Осмиот ден

19.02.2023 19:45

По седумдневната
национална жалост
беше соопштено
тоа што цел свет го знаеше:
катаклизма од библиски размери
го беше зафатила
пограничното подрачје
на Турција и Сирија.
Бројот на жртвите
се зголемува и ќе расте.
Ене, месечар се препина
од купиштата урнатини
во напорот низ темнината
да стаса до прегратките на месечината.
Вергилие попусто го клати фенерот,
ветрот веќе го собрал месечарот
како лист од дрво.
Ветрот дува што дува ама и потсвирнува
новата соната за крајот на светот.
Бумбарите нервозно танцуваат
околу китките, се дурираат меѓу себе
во темната прав на урнатините.
Спасителите под тешкиот товар на судбината
избезумено газат врз урнатините
каде што се затрупаните коски на најблиските им.
Рибар потпрен на веслата не знае што попрво:
да плаче ли, да пцуе ли!
Денес, на осмиот ден од катаклизмата
пристигнала и хуманитарната помош за Сирија
од Европската Унија , под чии санкции
доцни добрината во Алепо, најстариот град на светот.
Осмиот ден една сириска тинејџерка,
убавица на мајка и на татко,
низ солзи ја презре
декларативната добрина на светот:
деца сме, има и помали и постари од мене,
седум дена сме жртви на катаклизмата,
седум години преживуваме во војна,
седум дена никаква помош не сме добиле,
немаме ништо што му е потребно
на нормалниот човек, ама баш ништо,
аман помагајте дури не сме испоумреле!
Во заднината на нејзиното обраќање
тажно лаеја кучиња,
и тие ги повикуваа добрите луѓе.
Сѐ што е небесно беше шашардисано
- ѕвездите совладани од зраците на смртта.
Осмиот ден весниците објавија
дека песот-херој извлекол
уште едно лице од под урнатините
а на твит-фотографиите
срцето на светот му го стопли
извлечено по 128 часа подземи
спастрено, насмеано, кутрото,
пргаво, со разиграни црни очиња
сака да каже дека заслужува да живее
и да се вика Надеж.

 

ОкоБоли главаВицФото