов, со мојата сопруга, за да ја видиме и да собереме конкретни информации за дел од семејното минато што таа сега го запознава, а јас лично и да ги освежам наративите со кои и татко ми, па и јас, бевме растени...

- О, да - рече кустоската, овојпат обраќајќи ѝ се на Елизабет - меѓу нив секако и поуката дека светот е мал и испреплетен, нели?

- Навистина е така – се обиде да прокоментира Елизабет на која ѝ се допадна заклучокот на кустоската која така сакаше да ја неутрализира самољубивата нота на својот, сепак особен соговорник.

- Паааа... ајде да речеме дека е така - со видлива резерва рече Марк и одново го презеде вниманието на соговорничката од Музејот.

Бет спокојно погледна во својот сопруг. Само што откри една негова, за неа сосем нова карактеристика. Пристрасноста. Самољубивата фамилијарност која сега зрачеше од него.

- Кај нас во семејството – продолжи Марк, не обрнувајќи внимание на обидот на неговата млада сопруга да искаже свое мислење - спасот на овој столбец се врзуваше за приказната дека тој ќе продолжи да ни пее и да ни порачува нешто многу важно... на целиот свет, не само нам во овој негов дел!...

- Да? - се заинтересира кустоската - а што би било тоа?

- О, па тоа... дека оптимизмот треба да сјаи секојпат, кај сите. Дури и во вакви времиња презаситени со глобални...како да речам...проблеми. Дека оптимизмот е суштината на секое време и на секој простор...

„Како може да извлекува ваков заклучок, по сите информации што толку заинтересирано ги следи на својот Alarm phone“ - си рече Елизабет, цврсто решена тука повеќе да не зборува... Не разбираше од каде кај него произлегуваше такво мислење што еве го икажува со искрена увереност - особено по агенциските вести на кои е вклучен и што толку заинтересирано ги следи, по вестите од интернетпорталите што редовно ги отвора, по телевизиските канали што најчесто ги гледа... за трагедиите на бегалците од Азија и Африка, за удавените жени и деца, но и за милионите мртви во пандемијата на Ковид 19 што, еве, веќе трета година не прекинува да коси човечки животи и да осакатува семејства, низ целиот свет, и којашто пред две години ги однесе мајка ѝ, вдовица и нејзината помлада сестра со која заедно живееја во стан во предградието на Амстердам, а пред половина година и Hendrik, нејзиниот осум години постар брат, по стресот поради губењето на работата што му обезбедуваше егзистенција нему, а на неговите две сѐ уште малолетни деца во последно време и алиментации по неодамнешниот развод со жена му, една, енергична, сега самохрана Украинка која, по неговата смрт, со двете деца се врати во својата земја со години упадната во неспокој, во немири, судири и во сѐ поизвесна скорешна војна... Пред малку ѝ се беше јавил токму помладиот внук, од мобилниот телефон на татко му. Бет почувствува како кожата ѝ се ежи.

„Каков оптимизам, човече“, ѝ надојде нов студен бран од мисли што одново ѝ ја намовнаа кожата, „кога продолжуваат масовни умирањата од вирусот на Corona во сиромашните држави на Третиот свет каде што вакцините почнале да стигаат со колосални задоцнувања сѐ додека богатите држави, земјите ‘од Првиот свет’ не се презаситија од европските и американските имунолошки и фармацевтски пратки... Оптимизам со изгладнетите деца и бебиња на Африка кои пред камерите на документарните емисии „за подигање на свеста“ умираа - на испустените, празни црни дојки на мајките на кои не можеше да им се одреди возраста - од уште постарата епидемија, од сиромаштија, загадените води за пиење, масовната глад за кои светот нудеше само „подигната свест“ по пат на слики и кампањи на хуманитарните и невладините организации, не е и вистински лек... за јакнењето на екстремизмот и тероризмот, за колежите на муслиманите Рохинџа во Мјанмар, за децениските страдања на Палестинците, за новиот антисемитизам на исламските екстремисти и на белите супрематисти во Америка, но и во Европа која се повеќе хипокритски се затвора, станува сѐ поцрна наместо зелена, десничари и се нацизира;... за срамното повлекување на Американците од Авганистан и за враќањето на Талибанците во Авганистан, за жените робови на местата кајшто владееше и сѐ уште владее Исламска држава, за трговијата со луѓе и со човечки органи, за многугодишната војна и масакрите во Јемен, за земјите кои светот речиси сосем ги заборави, за војните што во овој момент буктат и што уште повеќе ќе букнуваат во воинствениот театар на третиот свет, за поделениот Трет свет на малите богати емирати примерно претворени во нафтени рајови за менаџментите на мултинационалните компании, американските олигарси, за арапските богатници и за балканските тајкуни, за „новите руски“, милијардери и за среќните потрошувачи од средната класа на која пред само неколку години ѝ припаѓаше и сега уништеното семејство на брат ѝ кога ѝ испраќаа фотки по мобилните телефони од патетичниот ентериер на хотелот Burj Khalifa од Дубаи на кои, гушнати, срдечно насмевнати и тогаш очигледно среќни, ја гледаа Hendrik, снаа ѝ, и нејзините два преслатки внука со кои, за жал, веќе имаше поретка комуникација...

