На утакмица кај непријателот

02.03.2023 11:01
На утакмица кај непријателот

Следната сабота, кога од тунелот во 20:45 ќе се појават десетмина во виолетово и десетмина во црвено-црно, и уште двајца во засега непозната боја, на долгата трибина на „Артемио Франки“ во Фиренца, на третиот ред од вториот квадрат лево од центарот и, што се вика, речиси на трева, ќе седат двете најнови oфицијални лојални навивачки на Фиорентина, со свежи Inviola Premium Fidelity Cards в џеб и тајно ќе навиваат за Милан.

Всушност, за Милан навива Бојана и заради тие нејзини Милан постојано се наоѓаме во некакви апсурдни ситуации без за тоа да бидеме свесни. Дури во петокот, среде организациска еуфорија, целосно неочекувано, низ стаклестата проѕирност на акциденциите на различните патувања и настани во еден миг блесна согледба за суштината на нашите милански искуства.

Знаете, велат дека нашето тело, кога е здраво и во типични околности, функционира во економичен мод. Штеди на размена на материи, штеди на греење, а најмногу штеди на когнитивен напор, особено на механизмите на перцепција. Наводно, најголем процент од тоа што мислиме дека го гледаме било претпоставка на мозокот за околината врз основа на претходни искуства. Наместо да ги преработува сите светлосни дразби, па да ги реди во нова слика секојпат кога ќе се свртиме, мозокот си вади готов образец и само го додава евентуалното движење или новина на нов леер. Затоа новите облици збунувааат, затоа фаќа когнитивна паника кога некој облик не е веднаш препознатлив, зашто видот ни е константно во лер. Во полето на визуелната перцепција, животот тече по зараснат канал. Периферен вид развиваат само тие што очекуваат изненадувања во видното поле – гејмери, војска и Чави. Ние другите таму имаме фиксен матеж. На оваа перцептивна тромост, сигурна сум, може да се втемели критериум за разграничување на уметноста од кичот, ама тоа е муабет за друга пригода. Овде од тој муабет ќе го позајмиме само ефектот на изненадување.

На убедувањето дека сме такви не само во механизмите, туку и во полусвесните слоеви се темели целата психоаналитичка теорија. Можеби издресирана на обрасците на околината, и нашата дејствена потсвест нѐ насочува единствено по длапките на нашите стапала, па потсвесно избираме позната, еднолична, безбедна патека? И не само што избираме, туку и креираме настани чија шарена надворешност ја затскрива истата сива структура што ѝ лежи во основата? Како што во една книга на Ружди (пак тој) главниот женски лик избираше ќелави мажи со клемпави уши? Како Едипов комплекс. Или Електрин. Или типизирана убавина кај Ботичели. Или како што сите мои чевли се ист модел со различна боја. Како серија бракови што со секоја генерација влегуваат во иста петелка. Изгледа изборот на чевли и на партнер не е прашање на вкус, можеби ниту на универзални структури, туку на некаков економичен план на животот, во страшната смисла што му ја дава Шопенхауер. Демек, слепата волја за живот расчистува со тој евентуален објект на перцепцијата врзувајќи го со една слика: тоа изгледа така, и со тоа веќе не се занимаваме. И така поделбата на субјект и објект на перцепција, мрчи Артур, е згрешена од старт.

Така би испаднало дека еволуцијата не нѐ учи да препознаваме обрасци како што веруваме во нашиот одликашки, аналитичко-синтетички занес, туку низ нив си ја тера мисијата, нѐ живее по шема. Испаѓа, односно, дека не ги бараме обрасците во нештата, туку слепо ги создаваме и од себе ги криеме како што се крие торта од сопствената нејака волја.

Ама секако дека ова е шега. Слепата волја за живот не би имала никаква корист од колумна, уште помалку од викенд во Фиренца. Ќе постулираме, барем работно, дека сепак располагаме со некаква автономна волја и со каква-таква аналитичка моќ која, и покрај тоа што искуството го сугерира спротивното, во шаренилото, со радост што може да ја пружи само подвигот на сознанието, може да препознае некакви скриени шеми.

Кога во 2006 година за првпат ги гледавме Милан на прекрасната белградска Маракана со официјално име „Рајко Митиќ“, пиевме „Јелен“ пиво од 20 евра наточено изутрината во различни пластични чаши и сервирано како на општински коктел на нашите места од милион долари, тоа што Бојана мораше да ја крие својата навивачка определба и што головите ги прославуваше врискајќи во ракав како што се кашла од ковид, ни изгледаше само како исклучок. Натпреварот заврши 1:2 за Милан и ние, криумчарејќи се со лажно потиштени лица во толпата „Делии“ слушавме анализи дека „Звезда би го добила секој друг тим освен Милан“. Шевченко и Кака веќе беа отидени, недостојно ги менуваа Гуркуф, Бориело, Џилардино и Рики Оливеира и Милан едвај завршија четврти со 36 бода помалку од првакот Интер, ама името сѐ уште им се шепотеше со стравопочит.

Вториот пат, во 2017 година, Милан веќе ни сенка на титанското минато, со некои си Монтоливо и Локатели каде што порано царувале Пирло и Гатузо и со единствена надеж во Де Шиљо и во штотуку пристигнатот Соса, со древниот Сторари на голот и со идната ѕвезда Донарума како трет голман, сезоната ја завршија шести со 28 бода зад Јуве, и сега играа квалификациски меч за Лига Европа во надреалната атмосфера против Шкендија на Градски. И такви никакви, во облак од пцости на албански од 300 децибели, Милан мрзеливо прошетаа за 0:6, а Бојана практично цела утакмица ја помина покриена со ракавот. Ама ете, на нашите тапи очи повторно не им се прикажа никаква шема, буквално како што ни на Чарли Гордон никако не му се прикажуваа облици на Роршарховиот тест дури ни со очила на почетокот од расказот на Даниел Кејс што ми го прати Joko Veso пред некој ден.

Сознанието дека нашите росонерски авантури се без исклучок настани од висок ризик и дека се изложуваме на отворено непријателско опкружување во нашите тајни мисии, меѓутоа, не си дојде само од себе, ни со дополителна анализа, ни со проста индукција, како што би било природно да се случува со луѓе кои низ животот чекорат будно, учат од своите искуства и можат да го препознаат сличното кога ќе го видат. Не, не, и во новава миланска авантура влеговме со истата малоумна површност, и да не беше тосканската исклучивост, сѐ уште ќе бевме навивачки кртови. Во една длабоко еманципаторска смисла, среќа е што во Фиренца, уште од времето на Медичи, можеш тајно да сакаш сешто, ама лојалност мора да му потпишеш единствено на градот. А среќа е, претпоставувам, и што италијанските навреди звучат како музика.

Оттаму ние на долгата трибина на „Артемио Франки“, во сабота, трет ред, речиси на трева, со заверена лојалност в џеб.

Ако Милан дадат гол, знаете како да нѐ познаете.

Карикатури: Jan Tomaschoff

ОкоБоли главаВицФото