Жртви на земјотресот, жртви на државата

20.02.2023 03:40
Жртви на земјотресот, жртви на државата

Бројот на загинати во земјотресот кој на 6 февруари го погоди југот на Турција и северот на Сирија сè до 15 февруари се искачи на повеќе од 41 000 луѓе, од кои 35 000 во Турција, а бројот на смртно настраданите сè уште се зголемува. По една недела, операциите за потрага и спасување по една недела почнаа да се ближат кон крајот зашто шансите за наоѓање преживеани се намалија до речиси невозможно ниво во услови на температури и до минус 10. Меѓународните организации проценуваат дека дури на 26 милиони луѓе им треба хуманитарна помош, па сега во фокусот се доставувањето шатори, храна и други потребни нешта, посттрауматскиот стрес и избивањето заразни болести. Како што со секој нов ден се намалуваа шансите за пронаоѓање преживеани, така и во медиумските анализи фокусот се преместуваше од непосреден хуманитарен аспект на оној политичкиот, пред сè во Турција, каде одговорноста за размерите од последиците на природната катастрофа сè повеќе ѝ се припишува на владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Досега, најразорен земјотрес кој некогаш ја погодил Турција беше оној во 1999 година во близина на Истанбул. Тогаш загинаа 17 000 луѓе, а финансиската штета беше проценета на 23 милијарди американски долари. Бидејќи Турција е сместена на изразено активна и комплексна земјина пукнатина, тогаш владата со помош на Светската банка донесе програма за обнова од земјотреси. Програмата вклучуваше донесување специјален данок чии средства се слеваа во посебен фонд и построги правила за градење во земјата со 85 милиони жители, а подоцна и милиони бегалци од сириската војна и хроничен проблем со домувањето.

Три години подоцна, на крилата на лошиот одговор на власта на оваа катастрофа започна и молскавичниот подем на партијата Правда и развој (АКП) на Ердоган, чија програма во следните 20 години се темелеше токму на политика на континуирана и слабо контролирана градежна експанзија. Но градителската опсесија на Ердоган, која вклучува 300 000 квадрати простран и 1,2 милијарди долари вреден Претседателски комплекс во Анкара, во своите темели имаше неспроведување и кршење на градежните правила, коруптивни договори со градежната мафија и периодични бранови „амнестии“ за десетици илјади непрописно изградени згради. Со специјалниот данок беа собрани 3 милијарди долари, но не е познато како се потрошени парите. Во сегашниот земјотрес се оштетени или срушени повеќе од 170 000 згради, па сè поголемиот бес на населението владата ќе се обиде да го пригуши со симболични потези - издаде околу 130 налози за апсење лица кои се непосредно одговорни за најеклатантните случаи на кршење на прописите и формираше „специјални истражни единици“ во најкритичните подрачја. Меѓутоа, индикативно е тоа што Ердоган два дена по земјотресот во градот во близина на епицентарот јавно вети дека секоја срушена зграда „повторно ќе биде изградена во рок од една година“. На погодените подрачја АКП на изборите добиваше и над 75 проценти од гласовите, па сега на големо се шпекулира и дека изборите закажани за средината на мај ќе се одложат и покрај прашалната уставност на таквиот потег, за владата да ги санира политичките импликации од земјотресот.

Ако за случајот со Турција со сигурност може да се констатира системска одговорност на државата за размерите на човечката и материјалната штета, сириските жртви од земјотресот истовремено се и жртви на практично целосна дисфункционалност на државата предизвикана од 12 годишната граѓанска војна. Шефот на ОН за хуманитарни организации Мартин Грифитс една недела по земјотресот изјави дека меѓународната заедница „ги оставила на цедило луѓето од северозападот на Сирија“ и дека тие „чекаат меѓународна помош која не доаѓа“. Меѓутоа, главниот секретар на ОН, Антонио Гутереш успеа да го увери сирискиот претседател Башар ал Асад да отвори два гранични премини со Турција за да се формираат коридори за достава на хуманитарна помош. Дотогаш единствен отворен премин беше оној на северозападот, единствениот преостанат дел од земјата под контрола на бунтовниците. Претходните обиди на ОН со резолуција да го авторизира формирањето хуманитарни рути со вето беа спречени од страна на Русија и Кина, повикувајќи се на кршење на суверенитетот на Сирија бидејќи ал Асад тогаш одбиваше да ги отвори премините. Иако на почетокот се тврдеше дека бунтовничката група Хајат Тарир ал Шам, која управува во регионот на Идлиб, ја одбива помошта која доаѓа од Дамаск, нејзините претставници преку новинарите на терен апелираа да им се испрати помош која им е потребна на речиси 5 милиони луѓе. По земјотресот САД воведоа шестмесечна суспензија на санкциите против сирискиот режим, а се очекува истото да го направи и Европската унија. Освен тоа, последниве денови Асад е во контакт со лидерите од низа арапски држави, па сега се претпоставува и дека сирискиот диктатор оваа ситуација би можел да ја искористи за сопствена меѓународна политичка рехабилитација.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото