Реставрација со психотерапија

02.03.2023 12:21
 Реставрација со психотерапија



Реставратор без соодветна едукација,

дава упатство за реставрација и конзервација

да не си направите траума, фрустрација,

и непотребна секирација:

“Ако купувате рамка на старо

за вашата уметничка слика,

внимавајте да не е:

Поткршена или прекршена

недајбоже сосем испокршена.

Накривена,или поткривена,

од преправки сосем изкривена!

Пропадната, или продупчена,

Од клинци, шилци сосем издупчена!

Изветвена или од влага сосем обелена!

од подрумски услови мувлосана, буѓосана,

oд негрижа недајбоже сосем црвосана!

Скапана, раскапана, распадната, пропадната!

Недајбоже од некој несмасен случајно

згмечена или сосема развлечена!

Или од психопат згазена, смачкана

недајбоже и со катран премачкана”!

 

Штом направивте избор. а сепак

останавте мирни, смирени,

со сите трошоци кај старо купујем подмирени,

избраната рамка набрзина да се излакира и конзервира.

Но, ако не сте задоволни од резултатот

и се почувствувате:

Разлутено, разочарано, јадосано,

или сè уште се чувствува мирисот на мувлосано,

или, премногу вас ве растревожува,

што со вашата слика, стилски не се сложува,

или, таа продолжува да ве склетисува,

да ве фрустрира, нервира, недајбоже

излудува, збудалува и распаметува,

да ве секира и трауматизира,

уште пред да ве изнасекира,изпровоцира и сосем изнервира,

таа рамка фатално скршена, нека биде рачно докршена,

а самата реставрацијата со катарза завршена!

 

Слики: Елизабета Костовa