Мртво село на ридот

21.02.2023 10:57

Граѓани на Татковината,
некои туѓи пастири ги водат
по пустите ливади
вашите мртви стада.
Вие во талкачи заминавте
Талкачи без страст за скитање
дури и без судбата на Силјан
што долг пат на враќање го чека.
Бегалци пред дождовите!
Или приврзеници на потопот!
(Помислувам на гавранот
што надалеку се крена
врз крилата на надежта.
Гавранот што трага
по својата заборавена пустина.)
На вашите оџаци
некој улав ветер
ги врти без престан
петлите од ламарина.
Вашите сенки се бркаат
во градините по есенските патеки.
Во празните одаи
некои дамнешни воздишки.
По скалите
гласови на сеќавањето.
Како да татни Тешкото
во пеколот на вашата судба.
Селото стои на ридот
и гледа со ослепените прозорци
во сонцето што секој час ќе зајде.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото