Снежана без седумте џуџиња

17.02.2023 11:54
Снежана без седумте џуџиња

 

Прочитав дека компанијата Дизни одлучила да ги исфрли џуџињата од приказната за Снежана („Снежана и седумте џуџиња“ само без џуџињата; не знам зошто веднаш не ја исфрлат и Снежана?) за да се избегне навредување на лицата со џуџест раст.

Па, си реков, да кажам збор-два за тоа. Освен неверојатното неразбирање на фактот дека бајката не може и не мора да се изедначува со буквалните вистини, тоа е уште и задирање во митологијата.

Џуџиња рудари постојат во митологијата поодамна од Снежана. И кај Толкин народот џуџиња живее во пештери под земја и ги експлоатира рудите (секако дека и самиот Толкин го преземал тоа од постојниот митолошки корпус). Бидејќи прадалечната историја и митологијата се испреплетуваат, овие митолошки претстави се поврзани со времињата кога нашиот предок почнал да го користи рудното богатство. Секако дека луѓето со понизок раст, но силни и подвижни, имале предност ако требало да се ископаат ходници и во нив да се движат во потрага по драгоцена руда.

Но, добро. Предлагам кога ќе се црта акробат на трапез денешните бајкотворци да не цртаат веќе нужно витка, подвижна и мускулеста личност за полничките, незаинтересирани луѓе за спорт да не се почувствуваат повредени. Зошто кошаркарите би биле високи? Зошто пејачите да имаат слух?

Сè на сè, кога бајките, митовите и уметноста ќе почнат да се менуваат заради погрешно сфатената политичка коректност - секако дека суштината ќе биде изгубена, односно нивното совпаѓање со динамиката на психата. Таквото совпаѓање од памтивек ја извршувало својата функција во човечките заедници, помагајќи им на децата и возрасните на нивните транзициски патеки, во нивниот нормален развој.

Кога бараме претставите во митологијата, бајките и уметноста да се сведат на нашиот секојдневен живот, ние ја осакатуваме сопствената психа, ѝ ја одземаме енергијата, ја правиме заробена и неспособна.

(На крајот на краиштата, ајде тогаш да бараме од бајката да се исфрли и маќеата. Следните категории жени би можеле да се чувствуваат навредени: жените кои често се гледаат во огледало, завидните жени, злите жени, жените кои стареат, жените кои се премажиле, жените кои сакаат да изгледаат убаво, жените кои подаруваат јаболка, жените кои половина ден се убави кралици а половина ден стари, грбави вештерки итн. Можеби оваа група најразлични жени има повеќе членки отколку сите луѓе со џуџест раст. Значи, прво да се исфрли злобната маќеа. Да, да. Да му пишеме на Дизни. Да ги исфрли Снежана и маќеата, зашто тој однос ги навредува сите жени нагласувајќи ја тензијата меѓу младите и старите. Сепак, најдобро да останат џуџињата. И сиромашкиот принц кој ќе се измачи по шумите и горите барајќи ја идеалната драга, Снежана, Жената што ја нема.)

Превод: Алек Кузмановски

ОкоБоли главаВицФото