Космичка чорба – кон изложбата „Супа од чиопа“ на Будимка Поповска

28.02.2023 11:06
Космичка чорба – Кон изложбата на Будимка Поповска „Супа од чиопа“

"Пиштол и цвеќе"

Будимка Поповска својата колекцијата од слики и песни ги именувала како „Супа од чиопа“. Супата е толку вкотвена во македонската и општо балканската кулинарска традиција што таа е нераскинлив дел од колективната свест. Сеќавањето на супата која мајките ни ја правеле уште во детството и често било првото готвено јадење што сме го пробале оди со низа меморирани впечатоци кои навлегуваат и во метафизичкото. Се разбира и со непоколебливото уверување дека супата на „мајка ми“ е најдобра. „Супата од чиопа“ има слични (метафизички) својства. Јадењето од неа и затворањето на очите води во космичка метафизика, во мнемоничко созерцување на фосфени.

За овие нешта пишува самата Будимка. За разлика од неа, јас мојот осврт го нареков „Космичка чорба“; од две причини. „Чорба“ има призвук на хаос. Состојки од разно потекло со силни дури и нападни мириси и вкусови клокотат во некој котел или во некое големо тенџере. Љубителите на чорбата знаат дека во тој хаос се разлева хармонија која не се опишува. Може само да се препознае кога ќе се вкуси. Такво е според мене ова креативно ликовно и поетско творештво на Будимка. Поставката „клокоти“ во бои, во безброј детали, во магичното, во фантастичното, во љубопитното, и над сѐ во детски-имагинативното кое Будимка не дозволила да биде задушено од нејзината ерудиција и исклучително животно искуство. Тоа е првата причина за терминот чорба. Втората е идиосинкратска, веројатно и пристрасна. Чорбата го има статусот на институција во Скопје. Ја има и во една од најпознатите песни за главниот град на Македонија – „рано утро шкембе-чорба, после секој своја борба“. Будимка води борба и за неа секоја борба вредна за војување мора во конечна смисла да биде космичка – надежта дека некаде зад сензибилното тука и сега не се крие само интелигибилното, туку токму ова исто сензибилно, видливо и опипливо, постои во искупена состојба, состојба на правда и на вистина втемелна врз љубов.

„Универзумот излегува од срцето и таму ќе се врати“

Секоја слика тежнее кон тој заклучок, но една од нив тоа го става во јасна рамка. Сликата „Универзумот излегува од срцето и таму ќе се врати“. Синилото во заднината насликаните ликови, жена и девојче со играчка во рака, ги става во простор кој е општ во најопшта смисла на зборот. Оваа сцена би можела да биде каде било во космосот. Синилото е прекинато со црни букви кои го означуваат чинот на поесис, на создавање кое извира од срцето и е „материјализирано“ како деца. Но конечната оценка за овој прачин е жртвата, повлекувањето на апсолутното сеприсуство за да направи простор за ограниченото, а солзите, универзалниот симбол на среќа и на тага, сведочат за оваа парадоксална амбивалентност во односот меѓу создателот и создаденото, меѓу родителите и децата, меѓу учителите и учениците, меѓу уметникот и уметничкото дело.

„Космосот мириса на рум и на малина“

Кога зборуваме за космосот тоа неизбежно нѐ воведува во основните прашања за постоењето, „Зошто е нешто, а не ништо?“ и кога е веќе нешто што со него? На ова прашање Будимка дава еден од конкретните одговори. „Космосот мириса на рум и на малина“. На обична шперплоча се нанесени бои со кои вертикално е насликан светот во кој живееме. Знае Будимка дека поимите како вертикално, хоризонтално, угоре и удолу се релативни. Во апсолутна смисла нашиот свет не може да ги оствари овие параметри. Она што е од географска перспектива за нас угоре за оние во Австралија е удолу. Реалноста, која ја „парчосува“ нашата перцепција за реалност, нѐ освестува од идилата која си ја замислуваме за нашето постоење и посебно за смислата од која зависи речиси нашиот севкупен идентитет. Но Будимка има противотров за суровата реалност. Таа избира да потенцира две својства на космосот, а тие се дека тој мириса на рум и на малина. Колку само тоа поетично звучи! Гледан поточно мириснат од овој агол космосот и земјата се заемни. Румот е производ на научно-уметнички процес измислен од човештвото, а малината е чист продукт на природата. Ете ти ги, космосот и земјата се човештвото и природа во сооднос! Космосот и човештвото се парадигма еден на друг. Сликата е знак да не се изгуби надежта во човештвото.

