Израел - уставен удар

27.02.2023 03:13
Израел - уставен удар

Израелската демократија е изложена на незапаметен напад одвнатре. Радикално десната влада на Бенјамин Нетанјаху ги применува рецептурите на авторитарните режими од Унгарија, Полска и другите самопрогласени светилници на „либерализмот“: целта е да се потчинат судството и независните медиуми под државна контрола во име на „народот“.

Во САД има загрижувачки малку дебати за овој дрзок напад на државата која американската политичка класа ја опишува како единствена „демократија на Блискиот исток“. Особено е разочарувачки тоа што Демократската партија се воздржува од секаква критика, иако има повеќе од доволно причини - морални и политички - да ѝ се спротивстави на автократијата во настанување на Нетанјаху. Ако извлекле некаква поука од скорешната историја, веднаш би требало да бараат понатамошната помош за Израел да се услови со опстанокот на ефективните механизми за взаемна контрола на различните гранки на власта во земјата.

Клучната лекција која ја научија автократите во подем е дека мораат да работат брзо и да не обрнуваат многу внимание на последиците - што е во спротивност со конзервативните идеи за „вниманието“ кои ги инспирираше Едмунд Берк. Додека критичарите сфатат што се случува, ситуацијата на теренот веќе е неповратно променета. Купуваат време со стратегијата која Стив Бенон впечатливо ја опиша како „засипување на теренот со фекалии“: со збунување на луѓето, во случајов со опширни мудрувања зошто најавените измени во функционирањето на израелскиот правен систем не се закана за демократијата.

Десничарските експертски групи во САД и Израел се сè поблиску поврзани. Многу учени бранители на уставниот удар ја уверуваат американската јавност дека за предложените промени постојат паралели во функционалните демократии: извршната гранка на власта влијае на именувањето судии и во САД; канадскиот парламент може да поништува судски одлуки. Како што забележа социологот Ким Лејн Шепел, резултат е настанување „франкенштајновска држава“: како што чудовиштето беше составено од „нормални“ делови од човечки тела, автократијата може да се гради со вешто комбинирање елементи кои во некои други земји се сосема безопасни.

Изгледа дека на коментаторите во САД им е потребно премногу време да ги препознаат таквите тактики, да забележат дека радикалната десница која толку бурно негодува заради нивните наводни обиди за „надворешно мешање“ истовремено со задоволство прифаќа финансиска помош која доаѓа од земјите кои ги критикуваат. Да се сетиме што се случи со Европската унија и одметнатите влади на нејзините две држави членки - Унгарија и Полска. Тамошните лидери го применија најстариот популистички трик - секој обид за критика на нивна сметка го прикажуваа како напад на „либералните елити“ на самата држава. Повремено нудеа козметички законодавни отстапки за да ја смират ЕУ, но на крајот се покажа дека единствената мерка која дава резултати е заканата со укинување на субвенциите од Брисел.

Секако, секоја аналогија има недостатоци; за почеток, САД и Израел не припаѓаат на поголема политичка и економска унија како што е ЕУ. Но причините зошто надворешните посматрачи во случајов не би смееле да се воздржуваат од критика во основа се слични: во случајов водржаноста не е неутралност, туку предавство на милиони луѓе кои гласаа против актуелната израелска влада (на изборите победија со разлика од 30 000 гласови) и се надеваа дека пријателите на нивната земја поостро ќе ги критикуваат нејзините потези.

Исто така, таквата критика не е нелегитимно мешање во внатрешните работи на Израел ако се има предвид дека и израелскиот претседател бара одложување и дополнителни проверки на консензус за радикални промени во правосудниот систем. Претседателот Исак Херцог - чија улога главно е церемонијална - предупреди на „уставен крах“ и „судар што се приближува“. Но владата го игнорира и продолжува да работи на предложените измени.

Во овој тежок момент претседателот Бајден се задоволува со помирливите изјави и потсетувањето на Нетанјаху дека САД и Израел се „изградени на независноста на судството“. Секако, можно е нешто да се подготвува далеку од очите на јавноста. Преговорите даваат подобри резултати ако сите страни имаат чесни отстапки. Не знаеме дали Нетанјаху навистина верува дека е потребно да се запрат судиите гладни за моќ (зошто да не, со оглед на обвинувањата за корупција кои му се закануваат); во секој случај, суштината е во тоа што во кабинетот донесе осудуван расист и разни други фанатици, луѓе без чувство на дипломатска суптилност и одмереност. Сигурно ни на Берлускони не му се допаѓаа радикалните десничари кои мораше да ги доведе во владата (за да не заврши во затвор). На крајот истите тие луѓе го потиснаа на маргините и трајно го променија политичкиот пејзаж на Италија.

Можеби членовите на американската Демократска партија се плашат од обвинувања за анти-израелски ставови или антисемитизам. Републиканците (чиј едвај прикриен антисемитизам - да се сетиме на Марџори Тејлор Грини, да не го споменувам Трамп - заслужува секаква осуда) имаат добро разработена стратегија која веќе со години ја тестираат на пратеничката Илхан Омар.

Демократите можеби стравуваат дека дискусијата за состојбата на демократијата во израелската држава неизбежно ќе ја отвори темата за окупацијата која ја оптоварува оваа земја. Во секој случај, што и да кажат или направат, можат да сметаат на ниски удари од редовите на десничарите.

Да се биде нечиј пријател значи да се има обврска нешто да се каже или преземе кога гледаме дека тој ќе си наштети себеси. Затоа Американците кои го ценат пријателството на САД и Израел мораат да го кренат својот глас.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.theguardian.com/