Руски експанзионизам, западен триумфализам

24.02.2023 13:10
Руски експанзионизам, западен триумфализам

 

Словенечкиот филозоф Славој Жижек зборуваше за независниот руски портал Медуза за руско-украинската војна како дел од глобалниот идеолошки конфликт, при што Владимир Путин се здружува со другите авторитарни режими за да создаде нова, ултра конзервативна оска на глобална моќ. Жижек признава дека е песимист и го предупредува западот да не се занесува во чувството на морална супериорност. Неофашистичкиот идеолошки пресврт кој сега им служи на Путиновите империјалистички амбиции не е специфично руски проблем, туку студија на случај дека нештата можат да тргнат наопаку кога политичката конкуренција ќе се сведе на борба меѓу олигарсите. Ова е скратена верзија од интервјуто изворно објавено на руски јазик.


Потсетник од деведесеттите

Не гледам никаква можност некој специјален авион да ги донесе Путин, Медведев и останатите во Хаг, без пред тоа Русија да се промени. Така што, наместо да го демонизираме Путин би требало да го разгледаме потеклото на оваа ситуација и да се прашаме каде згреши Западот во деведесеттите години на минатиот век, зашто секако не е невин во сето ова.

Погледнете го парадоксот на Русија од ерата на Елцин: договорот помеѓу постсоветска Русија и западните земји значеше дека Русија ќе биде признаена како една од суперсилите, но под услов да не се однесува така. Западот продолжи во опортунистички манир - „Ајде да ја искористиме приликата и да ја ослабиме Русија“. Процесот на приватизација во Русија отиде во погрешен правец: неколку олигарси почнаа да ги грабаат сите големи природни ресурси - и добивте капитализам во своето најмалку продуктивно издание. Така што мислам дека корените на оваа катастрофа, корените на авторитарноста во периодот на Елцин (со сите симпатии за неговата навистина тешка положба).

Земете го Елцин во 1993 година кога ги извади тенковите, го гранатираше парламентот и ги прошири претседателските овластувања: тоа е она што го сакаат повеќето луѓе. Затоа сум песимист - навистина мислам дека луѓето всушност не сакаат целосна демократија. Тоа значи голема одговорност. Луѓето сакаат режим кој не е терористички, каде можете да се потпрете на владеењето на законите, но режим на кој можете да му верувате, кој барем остава впечаток дека знае што сака. И затоа она што се случува сега со Русија е резултат на годините на Елцин. Путин не го создаде тој поредок - тој само го преуреди.

До катастрофа дојде зашто политичкиот плурализам прерасна во конфликт помеѓу олигарсите. Тоа не е специфично руски процес. Што мислите дека сега се случува во Америка? Луѓето како Џеф Безос или Илон Маск во извесна смисла исто така се олигарси. Сега гледаме дека некои блиски сојузници го напуштаат Путин и се караат меѓу себе. Ова е исклучително опасен момент, но јас апсолутно не сум против Русија како држава или против нејзините граѓани. Сето тоа е многу тажно. Номинално „политичката“ борба за власт добива облик на конфликт меѓу олигарсите и тоа мошне отворено. Евгениј Пригожин го напаѓа министерот за одбрана Шојгу. Сериозна држава не може да си дозволи платеничка група да зборува дека е најефикасна група на фронтот итн. Тоа е опасно и многу ме загрижува.

 

Јазикот на непријателството

Друго работа што ме загрижува во врска со Русија е она што ми го зборуваат некои мои пријатели: „Слушај, не ги сфаќај премногу сериозно сите работи за изопачените западни вредности, ЛГБТ+, содомијата, сатанизмот, што и да е. Тоа е само идеологија. Тоа нема врска. Русија, всушност, само сака дел од Украина.“

Па дали е баш така? Не потценувајте ја материјалната сила на идеологијата. Погледнете го нацизмот. Антисемитизмот како идеологија предизвика страшни практични последици. Трагедијата е во тоа што Германија која веќе ја губеше војната го спроведуваше холокаустот до самиот крај. Некои високи претставници како Алберт Шпер се обидоа да го ограничат неговиот дофат, со предлог, наместо да се убиваат Евреите, сите способни мажи да се испратат на работа итн. Но преовлада тврдата линија и се плашам дека не можам да ја прифатам таквата прагматична теза дека сè се сведува на материјална моќ или парче територија. Секако, поголем дел од луѓето се циници. Не ја сфаќаат идеологијата сериозно. Но таа секако функционира, без разлика дали верувате во тоа.

Една критичка забелешка која ја имам за Украина е тоа што нивната главна поента, „Ние ја браниме европската цивилизација од варварските орди“, помалку ми наликува на Александар Дугин кога зборува за „руската вистина“ и држењето на Европа на дистанца. Погледнете ги САД каде левицата и десницата комуницираат со јазикот на насилството. Америка е на раб на граѓанска војна. Повеќето републиканци не го сметаат Бајден за легитимен претседател. Трамп неодамна рече дека во борбата за слобода (како што ја разбира тој) е дозволено да се крши уставот. Значи, токму како левичар велам, не играјте си со оган. Имаме глобална криза со глобални идеолошки конфликти кои немаат никаква врска со „евроазиските вредности“ или „западната декаденција“.

Сега ќе кажам нешто страшно. Покрај сè што го напишав против Путин, еднаш тој кажа нешто заради што речиси почувствував наклонетост кон него. По повод еден еврејски празник рече дека Русија сака да изгради мултикултурално општество во кое Евреите, муслиманите и будистите би можеле да имаат сопствено место. Тоа ја поставува Русија како мултикултурална држава наместо „нормална“ национална држава и мислам дека Русија заправо би требало да го гради својот идентитет во тој правец. Тоа би требало да биде источна верзија на Европската унија. Би можела да биде поцентрализирана од ЕУ, можам да кажам дека тоа речиси и ми се допаѓа, зашто за да биде ефикасна, на самата ЕУ ѝ е потребна повеќе корпоративна централизација - не само за да биде во состојба да одговори на војната, туку за да ги решава еколошките кризи, проблемите со имиграцијата, здравството итн.

Значи, не мислам дека Русија треба да стане национална држава од западен тип. Дури мислам дека можеби беше грешка што се дозволи да се распадне Советскиот сојуз. Да бидеме јасни: имаше премногу културални разлики во однос на земјите како Летонија и Естонија. Во ред, оставете ги на мира. Но другите делови можеа да бидат вклопени во плуралистичкиот модел. Тука ја гледам пропуштената прилика. Наместо тоа, погледнете кои денес се главни сојузници на Русија. Кина (условно), па Иран и Северна Кореја. Тоа е мошне загрижувачки.

Ако една земја премногу се потпира на своите природни ресурси, извозот на нафта, храна или житарици, тоа ја прави инертна и може да им отвори пат на новите облици колонизација. Ја имаме Украина и нејзината борба за слобода. Го поддржуваме тоа. Совршено, но дали во случајов западот навистина е непристрасна страна? Ајде да видиме што се случува во Украина, политички и економски. Прочитав дека една третина од најдоброто земјиште е во приватни раце или во сопственост на некои од западните компании. Тоа е западна економска колонизација.

Пронајдов видео снимка(ЛИНК) од Владимир Зеленски како водител на руска новогодишна ТВ програма. Тоа беше во 2013 година, сè уште беше комичар. Тоа видео прикажува идилична слика на Украина како посебна држава во која луѓето зборуваат руски без огорченост и сите се сложуваат добро. Трагедијата на инвазијата е во тоа што ја уништи таквата можност. Но повторно, и покрај сè, Русија не е единствен остров на злото во светот. Тоа зло се шири насекаде.


Руската идеологија во потрага по сојузници

Кога изби војната многу мои познаници потајно посакуваа брза победа на Русија. „Извесно време ќе негодуваме“, мислеа, „но набрзо сè ќе биде готово“. Украинскиот отпор за многумина на западот беше изненадување. Второ, постои една стара левичарска предрасуда дека кога ќе се вмешаат Европската унија или САД или НАТО, мораме да бидеме на спротивната страна. Тоа е погрешно. Погледнете ја Втората светска војна кога сталинистичка Русија и западот беа на иста страна. Ме изненади колку левичари, особено во Германија, со вулгарна, прагматична ароганција зборуваа за војната и дека таа ќе влијае на нивниот животен стандард.

Мислам дека има простор за некаков вид преговори, а тој простор го создаде поддршката од западот. Без неа Украина одамна ќе паднеше. Таа стабилизација ја обесмислува војната и сега имаме парадокс: успешниот украински отпор е простор за можен компромис, преговори и мир. Западните левичари постојано ме напаѓаат како „дворски шут на капитализмот“ итн., но еве: релативно успешниот украински отпор отвора простор за можни преговори.

Можеби Русија не сака само парче земја туку континуирано, постепено ширење. Овој експанзионизам нема да заврши добро. Русија е доволно голема земја за да може да направи чекор назад. Во спротивно, тоа ќе им ја отвори вратата на новите популисти. Кој е најпопуларен странски политичар во Украина? Тоа е премиерот на Полска - заштитно лице на новиот конзервативизам, тенденција која станува сè посилна благодарение на неверојатната глупост на левицата.

Би можел нашироко да зборувам за грешките на Украина. Но таа е нападната и вистинско чудо е колку Украинците искрено веруваат во слободата и колку се подготвени да се борат за неа. Пружајќи му отпор на Путин тие ѝ прават долгорочна услуга на Русија. Тоа е длабоко трауматизирана, поделена нација, чиј официјален дискурс стана длабоко православен: нема смрт туку само бесмртност, нема страдање туку само должност. Повеќето луѓе во Русија се исплашени и нивната поддршка за Путин и војната не е искрена.

Идеологијата на луѓето околу Путин и самиот Путин е сосема јасна: тоа е неофашизам. Тие не го користат овој израз, но целата рамка руски империјалистички погледи - со право на агресивно ширење на државните граници, со внатрешна политика по мерка на олигарсите итн. - е основа на она што можеме да го наречеме неофашизам. Русија тврди дека е антиимперијалистичка сила, но дури и тоа има фашистички преседани, во пропагандата што ја користеше Германија кога окупацијата на европските земји ја оправдуваше со отпорот кон британскиот и францускиот империјализам. Јапонија ја користеше истата реторика во регионот на Пацификот во 1939 година.

Ако ги погледнете Ленин па Троцки, тие фанатично се противеа на руската доминација над Украина. Путин одлично го знае тоа. Последниот текст на Троцки беше за Украина. Тоа е сјаен текст кој поаѓа од прашањето дали Украина има право да се отцепи од Советскиот сојуз со кој домнира Русија? Одговорот на Троцки е, да, апсолутно. Украина би требало да има поголема автономија, дури и ако се отцепи, па што? Затоа го имаме она што го нарекуваме „пролетерски интернационализам“. Државните граници едноставно не се важни. Сега, додека Украина ги отстранува статуите на Ленин, Путин вели дека Русија ќе му покаже на светот што е „вистинска деколонизација“.

Ова укажува на реална опасност. Путин и луѓето околу него прават нешто мошне лукаво и опасно. Не се потпираат само на православните конзервативни мислители како Александар Дугин и Иван Илин. Тие исто така користат антиколонијален левичарски јазик, зборувајќи му на светот дека настапуваат во име на сите угнетени народи во нивната борба против колонијалната империјалистичка доминација. И тоа има одредена привлечност кај некои нации од третиот свет. Тоа го гледам како многу злокобен знак. Путиновото ветување за плурализам, каде земјите си дозволуваат една со друга да прават што сакаат на внатрешен план, е основа на неговиот договор со талибанците во Авганистан. Договорот со кинеските лидери е да им се дозволи да прават што сакаат со своите муслимани. Но тоа не е антиимперијална еманципација: заправо тоа е предлог за ново неофашистичко единство. Имам ноќни мори дека сето тоа ќе се поврзе со новата десница во САД и западна Европа и дека ќе добиеме антилиберална оска. Мислам дека тоа е најголема опасност.

Кои се новите членови на оваа оска? Тоа се земји како Иран и Северна Кореја. Русија на остатокот од светот му нуди неофашистички модел на лажна меѓусебна толеранција меѓу авторитарните режими. Долго време не го сфаќав тоа сериозно. Дугин често зборува за „руската вистина“ и дека таа е неспоива со „западната вистина“. Но сега вели дека руската вистина е апсолутна, божествена и глобално важечка. Тоа е мошне опасно, со оглед на тоа дека земјите како Бразил, Индија и Јужна Африка играат двојна игра (иако Лула ми е подраг од Болсонаро). Сите тие играат на неутралноста, како Кина. Но постојат конфликти во кои кога велите дека сте неутрални значи дека заправо сте заземале одредена страна. Токму тоа се случува кога ќе кажете дека сте неутрални по прашањето на војната во Украина.


Да се спречи пресврт кон уште полошо

Постојат два основни типа фашизам. Првиот кој иронично го нарекувам „добронамерен фашизам“ може да се перпетуира на неодредено време, бидејќи е суштински изолиран. Таков беше режимот на Мусолини до доцните триесетти - а западот со Черчил и останатите со задоволство го славеше Мусолини (или Франко или Салазар). Тоа сè уште не беше експанзионистички фашизам. Но потоа настапи германскиот бренд на фашизмот, со ссопствена логика за неминовна војна и експанзионизам.

Помеѓу овие два вида фашизам Русија е поблиска до одреден вид нацизам, заради потребата да се шири и да создава трајна напнатост. Од каде таквата потреба? Зашто фашизмот не е само обичен облик на тоталитаризам. Фашизмот е начин на изместување на внатрешните антагонизми со лажна претстава за солидарност. Русија е екстремно поделена, нација со длабоки нееднаквости, растргната меѓу сиромаштијата и олигархијата. Но ако играте на фашистичката карта за национална солидарност можете да ја маскирате оваа хетерогеност и да мобилизирате луѓе. Таквата употреба на национална вонредна состојба е типично неофашистичка, со употреба на непријателите за консолидација на општеството. Сè уште имам проблем со изразот „фашизам“, благодарение на мрзливоста на левичарите кои го споменуваат фашизмот секогаш кога ќе видат нешто што не им се допаѓа. Но Путиновиот акцент врз патриотизмот и единството во голема мера е фашистичко искушение.

Но, покрај сите лудачки изјави кои ни пристигнуваат од пропагандната машина на Путин - дека нема смрт туку само бесмртност итн. - Кремљ повремено прагматично го менува својот дискурс. Тоа не е причина за некаков особен оптимизам, зашто се отвора прашањето кој би можел да го замени Путин. Можам да замислам режим кој би бил уште посуров, па подобро е да бидеме трпеливи и внимателни да не добиеме нешто уште полошо.

Секако не сакам да ги слушам извиците на западниот триумфализам: „Уништете ја Русија, уништете го Путин“. Овде се работи за опстанокот на Украина како автономна суверена држава. Искрено мислам дека долгорочно гледано тоа би било добро и за Русија. Значи, прво: Украина мора да преживее. А второ, што се однесува до Западот, ајде да не си играме замислена морална супериорност. И ние на Западот сме во криза - во состојба на трајна, но јалова самокритика. Ако таа не стане реална и продуктивна готови сме.

Фотографии: Жанна Кадырова - SECOND HAND

Превод: Алек Кузмановски

Извор за текстот: https://meduza.io/

Слични содржини

Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Европа / Свет
Општество / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото