Чувство за смрт

03.02.2011 14:50
Фотографија: Оливер Роквел

„Веќе не сакам да живеам и ве молам да размислите да ми помогнете да завршам со себе...“, судијата Ролф Вогел има слушнато безброј молби од разни осуденици, но никогаш не слушнал ваква молба. Господинот Б., социолог од Мишелсберг, стар 52 години, е убиец. Ја убил својата жена. Експертите потврдија дека боледува од шизофренија. На сослушувањето, целосно прибран, на судијата му рече: „Сакам да умрам. Помогнете ми“.

Сега Федералното медицинско здружение (BÄK) отворено повикува на „олабавување на правилата“ поврзани со асистирањето при смртта, а еден од три доктори во Германија е подготвен да се вклучи и да стави крај на страдањето на болните кои се заболени од смртоносна болест и сакаат да умрат.

Поранешниот пратеник Куш, кој во 2006 година поради поддржувањето на ваквите идеи мораше да се откаже од својата членска карта во CDU, може да зборува за индиректна победа. Тој ја отвори непрофитната организација наречена „Помош за умирање“, и признава дека ја искористи својата инвенција – сепак, осигурувајќи се дека ќе го напушти креветот на пациентот во критичниот миг со цел да ги избегне правните последици од својот чин. Оставени сами, муштериите на Куш автоматски добиваат инјекција со смртоносна доза од калиум хлорид.


6400 евра со вклучена кремација

Уште пред неколку години Карстен Вилман, поранешниот претседател на BÄK, го отвори прашањето за медицински помогнатото умирање кај болните што боледуваат од неизлечива болест. Тој повеќе сака да се користи терминот „општествено прифатлива смрт“ наместо досега користениот термин „еутаназија“. Според актуелниот претседател на BÄK, Јерг Дитрих Хопе, јасно е дека докторите не би требало да биде обвинети или осудувани за неетичко однесување ако помогнале при извршување на самоубиство.

Хопе смета дека треба да се постави законска рамка за улогата на лекарите во чинот на умирање, при што тие би биле советници на луѓето кои се заморени од животот, и истовремено би можеле да им препишат соодветна медицинска помош. Со неговите ставови се согласуваат околу 74% од Германците кои сакаат активна помош од доктори во процесот на еутаназија.

За претседателот на Каритас Германија, Петер Нехер, обезбедувањето докторска помош со цел да се умре е неприфатливо дури и кога ваквата помош е пасивна. Дипломираните студенти на медицинските школи не ја даваат Хипократовата заклетва со цел да убиваат, вели тој. Противниците на еутаназијата исто така истакнуваат дека желбата да се изврши самоубиство е еден од симптомите на депресија, а како таков тој може да се лекува и е привремен, па дури и оние кои имаат сериозни нарушувања можат да добијат желба да живеат ако правилно им се помогне. Либерализацијата на германските закони за асистирање при самоубиство е прашање на време, иако европскиот самоубиствен „туризам“ цути.

Сир Едвард Даунс порано беше главен диригент на Филхармонискиот оркестар на BBC. Неговата жена, лејди Џоан Даунс, 11 години помлада, беше балетанка. На 85 години, сир Едвард го загуби видот и слухот, а неговата жена доби рак. Бидејќи во Британија еутаназијата беше забранета, семејството побара помош од швајцарската организација Дигнитас. Тие беа првите клиенти на Лудвиг Минели, адвокат и основач на организацијата. Вилата која има живописен поглед на езерото Фафикон, источно од Цирих, ги чека оние кои таму сакаат да извршат самоубиство. Иако цената за ваквата услуга не е занемарлива (6400 евра со вклучена кремација), барањата набрзо ги надминаа техничките капацитети на неговото „претпријатие“.


Ослободување на пари од здравствениот систем

Еутаназијата е легална во Швајцарија. За можните инспекции, оние кои ја извршуваат еутаназијата мораат да обезбедат видео снимка со која се докажува дека лицата самите одлучиле дека сакаат да умрат. Мнозинството Швајцарци прифаќаат дека треба да построи помош при умирањето, но има и некои кои не сакаат нивниот пејзаж да биде исполнет со погребни поворки од цела Европа.

Сепак, во последно време критичарите ја губат борбата со бизнисот наречен смрт. Соочени со рамномерниот пораст на барањата за вакви услуги, законодавците и креаторите на политиките се принудени да отстапат. Во легислатива која е на сила од 2001 година, Холандија го уреди просторот за еутаназијата во Европа. Бројот на луѓе кои умреле по сопствено барање во Бенелукс моментално се движи меѓу 3000 и 4000 лица годишно. Со цел да ја легализира помошта при умирањето, Луксембург го смени својот устав. Речиси сите земји во западна Европа го толерираат пасивното асистирање при умирањето.

За некои, во основата на овој тренд лежи желбата „да се ослободат пари од здравствениот систем“. Во Холандија, инструментализацијата на смртта сега може да се претстави со една бројка: 4. Ова е просечниот број минути што им се потребни на лекарите за да се решат некому да му ја забрзаат смртта. Гардијан, кој има разгледано 114 случаи на Британци кои отишле во Швајцарија за да извршат самоубиство, дошол до јасни докази дека многумина од нив имале шанси да се излекуваат и да продолжат достоинствено да живеат.

Извор: Wprost