Путин ги користи „традиционалните и семејни вредности“ како оправдување за војната во Украина

02.03.2023 10:49
Путин ги користи „традиционалните и семејни вредности“ како оправдување за војната во Украина

 

Говорот на рускиот претседател Владимир Путин на само два дена пред годишнината од руската агресија врз Украина, сè уште е предмет на анализа на бројни светски медиуми. Вистиномер веќе пишуваше за главните дезинфо-наративи во неговото обраќање пред руската и светска јавност. Овојпат ќе се осврнеме на руската пропаганда дека војната во Украина е војна „за одбрана на традиционалните и семејни вредности“ кои „Западот сака да ги уништи“, односно, војна на цивилизациите, како што многумина поддржувачи на Путин сакаат да ја наречат.

 

Русија сака да се наметне и да се претстави како главен светски бранител на традиционалното и религиското, а тоа можеше да се забележи и во говорот на Путин, кој уште еднаш нагласи дека ова е „војна за заштита на нашите деца од деградација и дегенерација“.

Тие никогаш не престануваат да лажат и да ги искривуваат историските факти додека ја напаѓаат нашата култура, Руската православна црква и другите традиционални верски организации во нашата земја. Погледнете што му прават на сопствениот народ. Се работи за уништување на семејството, на културниот и националниот идентитет, перверзија и злоупотреба на децата, вклучително и педофилија, а сето тоа е прогласено за нормално во нивниот живот. Ги тераат свештениците да благословуваат истополови бракови. Благослови ги нивните срца, нека прават што сакаат…

… Но, еве што би сакал да им кажам: погледнете го светото писмо и главните книги на другите светски религии. Тие кажуваат сè, вклучително и дека семејството е заедница на маж и жена, но овие свети текстови сега се под знак прашалник. Наводно, Англиканската црква планира, само планира, да ја истражи идејата за родово неутрален бог. Што има да се каже? Татко, прости им, зашто не знаат што прават. Милиони луѓе на Запад сфаќаат дека се доведени до духовна катастрофа. Искрено, се чини дека елитата полуде и се чини дека нема лек за тоа. Но, како што реков, тоа се нивни проблеми, додека ние мора да ги заштитиме нашите деца, и тоа ќе го направиме. Ќе ги заштитиме нашите деца од деградација и дегенерација“, рече меѓу другото Путин.

Наративите за дезинформации засновани на вредности обично се фокусираат на загрозени концепти како „традиција“, „пристојност“ и „здрав разум“ – термини кои имаат позитивна конотација, но ретко се јасно дефинирани.

За разлика од западната концепција за вредности, која ги фаворизира индивидуалните права на личен интегритет, безбедност и слобода на изразување, рускиот вредносен систем повлекува збир на колективни норми со кои се очекува секој поединец да се усогласи.

Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“, оценува Euvsdisinfo во својата анализа за руската војна во Украина.

Честопати, про-Кремљ експертите за дезинформации, особено Владимир Соловјов го користат овој дезинформациски наратив во врска со неоснованите обвинувања против Украина за наводен обид за уништување на Православната црква. Оваа манипулативна тактика се засили во 2019 година кога на Православната црква на Украина ѝ беше доделен статус на независна црква и повторно во ноември 2022 година кога украинската влада објави дека ќе подготви закон за забрана на црквите поврзани со Русија, пишува Euvsdisinfo.

Демонизирањето на Украина и нејзините западни поддржувачи како безбожници оди рака под рака со про-Кремљ дезинформациите дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“.

Заедно, тие ја прикажуваат Русија како заштитник на овие вредности. Овој дезинформативен наратив за заштита на загрозените вредности е исполнет со хомофобија која често се претвора во отворен говор на омраза, заклучува Euvsdisinfo.

Оттаму, не е изненадување што руските државни медиуми трошат време исмевајќи ги, на пример, правата на сексуалните малцинства, како што е илустрирано во овие примери

И Стејт департментот, во својата анализа за „Топ пет најупорни дезинформациски наративи во Русија“, пишува дека Русија го турка лажното тврдење дека „западната цивилизација е во колапс и дека се оддалечила од ‘традиционалните вредности’, затоа што работи на обезбедување безбедност и еднаквост на ЛГБТКИ+ луѓето и промовира концепти како женска еднаквост и мултикултурализам“.

Пропаста на западната цивилизација е една од најстарите дезинформации во Русија, со тврдењата дека „западот е во распаѓање“ документирани уште од 19 век. Овој дезинформациски наратив заснован на „вредности“ евоцира лошо дефинирани концепти вклучувајќи „традиција“, „семејни вредности“ и „духовност“. Русија тврди дека е бастион на таканаречените „традиционални вредности“ и родови улоги и служи како морална противтежа на „декаденцијата“ на САД и западните земји. На пример, претседателот Путин тврди дека Западот практично ги откажал концептите „мајка“ и „татко“ и наместо тоа ги заменил со „родител 1 и 2“, додека министерот за надворешни работи Лавров напиша дека западните ученици „учат на училиште дека Исус Христос бил бисексуалец“, пишува Стејт департментот.

