Изложба на дела од Петар Лубарда во МСУ - Скопје

27.02.2023 13:01
Изложба на дела од Петар Лубарда во МСУ - Скопје

Во Музејот на современата уметност – Скопје, на 1 март, во 20 часот, ќе биде отворена изложба на дела од уметникот Петар Лубарда.

Изложбата е реализирана во заедничката соработка на министерствата за култура на Црна Гора и Република Северна Македонија, Амбасадата на Црна Гора и Музејот на современата уметност – Скопје, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.

Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, на изложбата ќе биде претставен сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век.

„Сонце и маслиново дрво“

Во октомври 1963 година Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од својата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал не само еден од првите туку и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварела и десет цртежи, кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).

По подолго време, пошироката јавност ќе има можност да ги види сите дела на Лубарда од колекцијата на МСУ – Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите. Во време на кризи, катастрофи и воени судири, кои го обременуваат современиот свет, важно е потсетувањето на концептот за солидарност, на кој се темели МСУ – Скопје и меѓународната соработка, кои се основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.

Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2023 година.

„Бој на Косово“

ОкоБоли главаВицФото