Како е можен оптимизам на бегалците од блиските држави во кои истата таа нафта, тоа рафинирано течно злато за едните, за другите стана проклетство, пеколно „црно злато“ за жените, децата, момчињата и мажите што имаа средени домови и животи во поранешните авторитарни но и социјални држави, а сега со „увозот на демократијата“ на крилата на бомбардерите, станаа бездомници кои умираат по патиштата или остаруваат пред време, со години барајќи спас од војните и бедата на нивните, во некои други, далечни, едвај досегливи „ветени земји“; и што не престануваат во еден нов библиски номадизам, во бескрајни замолканти колони да талкаат преку пустини, планини и преку мориња што по туѓи брегови и непознати острови им ги исфрлаат телата што нема да бидат извлечени од спасувачките бродови на европските поморски власти; што станаа бездомници кои спасот го бараат во Средоземно Море, некогаш врска, мост, pontus, денес негостољубива, длабока модра препрека за страдните луѓе од осудениот дел на светот; или да умираат по бегалските логори кои ги плаќаат богатите држави и меѓународните организации под нивна контрола, за да ги спречат бегалските бранови што пред тоа самите ги произведоа, разгорувајќи вооружени конфликти и пламнати нафтоносни војни...

Каков оптимизам може да има во свет на сѐ помасовно масакрираните луѓе на кои не им се знае ни бројот, ни почивалиштата по пустелиите на нивните земји изриени од артилериски оган и од авионски бомби и проектили со електронско наведување, во кои и покрај тоа, пламтат испустните цевки за гас на огромните постројки, добро обезбедени, нафтени комплекси, што по ослободувaњата од поранешните домашни државни диктатори и автократи, денес се – по сила на приликите и особено според приликите на сила – попаднати во сопственост на мултинационалните компании, но и на странски инвестициски фондови, новосоздадените и стари семејни фирми на водечки политичари, на нивните сопружници и деца, од таканаречениот „слободен свет“ што ги обезбедуваат масовните извози на црното злато за кое, за деценија-две, со новите еколошки политики кои целено се одолговлекуваат, ќе секне интересирањето за овие фосилни горива и тогаш веројатно тие несреќни, големи земји што окупираат древни културни простори, ќе ги остават на мир, за потоа макотрпно, без старите големи нафтени профити, исцрпени, осиромашени, загадени, да се извлекуваат од под воените урнатини, да ги реновираат зградите, јавните објекти и куќите по гламносаните фосили од градови, и со неколку генерации да ги лечат раните понижените и долгорочно уништените држави токму на Блискиот Исток од кајшто потекнува овој музејски артефакт, овој столбец што пее стара, благородна песна, во светот кој и низ вековите, но денес особено - е слеп и глув за оној другиот, за различниот, за инокожиот, иноверниот, инородниот, инаквиот, за немоќниот, за оној со сила оттурнат на другата, понижена, колонијална страна во бессовесното, безобѕирно владеењето на една врз друга човечка заедница, вера, нација, род, раса...

За човечките страдања во ова време во кое никој друг – дури не ни медиумите кои вообичаено ги разубавуваат нештата или создаваат лажни вести, слики и ситуации, „мемиња“ и видеа, градејќи го симулакрумот на ова време на пропагандни лаги и на сликовни разубавување, на информативни прелаги, на фотошопирана стварност на која ѝ се менува грдиот депресивен, oбесчовечен, потрошувачки лик и се продава како дизајнирана, генетски модифицирна убавина; една сеопшта лага на капитализмот на врв од агонијата на егоистичкиот пароксизам, што нејзините пропагатори и теоретичари ублажено, еуфемистички заматено, сакаат да ја именуваат постстварност и пост-вистина – туку само ова музејско парче мермер, овој погребен столбец на еден добро расположен поет и музичар – епитафно пее оптимистички песни...

