1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Реакцијата на неодговорното и неприлично интервју на Латас и неговите реминисценции беше брза и решителна и веќе е многу кажано на социјалните и печатените медиуми. Јас би сакал да се осврнам на еден друг перформативен чин на соговорниците.
Меѓу другото, мене особено силно и погубно ми одекна нервозното и невротичното смеење на постапките на насилникот, главниот мангуп во маалото, водачот на маалската банда, заштитениот од некоја погорна полуга на моќ, во овој случај таткото со полициски врски.
Тој звук премногу често се слуша во муабетите во кафаните, на клупите, пред кладилниците кога се раскажуваат "легендарните" анегдоти за "хероите" во нашата средина, еден вид на колективен аплауз за нивните манифестации на моќ за кои сведокот имал "чест" да биде присутен или да му биде раскажано. Тоа може да биде приказна за тоа како се изживувале врз некој послаб или маргинилизиран несреќник, како го "заебале" системот, како украле, подметнале или уништиле нешто без да бидат казнети, а се разбира неизбежни се фалбите за освојување и доминација врз жените, како што е во случајот со Латас.
Тој кикот-аплауз е признание за пораз пред таа моќ, слабост и немоќ да се измени или да и се спротистави, прислужничка молба да се биде поштеден, но и желба да се биде дел од неа, да се колвнат трошките што локалниот газда ќе ви ги фрли, можност да го копирате на некои јадно микро ниво па и вие да ја имате "привилегијата" да се иживувате или да малтретирате некого. Конечно, во тој кикот-акламација лежи желбата да се биде еден ден во истата позиција на моќ, тој еден од толпата што ќе се издвои и ќе биде следниот мангуп, газда, лидер.
Латас самиот се фали дека пораснал во тоа милје, воспевајќи го до ниво на вредносна максимала, нешто што треба да се брани и чува од овие "напредните" и "либералните". Целата негова новинарска и медиумска кариера го потврдува тоа. Нема да ја заборавам неговата изјава, уште кога им служеше на левите на власт, дека е расипан заб кој треба да се позлати за да не ве боли главата од него. Сите овие 4 декади тој му служи на моќникот, на газдата, на лидерот кој го плаќа, ги оправдува нивните криминали и малтретирања над државата и граѓаните, под изговор дека тие го штитат "маалото", се кикоти на нивниот мангуплук, а 'ржи кога некој ќе ги нападне. Тој е песјакот во вилицата на моќта која безмилосно нè меле за да се нахрани.
За своите услуги добива (не толку мали) трошки од милијардите кои беа украдени, а имапе и свое маало каде што можеше да биде мангупот, газдата (добро де, уредник) кој своите подредени може да ги малтретира или наградува. Доволно е само да се преслуша бомбата каде со сопственикот на Сител, мислам, зборат за новинарките.
Подкастерот е само уште еден од долгата низа на маалски тинејџери кој се воодушевува на приказните на постарите, кој сака да ги замени и да ги копира, на кој му е всадено дека послушништвото, сикофанството, поданичкиот менталитет и суровоста кон послабите е единствен начин да напредува во маалската хиерархија. Потсмевај се на жртвите за да не бидеш тој што ќе биде жртвата на локалниот насилник.
Жалниот факт на оваа средина е што тој "маалски" менталитет е издигнат на ниво на битисување и организација на сите нивоа на општеството, тоа е начинот на владеење кој не смее да се смени, а тие што го критикуваат се предавници. Тоа го покажува и одговорот на оправданите реакции и осуди на јавноста, но и одбраната на засегнатите.
Тоа е борбата која сите овие години ја водиме, како да се покаже на новите генерации дека има и друг начин, друг менталитет, друга опција ова општество да иде напред и да се развива, а не да биде вечно заглавено во овој циклус на молчење или кикотно оправдување на насилството.
Слики: Свирачиња