Наративот за „загрозените вредности“ обично се користи за да ги оспори западните ставови за правата на жените, етничките и верските малцинства и ЛГБТКИ+ групите. Про-Кремљ експертите често го исмеваат наводниот западен „морален распад“ или „развратен став, а спротивно на тоа, Русија и православното христијанство се издвојуваат како вистински бранители на традиционалните вредности.

Идејата за распаѓање на Западот, поставен против Русија која е „чувар“ на пристојноста и моралот, произлегува од самиот врв на Кремљ. Според анализата на Европскиот совет за надворешни односи од 2015 година, Путин веќе во 2013 година го зазел овој став, осудувајќи ги „евро-атлантските“ земји за нивната морална декаденција и неморалност.

Еден паметен пропаганден трик беше да се подобри имиџот на злобниот Запад со спојување на социјалниот конзервативен и антизападниот став. На овој начин, Западот и западњаците, хомосексуалците, либералите, современите уметници и нивните обожаватели, оние кои не се однесуваа кон Руската православна црква со должна почит и оние кои се осмелија да се сомневаат во беспрекорното историски досие на Русија, сите беа претставени како едно „неподелливо зло“, закана за Русија, нејзината култура, нејзините вредности и нејзиниот национален идентитет, се наведува во анализата на Европскиот совет за надворешни работи.

Претседателот на Русија, Путин, во ноември 2022 година, издаде декрет за заштита на „традиционалните руски вредности“, со кој ја прогласи руската мисија како бастион на „традиционалните вредности“ и спасител на човештвото.

Овие вредности, се вели во декретот, мора да се бранат како императив за национална безбедност од страна на руските безбедносни служби. Меѓу другите мерки, тоа значи сузбивање на „нетрадиционалните сексуални односи“ и промовирање патриотски, религиозни семејства со повеќе деца, под водство на Православната црква.

Оваа нова улога на Русија, се додава во декретот на Путин, е неопходна поради „глобалната криза на цивилизацијата и вредностите што доведува до губење на човечките традиционални духовни и етички точки и морални принципи“.

Со вметнување на Русија во идеолошките расцепи на САД и другите западни општества, Путин се обидува да ја ослабне оваа западна решителност и да го поткопа единството на Западот. Она што тој сака да го направи е да ги поттикне културните војни колку што е можно повеќе, вели Фиона Хил, експерт за Русија во Институтот Брукингс, која беше висок директор во Белата куќа за европски и руски прашања од 2017-2019 година.

Кога рускиот претседател објави анексија на четири украински региони, во септемврискиот говор, тој го оквалификуваше тој грабеж како потег принуден на Русија од потребата да го одбрани своето општество од опасностите што ги носи западниот неморал.

Дали сакаме овде, во нашата земја, во Русија, да има родител број еден и родител број два и можеби родител број три наместо мама и тато? Дали сакаме нашите деца да бидат принудени уште од основно училиште да прифатат перверзии што ќе доведат до деградација и изумирање? Да ги научат дека има други полови освен маж и жена и да им предложат да го сменат полот?, грмеше тој.

Само борбата против таквата западна изопаченост, додаде Путин, може да ѝ дозволи на Русија да ги обнови односите со „вистинскиот, традиционален Запад“, како и со остатокот од светот кој, како што рече, веќе ги споделува овие традиционални вредности со Русија, пишува во текстот објавен на webull.com

Путин со години игра на културната карта во Франција, Унгарија и други европски земји со силна приврзаност кон таканаречените традиционални вредности. Правејќи го тоа, тој зафати поголема пукнатина околу идентитетската политика на Западот, која Путин се обиде да ја продлабочи откако ја презеде власта, оценува Форин полиси.

Во овие борби, рускиот претседател се прикажа себеси како бранител на автентична европска култура, окупирана од радикалната културна левица. Рускиот закон за „геј пропаганда“ од 2013 година – кој забранува „промоција на нетрадиционални сексуални односи на малолетници“, дополнително ја поттикна хомофобијата во Русија. (Самиот Путин ја спореди таквата „геј пропаганда“ со порнографија.) Дејствата на Путин поттикнаа слични нацрт-закони за криминализирање на хомосексуалноста во Унгарија, Полска и Романија.

Накратко, Русија на Путин сака да ја извезе својата верзија на традиционалните вредности низ регионот во кој некогаш доминираше, пишува Форин полиси.

Не е првпат Путин да се прикажува себеси како голем бранител на традиционалните семејни и религиозни вредности, ставајќи ги истите во контекст на своите оправдувања за војната во Украина.

Тие се обидоа да ги уништат нашите традиционални вредности и да ни ги натераат нивните лажни вредности кои ќе нè еродираат нас, нашиот народ одвнатре, ставовите што тие агресивно ги наметнуваат на нивните земји, ставови кои директно водат кон деградација и дегенерација, бидејќи се спротивни на човековата природа. Ова нема да се случи, рече Путин во својот жесток говор објавувајќи ѝ војна на Украина.

Во текот на многу години, Русија фабрикуваше збир на лажни наративи кои нејзиниот дезинформациски и пропаганден екосистем упорно ги внесува во глобалната информациска средина. Овие наративи делуваат како шаблон кој му овозможува на Кремљ да ги приспособи овие наративи, со една конзистентност – целосно непочитување на вистината бидејќи ја обликува информациската средина за да ги поддржи нејзините цели на политиката.

Извор: Вистиномер

 

ОкоБоли главаВицФото