Зошто некои луѓе едноставно не можат да запамтат лица?

01.03.2023 02:54
Зошто некои луѓе едноставно не можат да запамтат лица?

Среќаваш некој што упорно те гледа и сака да те поздрави. Знаеш дека сигурно го познаваш од некаде, но едноставно не се сеќаваш на неговото лице. Почнува да зборува со тебе и ти очајнички чекаш да спомене некоја позадинска информација, каков било знак кој би можел да ти помогне да се сетиш која е таа личност. Не грижи се, на некои луѓе им е потешко да памтат и препознаваат лица, било познати личности или луѓе кои ги познаваат.

Како што наведува Роберта Даини, професорка по невропсихологија на Универзитетот во Милано - Бикока, луѓето често потценуваат колку на нашиот мозок му е тешко да перципира објект, животно или личност, зашто тоа е механизам кој се одвива непрекинато. „Можеби мислиме дека бидејќи ги препознаваме нештата штом ќе ги отвориме очите, забележувањето е едноставен процес, но всушност тој е мошне сложен“, вели таа.

Ова е особено точно кога зборуваме за разликувањето лица благодарение на тоа што споделуваат многу карактеристики и затоа што на нашиот мозок му е потешко да ги разликува од објектите. Всушност, студиите покажаа дека лицата ги препознаваме преку она што Даини го дефинира како „холистички, глобален и конфигурациски“ процес. Со други зборови, лицата се толку слични што можеме да ги разликуваме само анализирајќи ги нивните разлики, како што се бојата на очите или обликот на усните. Додека другите објекти можеме да ги препознаеме само со посматрање на нивниот најмал дел, како што е ногарка од маса или шара од џемпер, едноставен факт е дека со посматрање само на едно око ретко можеме да препознаеме лице.

Колку и да е комплицирано ние уште од раѓањето во голема мера сме навикнати овој процес да го правиме спонтано и автоматски. Но резултатите можат значајно да се разликуваат од личност до личност. „Секоја [когнитивна] способност е на различни нивоа кај различни луѓе“, наведува Даини. „Некои луѓе се најдобри во извршување една операција, други помалку, а повеќето луѓе се повеќе или помалку просечни“.

Во невропсихологијата, луѓето кои никогаш не забораваат лица се нарекуваат „супер препознавачи“. Меѓутоа, на спротивниот крај од спектарот се наоѓа состојба која се нарекува просопагнозија, исто така е позната како слепило за лица. Иако не постојат општи проценки за зачестеноста на слепилото за лица, некои студии укажуваат дека помеѓу 2 и 2,5 проценти од популацијата се раѓаат со вродена просопагнозија. Потоа, на пример, има дополнителен непознат број луѓе кои добиле слепило за лица по повреда на мозокот.

Да бидеме јасни, само затоа што не можете лесно да запамтите лица, не значи дека автоматски имате просопагнозија. Разумно е да се размислува за ова како за спектар, во кој некои луѓе имаат помалку, а некои повеќе потешкотии. Еден од најчестите проблеми кои ги пријавуваат луѓето со слепило за лица е дека имаат потешкотии да препознаат некој што не го гледаат често или некој кој е во поинакво опкружување од вообичаеното. Меѓутоа, кога проблемот ќе стане значајно забележителен, на луѓето им е тешко да ги препознаат своите сакани или дури и себеси во огледало. Можеби нема да можат да гледаат филм зашто брзо изгубиле поим кои се ликовите.

За жал, ни тоа не е нешто од практиката. Сите одново и одново гледаме многу лица во реалниот живот и претстави на истите тие лица, но генерално, ова не е вештина која можете да ја унапредите, како кога ќе научите да играте шах или видео игра. Како што наведува Даини, тоа е заради способноста или неспособноста за препознавање лица која во основа е запишана во нашите гени, што е заклучок на актуелните истражувања.

Меѓутоа, за да надоместиме каков било вид дефицит, некои луѓе пронашле алтернативни стратегии за да се обидат да ги разликуваат луѓето што ги познаваат, како што е памтењето на нивните фризури, гласови или положби. „Познавам личност што има вродена просопогнозија, но мошне успешно ја компензира“, наведува Даини. „Значи, тоа никогаш не било голем проблем за неа“.

Една од нејзините пациентки, учителка, секогаш се сеќавала кои се нејзините ученици според местото на кое седеле во училницата. Но тогаш била распоредена во училиште во кое, заради подобрување на социјализацијата, учениците биле поттикнувани да ги менуваат местата секоја недела. „На оваа учителка тоа и било тешко, а училишната управа тоа не го разбирала“, наведува Даини. „Набрзо морала да даде отказ“.

Ако забележиш дека имаш сличен проблем кој се повторува, Даини вели дека тоа веројатно не е само затоа што си повлечен или расеан. Можеш да направиш тест за да измериш колку си лош во препознавањето лица и да добиеш дијагноза слепило за лица ако надминеш одреден резултат.

„Во некои случаи може да биде корисно овие потешкотии да бидат официјално признаени и на тој начин да најдеме алати [за поддршка]“, наведува Даини. Но ако мислиш дека ова не би ти претставувало проблем, не е неопходно да направиш тест и да ти одредат дијагноза, ако не сакаш.

Развивањето и примената на самонасочени стратегии за препознавање не е единствениот начин за управување со пореметувањето кое се однесува на слепилото за лица. Според некои неодамнешни експериментални студии, лекот окситоцин би можел да го подобрува препознавањето лица кај луѓе кои го имаат ова пореметување, но истражувањето сè уште се наоѓа во рана фаза.

Даини дошла до заклучок дека најважното нешто што треба да се направи во врска со слепилото за лица е да се зголеми свеста зашто децата кои го имаат овој проблем често погрешно ги дијагностицираат како аутистични“.

„Можеби детето едноставно не ги гледа луѓето во очи зашто тоа не му се чини информативно“, истакнува таа. „Можеби посматра други аспекти од лицето, не зашто има социјален проблем, туку зашто му се чини тешко да ги користи тие информации за да разбере која е другата личност. Тоа дете би можело да добие погрешна дијагноза и да живее со неа цел живот.“

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Ben Zank

Извор: https://www.vice.com/

ОкоБоли главаВицФото