1012 hPa
78 %
20 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 13:59
Ако како просечен животен век се земе бројката од 75 години, во текот на животот преспиваме 26 години. Истражувањата на американските козметички фирми покажуваат дека жените во просек трошат 135 дена на шминкање и средување пред излегувањето од дома, додека мажите за истото трошат 46 дена. Ваквите податоци можат да делуваат како непотребно предизвикување анксиозност – често и со функција на рекламирање некој изум кој наводно ќе ни заштеди дел од времето, како што е случај со рекламите за услугите на банките кои овозможуваат плаќање сметки додека чекате трамвај, додека сте во канцеларија, дома или на кафе со пријателите. Токму чекањето трамвај или автобус во просек одзема 27 дена од целиот живот, но тоа не важи за сите, зашто зад овој просек се кријат големите класни разлики. Според новото истражување кое неодамна беше објавено во Nature Human Behavior, луѓето со пониски приходи почесто и подолго заглавуваат чекајќи отколку оние со повисоки приходи.
Побогатите луѓе често можат да платат за да го избегнат чекањето, при што ситуациите како приоритетното поминување и пасошката контрола за бизнис класата на аеродромите веројатно е првото што ви паѓа на ум, но тука се и бројни секојдневни ситуации, како што се одењето на работа со автомобил наместо чекањето јавен превоз и пократките редици за чекање во продавниците. Овие опции им се помалку достапни на посиромашните, а во посиромашните делови од градовите често повеќе се чека и заради полошата патна поврзаност, недостатокот на персонал во супермаркетите и слично. „Ова искуство на залудно губење време е навредливо и вознемирувачко“, вели професорката по политички науки на Универзитетот Сиракуза, Елизабет Коен, авторка на книгата „Политичката вредност на времето“ (The Political Value of Time: Citizenship, Duration, and Democratic Justice).
Стивен Холт, вонреден професор по јавни политики и политика на Универзитетот Албани при државниот Универзитет Њујорк (SUNY) го проучувал доброволното користење на времето во контекст на истражување на родовите разлики во времето поминато во учење. Во истражувањето користел податоци од таканаречените дневници за користење на времето во кои испитаниците каталогизирале што прават секој час во еден ден (што инаку е и најверодостоен извор на податоци за проучување на родовите разлики во извршувањето на домашните работи). Открил дека во дневниците луѓето бележат и некои видови чекање, како чекањето во ред на каса во продавница, нешто на што дотогаш не му било посветено истражувачко внимание. Севкупниот класен временски јаз во чекањето бил помал отколку што можело да се претпостави – луѓето кои заработуваат под 20 000 долари годишно чекале во просек шест часа годишно повеќе од луѓето што заработуваат повеќе од 150 000 долари, но Холт вели дека податоците од анкетата што ја користел можеле да опфатат само мал дел од вкупниот износ. Дневниците следеле период од само 24 часа, така што фатиле дупки во некои дневни активности, но не и во другите видови чекање, како чекањето во болниците, лекарските ординации и државните институции кои се случуваат поретко, но сигурно придонесуваат за поизразени разлики според нивото на приходите. Исто така, иако посиромашните луѓе чекале околу 15 минути подолго при секое пазарување, таа разлика е пригушена со фактот дека тоа веројатно го надоместиле со поретко пазарување и купување повеќе преработена храна и помалку свежи намирници во однос на побогатите луѓе.
Анкетата не го вклучувала она што Коен го нарекува административно оптоварување, кое подразбира огромни редици и долго време на чекање, на пример кога се обидувате да се пријавите за надомест за невработени или бонови за храна. Коен смета дека овие системи се така поставени за да се отежне пристапот до социјалните надоместоци, за што пронаоѓа доказ во фактот дека добивањето термин за тестирање на Ковид-19 било „шокантно брзо“.
На овие, засега недоречени податоци треба да се додадат и оние за „јазот во морталитетот“, односно разликите во очекуваниот животен век помеѓу луѓето со пониски и повисоки приходи. Тој јаз со децении се зголемува прогресивно заради нееднаквиот пристап до здравствена заштита и другите услови за здрав живот, заради што лицата со најниски приходи живеат во просек дури 15,5 години пократко од лицата со највисоки приходи. Земајќи го тоа предвид, времето поминато во чекање во животот на лицата со пониски приходи има многу поголем удел во споредба со богатите.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Pat Perry
Извор: https://www.bilten.org/