„Крајот на бувовите“

А таа, надежта, се држи за сламка. Будимка е свесна за тоа. На стотина начини во своите уметнички минијатури и вињетки крикот е огромен дека човештвото е во силен галоп кон провалијата на пропаста. Овој мотив е потресно доловен во сликата „Крајот на бувовите“, според истоимената поема на Ханс Магнус Енцербергер. Поетот им го позајмува својот глас на оние што не можат да протестираат во свое име; на китовите, на фоките, на гавраните, на гулабите и на древните бувови. На оваа слика, осамен був лета надвор од градот, од срцето на таканаречениот прогрес на човечката цивилизација. Очигледно е ноќ, се гледаат ѕвезди и српот на месечината. Но вештачката светлина го има ефектот на „светлосното загадување“. Сѐ помалку и помалку места се навистина темни во ноќта како што тоа било пред милиони години. Бувот од сликата на Будимка е веројатно на пат кон Ynys Enlli, остров до Велс кој е прогласен за прво „засолниште“ на темното небо. Таму ноќното небо може да се види исто како што го гледале нашите предци пред повеќе од илјадници години. Стануваме свесни дека покрај чистите води, чистата почва и чистиот воздух, правото на сиот жив свет е право на природна темнина, а јас би додал и право на природна тишина.

„Мајка и дете на протести“

„Супа од чиопа“ е таков метафизички громогласен протест против сѐ поприсутната изложеност на сетилата на сите живи суштества на каприцот на она што се нарекува човечки прогрес. Да ја земам на пример сликата „Мајка и дете на протести“. Од мајчините гради капе животодавно млеко кое може да се протолкува и како семе кое едвај чека да падне на плодна почва за да пушти корења, да порасне и да даде богат род. Во градите на детето чука срце со зелена боја – најраспространета боја на копното и чиј симбол е оној на животот. Детето води куче, во горниот десен агол има птица со едно крило, со две нозе и со две раце. Џабе ѝ се четирите екстремитети кога има само едно крило. Не знаеме како воопшто летнала, можеби имала и второ крило при летот, но сега е во слободен пад. Како да паѓа од некоја висока зграда и како да се помирила со неизбежната средба со асфалтот. Мајката, детето и кучето се излезени на протест. Можеби против рудниците на Огражден во струмичката околија? Затоа мајката и детето се тргнати на протест. Протест во име на постоењето на тоа да се биде наспроти на тоа да се има. Во десниот ќош стои слон, веројатно најприсутниот елемент на сликите во оваа збирка на Будимка. Кажува ли ова нешто и за потсвесното кај сликарката? За фактот дека овие величествени животни организирани во матријархат и крајно посветени на благосостојбата на секој член, од најмлад до најстар, би требало да нѐ засрамат нас луѓето? Дека така моќни сеедно не можат да се одбранат од нас и од нашата споулавеност по светкави нешта?

