Нашето небо полека ја губи височината?

17.02.2023 13:05
Нашето небо полека ја губи височината?


Точно пред 30 години излезе една од најдобрите македонски стихозбирки, „Прстен на времето“, од Србо Ивановски. Од таа речиси незабележана збирка од тој речиси заборавен а извонреден писател, пренесуваме осум актуелни и болно живи песни.


Љубовна песна

Не ме пресретнуваат оголените птици.
Дали воопшто летам
или избрав повисок пат од нивниот?

Животните меѓу трњата се котат
а веќе попладне го лижат мебелот
и шетаат по нашата спална.

Не фрлај ми ги в лице
бесмислените закани.
Молчењето прекрасно ти стои.

Во три посакав да умрам.
Во пет го купив јажето.
А во осум водевме љубов, нели?

Утре ќе се запишам
во најблиската детска градинка.
Ќе седам на мал стол.
Ќе се потпрам на сниската маса.

Сакам повторно да учам
да плачам и да се смеам.

 


Твоето искршено лице

Стојам пред тебе
а куќата се урива
како да е градена
од нашите рани

Стојам пред тебе
катовите паѓаат
еден преку друг
а гласовите
меѓу нас

И не сетив кога
прозорецот ги фрли
врз мојата глава
искршените парчиња
на твоето лице.

 

Затруен дожд

Велевме: паѓа на нас
отровното семе
на затруеното лето.

Она што во каменот
населува
смртен белег.

Ти се обидуваше да ги скриеш
со розовите дланки
срамните места

А меѓу прстите
ти се цедеше
насмевката на мртвиот демон.

Велевме: Тоа паѓа на нас
отровното семе
на затруеното лето.

А мислевме: И порокот и невиноста
на ист начин
нè исмејуваат.

 


Вратата на ноќта

Пеперуги со оловни
крила
по цвеќињата

Убавината има
стрпливи двојници

Зјае вратата
кон полето
со мермерна трева

Ветрот трча
по нечии гласови
што се чинат детски

А кога ја вглавивме
вратата во шарките
ноќта излезе.

 

Бегство

Тоа е поинаков говор
друг плач
додека дождот ги пушта
љубопитните змии
по стаклата
на прозорецот
додека јас уплашено
ги кријам прстите
од студот на нивниот отров.

А ти, брзонога,
трчаш по лисјата на октомври,
трагаш по остатоците
на насмевот,
ја затвораш вратата
на сеќавањето.

Меки облаци
ти ги завиткаа крилата
о, Душо, исѕемната
во поинаков лет.

 


Средба со змија

Ти си вистинска мудрост
или возбудливо предавство
на стравот и суптилното везило.
Студ ѝ ги одзеде боите на тревата
додека во бранови минуваше.

Сакав да ти сторам пат
Но патот каде води
ако ја одмине нашата намера?

Една бубачка со танки нозе
трча по мојата напната кожа
како по најгуст камен.

Никако да го сместам
во пристоен насмев стравот.

 

Запис

Понекогаш исчезнува големиот свет.
Наеднаш завладува
смешното безредие
на некорисните нешта.
Стоиме зачудени
пред тоа нараснување
на збунетоста
јас и малата
исплашена птица
со црвен клун и тенка темна линија
од вратот до црниот опаш.
Тукушто слета на мојата трпеза во дворот
речиси до корупката на раскошниот плод.
Но не знае како да го начне.

Премногу сме приземни.
Владееме со умешноста
да се наднесуваме над бездната
како и големите грабливи птици
што гладот ги води
а не страста за летање.

Или и нашето небо
ја губи полека височината.

 


Обични нешта

На улица пролеаната крв
студенее и на лицето
црвенее и во говорот

На едниот плочник една рана
на другиот друга

Октомвриско слекување
на дивите костени

Не свикнуваме лесно
со умилкувањето на смртта
Па сепак ќе нè потиснат
пораките на годините

Вистината е во коренот
цутот е шарена прелага

Колку е поизморено
телото е поблиску
до сопствената сенка

Но зошто да зборуваме за нештата
со кои заедно легнуваме
заедно стануваме.

 

Избор: П. В.

Цртежи (графики): Катја Ланг

Извор за песните: Србо Ивановски, Прстен на времето (Култура, 1993)

ОкоБоли главаВицФото