Оптимизмот - остро просудува - во вакви времиња е најневозможното нешто.

„Кој е сега“, молскавично ѝ струи низ главата, нејзиниот сопствен оптимизам со загубата на најблиските во пандемиската катастрофа на споулавениот свет, исто како и во случаите на оние други луѓе што во војна или во друга масовна несреќа ги изгубиле блиските и најсаканите?... Нема разлика ако се почувствува болката на таа загуба. Освен до колку човек сака да се залажува... Или да ги залажува другите. На ум ѝ падна дека светот е поделен на два дела и дека овој дел од светот на кој му припаѓа Марк со својот i-Phone 2021 на кој ја билда свесноста споделувајќи само текст и слика од драмите и трагедии што се случуваат истиот момент, всушност ја смирува совеста, како впрочем и сите останати, за трагедиите на светот од другата страна на рампата, седејќи безбедно во гледалиштето на новата реалност, пиејќи средноевропски пива, aquavit, glogg, вотки, еспреса и мокачина по допадливо дизајнираните бистроа и кафетерии од средениот, мирен дел на светот, додека отспротива во крвавата арена се случува најпесимистичката, најмасовната и најтрагичната драма што било кога се одвивала низ историјата...

Сакаше сето тоа да му го каже на Марк, сега, пред оваа жена која ја преокупира сладникавиот говор на Марк, што во нив двајцата гледа со очигледна симпатија, која работи во музеј и живее од спомените на светот, бездруго и од сопствените... Тој забележува дека Бет сака нешто, но во тој миг кустоската нежно погледнува во младиот брачен пар. „Навистина се убави“, помислува таа, но смета дека е непристојно тоа директно да им го соопшти, па спокојно дозирајќи си ја возбудата, тивко, како што се зборува во музеј, им се обраќа:

- Многу ми е драго што ве запознав – им вели со светнати очи – верувајте, денес и мене ми вративте зрак оптимизам.

Кога Марк со гримаса низ задоволен израз ја праша својата сопруга „што ти е?“, веќе беше доцна за соопштувањето на нејзиното критичко мислење. „Ништо“, немо возврати Елизабет тргнувајќи ги очите и главата на страна. Ќе му каже другпат. Не сакаше да ја расипува оваа идила на музејски оптимизам што прозрачи од она парче мермер зад витрината, од самољубивоста на маж ѝ, па и од искрениот исказ на оваа средовечна, очигледно осамена и за момент озарена жена. Мора да размисли уште за нештата. Тие уште појасно ќе се манифестираат во блиска иднина. Потоа секако сѐ ќе му каже.

- Захра! – крикна Харун и не му беше грижа што со тој извик ги сепна сите останати бегалци од групата – Захра, мила!!!

- Хабиб, хабиб…Харун! – викаше таа од другата страна, не осмелувајќи се да му ги искаже со збор, освен со тонот, долго копнеените и мечтаените љубовни искази...

Тој тон што Харун сосем го разбра, го озари, му го возбуди срцето, му го забрза крвотокот и му ја врати силата. Скокна на нозе, како Захра да е близу па станува да ја пречека…

Зборуваа кратко, додека не му се потроши батеријата на новиот, кој знае кој по ред, ефтино прекупен телефон, но Захра сепак успеа да му каже дека стигнала кај вујко ѝ, дека е со двете сестри, веќе без мајка ѝ и без една од сестрите… Му рече дека неговите родители се живи и се наоѓаат во Дамаск, дека конечно успеала да ги добие и дека сите тие се обидувале да го добијат и него, но го немале неговиот нов контакт...

Срцето забрзано му удираше. Стана уште посигурен дека вечерта ќе ја помине и оваа граница, и дека ако тоа не биде оваа, ќе биде некоја друга вечер, но дека ќе ја помине и оваа и секоја друга граница и дека ќе оди кон неа, колку што може и колку што треба, ако е потребно и целиот преостанат живот.

(20) Alarm Phone (@alarm_phone) / Twitter