„Како се јаде слон?“

Ова прашање може да се постави и од обратна перспектива. Будимка тоа го прави со „позајмено“ прашање а тоа е „Како се јаде слон?“ Општоприфатениот одговор од африканскиот фолклор е дека се јаде дел по дел, инаку би било невозможно. Но Будимка нуди свое субверзивно видување. За да се изеде слонот, важно е тој да не знае за намерата. Ако се земе предвид дека прашањето е метафора за соочување со огромен предизвик, а предизвиците денес, Будимка нѐ алармира, се масовни, масивни и се закануваат да станат тотални, тогаш „диверзантскиот“ пристап е императив. Ако секој совесен и загрижен жител на планетата Земја се претвори во диверзант, можно е да имаме шанси против неокапиталистичкиот левијатан на системското и на систематското уништување на зелената планета во име на прогресот. Кон овој совет на Будимка го додавам и предлогот на еден од светиите кои бил цел милениум пред своето време, св. Фрањо Асишки. Во една од своите максими упатени до оние што му се придружиле во неговите дела на радикална љубов тој вели, „Почни да го правиш она што е неопходно; потоа направи го она што е можно; одеднаш ќе почнеш да го правиш невозможното.“
Ако постапуваме така, од пиштолите ќе испукаме не куршуми, туку цветови. Едно фантастично суштество со прекрасно сино око и лелеава темноцрвена грива „лансира“ цвет од пиштолот во рака. Над фантастичните фигури доминира птица чие перје се прелева во небесното синило. Оваа небесна или рајска птица набљудува што сѐ случува на земјата. Човештвото е во паника и исплашено се држи за глава. Наспроти овој гест на очај, зеленото куче го исплазило јазикот зашто испуканиот цвет би можел да биде и лижавче. Потсетување колку малку ни треба и колку сме станале ненаситни.

„Музичарот кој го продаде своето ферари“

Еден музичар доживеал просветлување и затоа го продал своето ферари. Сега без пречки може слободно да го споделува својот талент со светот. Со рацете на малата клавијатура тој гледа право во нас. Погледот е меланхоличен, но и директен. Предизвикани сме да се гледаме очи во очи. Ќе успее ли музичарот со мелодија и со поглед да нѐ поведе на созерцување заедно со него? Ќе го согледаме ли светот таков каков што е? Ќе се откажеме ли од усвитените страсти за да ги превоспитаме во најголеми дарови за другите? Ќе го продадеме ли своето црвено ферари за да му ја отсвириме и да му ја отпееме нашата најубава песна на светот? Зашто ако „еднаш сме биле тука“, според песната на Махмуд Бенис, преточена и во слика од Будимка, „засекогаш ќе бидеме тука“. Ништо не може да го избрише фактот на нашето постоење сѐ додека постои постоењето. Оваа слика е во сооднос со првата која ја коментирам во овој есеј, „Универзумот излегува од срцето и таму ќе се врати“. Сѐ е во сѐ и ништо не е загубено. Празнината не мора да биде застрашувачко отсуство. Може да биде и дар, како што вели Мохамед Бенис во неговата збирка „Дарот на празнината“.

"Летачки жирафи

Празнината нуди безброј можности. Во неа има простор да се исцртаат нови фантастични светови. На пример, во некој таков свет каде што сѐ почнува одново жирафите ќе може да летаат. Замислете си овие долгоноги грациозни жители на саваната со долги елегантни вратови и со најубави очи на светот да имаат и крилја? Не мора да ги замислувате. Будимка ги нацртала. Една од нив е во полн лет, додека другата чека да ѝ пораснат крилја. Во секој случај, “the sky is the limit”. Оваа слика може да се земе како збирен одговор на состојбата на обичните, таканаречени „мали луѓе“ заробени како колца во машината која неумоливо се врти без тие да имаат увид во каква било цел на нивното вртење. „Човекот без својства“, онака како што е опишан во гигантскиот роман на Музил, за Будимка не е опција. Неговиот поглед некаде таму нагоре, одбивајќи да се соочи со публиката, е во контраст на сите други портрети кои директно и проникливо ни возвраќаат на нашиот поглед врз нив. Усмената и запишаната историја на човештвото сведочи дека секој сака да биде погледнат со љубов. Создадени сме за заедништво. Будимка уметнички и поетски се надоврзува на епот кој ги опева сите митови и сите легенди. На крајот, љубовта секогаш останува жива. Затоа, вели Будимка за една од сликите која ја насловила „Само љубовниците ќе преживеат“, љубовта го изгонува секој страв.

„Само љубовниците ќе преживеат“

Ова е само репрезентативен избор на стотината изложени слики во авторство на Будимка Поповска. Секоја од нив, посебно и колективно, е сведоштво на непобедливоста на човечката способност да се надева и да го даде своето најдобро како жртва и подарок кои и ако не ја постигнат својата цел во сегашниот свет, сигурно ќе бидат вградени во некој иден свет кога празнината пак ќе му се дарува себеси на постоењето.

д-р Коста Милков
Балкански институт за вера и култура

ОкоБоли главаВицФото