1016 hPa
88 %

12 °C
Скопје - Нед, 27.04.2025 00:59
Во неодамнешното интервју за Новости британскиот книжевник и теоретичар Чајна Миевил навлезе на терен кој левицата и левичарите често го избегнуваат. Наведуван од прашањата и потпрашањата на новинарката Ивана Периќ, Миевил искрено го положи оружјето и му пружи прилика на уредништвото за ефектен наслов: „Левицата ја кочи преправањето дека ги има одговорите“. Секој што поминал одредено време на таканаречената лева сцена и јавно или приватно застапувал леви ставови и идеи, автоматски ќе препознае на што точно мисли Миевил со преправањето. Некогаш тоа преправање може да добие облик на социјална ароганција, некогаш заговорничко премолчување и шифрирани алузии, а некогаш моралистичка изолација.
Кои се прашањата за кои антикапиталистичката левица се преправа дека има одговори? Две се клучни и очигледни: како да се спроведе револуција или да се прекине со капитализмот и што следи по него. И кога овие цели не се поставуваат експлицитно, премолчено се претпоставува дека со нив манипулира на одреден начин, дека се во оптек и дека - кога ќе се совпаднат историските околности - можат да бидат реализирани. Повнимателните левичари секогаш ќе потсетат дека не постои рецепт и дека евентуалното ново општество ќе произлезе од конкретни општествени борби, но сеедно, сите се однесуваме како некаде да постои закон со заокружено знаење за таа постапка и уредување кое со некаков вид општествена дифузија ќе продре во срцата и умовите. Дури и кога јавно го негираме постоењето на такво знаење се однесуваме како тоа да постои зашто во спротивно сè она што нè држи заедно ќе се распадне. Во ваква ситуација е тешко да се оттргнеме од впечатокот дека постои потреба за групна терапија на која секој пред сите ќе признае дека не гледа како ќе се случи надминувањето на капитализмот во нејзиниот или неговиот животен век. Или некогаш. И сосема е во ред тоа да се признае. На пример, со тоа признание не се доведува во прашање дека марксизмот е најплодниот општествен аналитички апарат кој го имаме на располагање, а кој притоа може и најсмислено да го поткрепи споменатото терапевтско признание.
Значи, сосема е нормално и прифатливо да се признае дека левицата ги нема сите одговори на современите политичко-економски предизвици. Не само што е нормално туку истовремено во себе содржи потенцијал и за пононшалантно и поригорозно дејствување. Имено, ни дозволува идеите од левата традиција кои денес се потполно проскрибирани, како на пример експропријацијата, да ги претставиме во ново руво, како нешто што претставува решение на конкретен општествен проблем, а не како идеја од минатото за која вагаме дали е премногу радикална и дали ќе ја прифатат оние кои не знаат дека заокруженото знаење за револуцијата и комунизмот постои на некој облак.
Посегнувањето по некаков вид политичка самопомош не значи дека левицата во поголем дел е сочинета од луѓе со слични психолошки профили. Додуша, многумина не би се сложиле со ова тврдење, но дури и да се во право причината не се крие во длабочините на нашите индивидуални напатени души, туку во класните позиции и неумоливоста на преминатиот историски пат. А не треба да се занемари ни амбицијата на номиналната политичка цел која многу се разликува од оние на конкуренцијата. Значи, споменатата социјална ароганција, заговорничкото премолчување, шифрираните алузии и моралистичката изолација произлегуваат од некои социјални, економски и политички причини. Или попрецизно, претставуваат речиси самоодбранбено снаоѓање во овие контексти со големи барања.
Во западниот, но и во источноевропскиот свет, современата левица регрутира најмногу членови и симпатизери од онаа класа која Никос Пуланцас ја нарече нова ситна буржоазија. Во неговиот случај самата категорија е малку преопфатна за да би била оперативна, но за оваа прилика ќе утврдиме дека во неа, меѓу другите, спаѓаат вработените во академијата, јавниот сектор, културата и културната индустрија, дигиталниот маркетинг и цивилниот сектор. Токму во овие сектори има повеќе причини за наследување на левите идеи но тие не се предмет на овој текст-скица. Меѓу класните обележја на вработените на овие работни места се истакнуваат образованието, културниот капитал и склоноста кон експертиза како своевидни општествено-културни маркери. А од нив произлегуваат и социјалните рефлекси како стравот од признавање на незнаењето, третирањето на знаењето како достапен ресурс за сите без оглед на класното и социјалното потекло, општествените аспирации засновани на индивидуално признание и самовреднување кое често се исцрпува во уживањето на сопственото знаење и туѓото незнаење. Сите тие рефлекси се мошне непријатни ако клучна политичка задача ни е масовната мобилизација. А постојаното каскање во таа насока ја влече потребата за претпоставеното заокружено знаење со кое, ако ништо друго, сме во постојан дослух.
Класната позиција создава и страв од политичка неавтентичност. Тоа се однесува на недоволен допир со „вистинската“ работничка класа и неуверливоста на политичкото говорење во нејзино име. Таквиот став често се компензира токму со кладењето дека, иако не можеме да зборуваме во името на работничката класа, знаеме каква е нејзината улога во светската револуција. Кладењето пак доведува до одредена парализа на дејствувањето, особено во контекстот во кој работничката класа снаоѓањето во современиот капитализам главно го заснова на индивидуални, а не колективни решенија. Помалку парадоксално, парализата генерира поцврста прегратка со споменатото заокружено знаење и дослух со вистинската страна на минатото без оглед што точно се одвивало во тоа минато. Значи, се случи ироничен пресврт во однос на нашите социјалистички претходници од 20 век. Додека тие често се потпираа на историскиот детерминизам и речиси судбински загарантираното фазно доаѓање на социјализмот, ние се потпираме на апстрактниот детерминизам на нашето знаење кој ни гарантира опстанок во светот на социјалистичките идеи. Треба само да се има на ум дека таа парализа и немоќ не се резултат на недостатокот на нашите политички капацитети или генерациската култура туку исход на менувањето на класната структура и претходните политички борби во кои е поразена левицата. Патот за надминување на таквите ограничувања би требало да започне со првиот чекор кој можеме да го наречеме класна самопомош. Ако ништо друго, барем манипулираме со апаратот кој е нужен за таа постапка.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Julien Malland
Извор: https://www.bilten.org/