Утакмица

21.02.2023 18:44
Утакмица

 

Веднаш да кажам дека правописните декрети на јазичарите секогаш послушно ги прифаќам, колку и да ми се чинат егзотични. Пишувам „премрежиња“ наместо „премрежја“ „училиштен“ со „т“ и редовно го ставам членот среде збор во „дванаесеттемина“. Никогаш не се расправам со лектори и може да се каже дека во однос на јазикот сум вистинска пуританска фундаменталистка од најнизок воен ранг, послушна и фанатична. Единствен исклучок е зборот „утакмица“ на местото на стандардното „натпревар“, за чија употреба во јавниот говор отворено се залагам. По повод Денот на мајчиниот јазик, подготвив и аргументација.

  • Аргумент во прилог на конкретното (наспроти апстрактното): „Натпревар“ означува какво било споредување на сили или вештини чија цел е да се докаже супериорноста на едната од натпреварувачките страни. Може да биде натпревар во пеење, натпревар во извиднички вештини, натпревар во готвење. Може да учестуваат двајца или илјадници и траењето е по договор. „Утакмица“, од друга страна, означува временски точно определен период во кој, според правилата на некоја игра (најчесто со топка и најчесто фудбал) со прецизни критериуми за мерење на успехот, се одвива спротиставување на силите на две екипи со точно определен број учесници. Значи, „натпревар“ е некаков општ поим, „утакмица“ е конкретен настан. За екипни спортови, „натпревар“ е несоодветно како „исхрана“ за моцарт-топче.
  • Аргумент на емоционална засегнатост: додека „натпревар“ возбудува колку партиски состанок, околу „утакмица“ се развила цела јазичка структура за пренесување на нијансите на емоционалната поврзаност на говорителот со означениот настан на кој упатува именката и дури носи јасна социјална конотација. На пример, „вечер имаш утакмица“ зборува, прво, за приврзаноста на субјектот (кој на никаков начин, освен со длабок емотивен влог, не учествува во настанот), кон некој од тимовите кои ќе се натпреваруваат, но исто така потенцира дека соговорникот ја познава и ја вреднува таа приврзаност и дека таа е, така да се каже, официјална. „Вечер имаш натпревар“ не означува буквално ништо. Дури и некој навистина да има натпревар, тоа не би го кажал така.

  • Аргумент од јазична податност: за разлика од „натпревар“, кој е незграпен и неподатен за каква било релевантна граматичка обработка, зборот „утакмица“ одлично се витка според македонските зборообразувачки норми и на тој начин успева да пренесе богат значенски материјал. Тоа особено добро функционира со деминутивната и аугментативната форма. Така, да искористиме повторно верзија на горниот пример, во „вечер имам утакмичка“, покрај веќе спомнатата емотивната компонента, деминутивот предава информација во однос на очекувањата – „утакмичка“ значи дека од утакмицата се очекува исклучително задоволство и дека говорителот се надева на поволен исход и оттаму на видлив раст на хормоните на среќа. „Утакмичиште“, пак, се користи пост фестум и означува значајна емоционална исцрпеност комбинирана со видлива сатисфакција. „Натпреварче“, од друга страна, е дури срамотно да се изговори, иако мора да се признае дека „натпревариште“ успева да дофати определена длабочина која отсуствува во предложената алтернатива.

На тие што вечер, утре или во четврток имаат утакмичка, им посакувам „натпревариште“. На сите други, честит Ден на мајчиниот јазик.

Слични содржини

Општество / Спорт
Општество / Книжевност / Живот
Општество / Книжевност / Живот
Општество / Книжевност / Теорија
Општество / Книжевност / Став
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото