Вразумете се! (антивоен манифест)

24.02.2023 17:16
Л. В. Толстој: Вразумете се!  (антивоен манифест)

 Гулабицата рашири крилја и побара мир, 1982 

„Ќе се ограничиме на тоа што ќе потсетиме дека различните европски држави имаат насобрано долг од 130 милиони, од кои околу 110 милиони е направен во текот на еден век, и целиот тој долг е направен исклучиво за воени трошоци; дека европските држави во мирно време држат 4 милиони луѓе во своите воени редови и можат да го доведат тој број до 110 милиони во време на војна; дека две третини од нивните буџети се проголтани од должнички камати и од расходите за сувоземните и морските армии.“

Молинари

„Но војната ужива повисока почит од кога било. Искусниот мајстор на тој занает, генијалниот убиец г. Молтке им се обраќаше на делегатите на мирот со овие чудни зборови:

– Војната е света, од Бога дадена, таа е еден од свештените закони на мирот. Таа ги поттикнува сите возвишени и благородни чувства во луѓето: честа, некористољубивоста, добродетелта, храброста; со други зборови, ги спасува луѓето од одвратниот материјализам.

Според тоа, да се соединат во стадо четиристотини илјади луѓе, да одат деноноќно без одмор, на ништо да не мислат, ништо да не учат или изучуваат, ништо да не читаат, никому да не бидат полезни, да гнијат во нечистотија, да спијат во кал, да живеат како слотови, во постојано поматеност, да ограбуваат градови, да палат села, да разоруваат народи, а потем, кога ќе сретнат друга такво маса човечко месо, да се нафрлат на неа, да пролеваат езера крв, да прекриваат полиња со раскинато месо и со купишта трупови да ја постилаат земјата, да бидат осакатени, да бидат здробени без никаква полза и најпосле да пцовисаат некаде на туѓа земја, додека родителите, жените и децата им умираат дома од глад – тоа се нарекува спасување на луѓето од одвратниот материјализам.“

Ги де Мопасан

Кукавицата отиде на лов, 1983

 

Пак војна.

Пак никому потребни, со ништо предизвикани страдања, пак лага, пак сеопшта споулавеност, оѕвереност.
Луѓе што десетици илјади врсти ги делат едни од други, стотици илјади такви луѓе, од една страна будисти, чијшто закон забранува да се убиваат не само луѓе, туку и животни, а од друга страна христијани, кои го исповедаат законот на братството и љубовта, како диви ѕверови, по земја и по море се бараат едни со други за да се убијат, за да се заколат, да се осакатат на најжесток начин.

Што е ова? Сон или јаве? Се случува нешто недопустливо, невозможно – сакам да верувам дека е сон и да се разбудам.

Но не, не е сон, туку ужасна стварност.

Можам да разберам како откинатиот од својата земја, кутар, неук, прелажан Јапонец, кому му е внушено дека будизмот не се состои во сочувство со сè живо, туку во принесување жртви на идоли, и истото такво кутро, полуписмено човече од Нижни Новгород или од Тула, кому му е внушено дека христијанството се состои во поклонство кон Христос, Богородица, светците и нивните икони – можам да разберам дека тие несреќни луѓе, со вековно насилство и измама доведени до тоа да го прифатат најголемото злосторство на светот – братоубиството – како доблесно дело, можат да ги вршат тие страшни дела без да се сметаат себеси за виновни. Но како можат таканаречените просветени луѓе да проповедаат војна, да ја потпомагаат, да учествуваат во неа и, што е најстрашно, без да се подложуваат на воените опасности, да ги побудуваат и да ги испраќаат во војна своите несреќни, прелажани браќа? Не можат истите таканаречени просветени луѓе – да не го ни споменуваме христијанскиот закон што тврдат дека го исповедаат – да не го знаат сето она што се пишувало и се пишува, што се говорело и се говори за жестокоста, излишноста, бесмисленоста на војната. Затоа и се сметаат за просветени луѓе – бидејќи го знаат сето тоа. Поголемиот дел од нив самите зборувале или пишувале за тоа. Да не ги ни споменуваме Хашката конференција и сите книги, брошури, статии, говори што ја разработуваат можноста за разрешување на меѓународните спорови со меѓународни процеси – не може сите просветени луѓе да не знаат дека сеопштото вооружување на државите едни против други неизбежно води до бесконечни војни или до сеопшт банкрот, или до двете заедно; не може да не знаат дека освен безумно, бесцелно трошење милиони рубли, т.е. човечки трудови на воени подготовки, во самите војни гинат милиони силни луѓе, полни енергија, во најпродуктивниот период од својот живот (војните од минатиот век убија 14.000.000 луѓе). Не може просветените луѓе да не знаат дека причините за војните се секогаш такви што за нив не вреди да се губи не само ниеден човечки живот, туку ни една стотинка од средствата што се расходуваат на војни (за ослободувањето на црнечкото население е потрошено многу повеќе одошто би чинел откупот на сите црнци од југот). Сите го знаат, не може да не го знаат најважното – дека војните, побудувајќи ги во луѓето најниските, животински страсти, ги развратуваат, ги оѕверуваат луѓето. Сите ја знаат неубедливоста на аргументите што се приведуваат во полза на војните, како оние што ги нудеа Де-Местр, Молтке и други, бидејќи сите тие се потпираат на софизмот дека во секоја човечка беда може да се најде полезна страна, или на сосема произволното тврдење дека војни секогаш имало и затоа секогаш ќе има, небаре лошите човечки постапки можат да се оправдаат со тие заклучоци и со ползата што ја носат, или со тоа што долго време се правеле. Сите таканаречени просветени луѓе го знаат сето тоа. И наеднаш започнува војна и сето тоа мигум се заборава, и истите тие луѓе што вчера ја докажувале жестокоста, излишноста, безумноста на војните, сега мислат, зборуваат, пишуваат само за тоа како да се убијат што е можно повеќе луѓе, да се разорат и уништат што е можно повеќе дела на човечкиот труд, и што посилно да се разгорат страстите на човечката омраза во тие мирни, безопасни, трудољубиви луѓе што со својот труд ги хранат, ги облекуваат, ги издржуваат истите тие лажно-просветени луѓе што ги тераат да ги извршуваат тие дела, кои се спротивни на нивната совест, полза и вера.

Иван го повози господарот на неговата чеза и падна внатре, 1983

„Безумството на современите војни се оправдува со династичките интереси, со националноста, со европската рамнотежа, со честа. Последниов мотив е најизопачен зашто не постои ниеден народ што не се осквернил себеси со секакви злосторства и срамни постапки, нема ниеден што не поминал севозможни понижувања. Ако воопшто постои чест кај народите, тогаш колку е чудно таа да се негува со војна, односно со сите оние постапки со кои чесниот човек се обесчестува себеси: потпалување, грабежи, убиство...“

Анатол Франс

„Дивиот инстинкт на военото убиство е култивиран толку грижливо со децении, што пуштил длабоки корени во човековиот мозок. Да се надеваме, сепак, дека некое подобро човештво од вашето ќе успее да се ослободи од тој ужасен престап.

Но што ќе помисли тогаш тоа подобро човештво за таканаречената уништена цивилизација на која сме толку горди?

Ќе го помисли речиси истото што ние го мислиме за древномексиканскиот народ и за неговиот канибализам, народ наедно воинствен, набожен и животински.“

Летурно

„Понекогаш еден владетел напаѓа друг од страв за овој да не го нападне него. Понекогаш започнуваат војна зашто непријателот е премногу силен, а понекогаш зашто е премногу слаб; понекогаш соседите го сакаат тоа што ние го поседуваме или го поседуваат тоа што нам ни недостасува. Тогаш започнува војна, која трае сѐ додека тие не го освојат тоа што им треба или не ни го дадат тоа што ни треба нам.“

Џонатан Свифт


Нека е проклета нуклеарната војна!, 1978

Се случува нешто несфатливо и невозможно по својата жестокост, лажливост и глупавост.

Рускиот цар, истиот оној што лично ги повика на мир сите народи, објавува пред целиот народ дека, без оглед на сета своја грижа да го зачува мирот што му е при срце (грижа изразена со заземање туѓи земји и со присилување на војските да ги бранат тие заземени земји), по нападот на Јапонците наредува да им се прави на Јапонците истото што Јапонците им го прават на Русите, т.е. да се убиваат; и објавувајќи го тој повик на убиство, го споменува Бога, барајќи негов благослов за најужасното злосторство на светот. Истото во однос на Русите го објави јапонскиот император. Учените правници, господата Муравјов и Мартенс, грижливо докажуваат дека во повикот на народите кон сеопшт мир и разгорувањето војна поради заземањето туѓи земји нема никаква противречност. И дипломатите на истенчен француски јазик печатат испраќаат циркулари, во кои подробно и внимателно докажуваат – иако знаат дека никој не им верува – дека дури по сите обиди да се воспостават мирни односи (во суштина, по сите обиди да се измамат другите држави), руската власт е принудена да прибегне кон единственото средство за разумно разрешување на прашањето, т.е. кон убивање луѓе. И истото го пишуваат јапонските дипломати. Научниците, историчарите, филозофите, кои, пак, прават споредби меѓу сегашноста со минатото и од тие споредби влечат длабокомислени заклучоци, нашироко расудуваат за законите на движење на народите, за односите меѓу жолтата и белата раса, меѓу будизмот и христијанството, и врз основа на тие заклучоци и претстави го оправдуваат убивањето луѓе од жолта раса од страна на христијаните, исто како што јапонските научници и филозофи го оправдуваат убивањето луѓе од бела раса. Новинарите, со нескриена радост, трудејќи се да се надминат едни со други, и не запирајќи пред никаква, макар и најбезобразна, очигледна лага, на разноразни начини докажуваат дека само Русите се прави, силни и добри во сè, а криви, слаби и лоши во сè се сите Јапонци, а лоши се и сите што се против или можат да бидат против Русите – Англичаните, Американците, што сосема идентично го докажуваат Јапонците и нивните едномисленици во однос на Русите.
И не само војниците, кои по својата професија се подготвуваат да убиваат, туку толпи таканаречени просветени луѓе, кои од никого и со ништо не се поттикнати на тоа – професори, чиновници, студенти, дворјани, трговци – изразуваат најнепријателски, презриви чувства кон Јапонците, Англичаните, Американците, кон кои до вчера биле добронамерни или рамнодушни, и без каква било потреба изразуваат најподли, ропски чувства пред царот, кон кого, во најмала рака, се совршено рамнодушни, уверувајќи го во својата безгранична љубов и во подготвеноста да си ги жртвуваат животите за него.

Украински бик, стар три години, прошета низ шума и собра сила, 1983

И несреќниот, збунет млад човек, кого 130-милионскиот народ го признава за раководител, постојано лажен и ставен во неопходност да си противречи самиот себеси, верува, благодари и ја благословува војската, која ја нарекува своја, да убива за да ги заштити земјите што со уште помало право може да ги нарече свои. Сите креваат едни пред други безлични икони, во кои не само што никој од просветените луѓе не верува, туку и неписмените селани почнуваат да ги напуштаат, сите доземи се поклонуваат пред тие икони, ги целиваат и држат високопарно-лажливи говори, во кои никој не верува.

Богаташите жртвуваат ништожни делови од своите неморално стекнати богатства за каузата на убиството или за поттпомагање на убиствената кауза, а сиромасите, од кои власта секоја година собира по две милијарди, сметаат дека се должни да го прават истото, па ѝ ги даваат на власта своите грошеви. Власта поттикнува и охрабрува толпи безделници, кои, шетајќи се со царевиот портрет по улиците, пеат, викаат „ура“ и под маската на патриотизмот прават разноразни недела. И низ цела Русија, од дворот до последното село, пастирите на црквата, која се нарекува христијанска, го повикуваат истиот Бог што заповедаше да ги љубиме непријателите, Богот на Љубовта, да ја помогне каузата на ѓаволот, да го помогне човекоубиството.

Нашата армија, нашите заштитници, 1978

И споулавени од молитви, проповеди, повици, процесии, слики и весници, стотици илјади луѓе, облечени во исти униформи и со разни оружја в раце, ги оставаат родителите, жените, децата со тага во срцето, но надуени со бестрашност, одат како топовско месо таму, каде што, изложувајќи се на смрт, ќе извршуваат нешто најужасно: ќе убиваат луѓе што не ги знаат и кои ништо лошо не им направиле. И по нив одат лекари, сестри на милосрдието, кои од некоја причина сметаат дека дома не можат да им служат на простите, мирни луѓе што страдаат, туку можат да им служат само на оние што фатиле да се убиваат едни со други. Тие што остануваат дома, пак, им се радуваат на вестите за убиените и кога дознаваат дека има многу убиени Јапонци, му благодарат за тоа некому, кого го нарекуваат Бог.

И не само што сето тоа се прифаќа како пројава на возвишени чувства, туку оние што се воздржуваат од такви пројави, кога се обидуваат да ги вразумат луѓето, ги сметаат за предавници, издајници и се под опасност да бидат понижени и претепани од оѕверената толпа, која не може да го одбрани своето безумство и жестокост со ништо друго освен со грубо насилство.

7 црвени булки, 1982

 

Текстот го опфаќа првите две глави од антивоениот манифест под наслов „Вразумете се“ («Одумайтесь»), кој Толстој го пишува и објавува во 1904 г., во разгорот на Руско-јапонската војна. Актуелноста на тезите што ги поставува и пораките што ги испраќа нималку не се намалува повеќе од сто години подоцна.

Слики: Maria Prymachenko (1908–1997)

Превод од руски: Андреј Јованчевски

ОкоБоли главаВицФото