Приведен Русин поради антивоени цртежи на неговата 12-годишна ќерка

03.03.2023 11:22
Приведен Русин поради антивоени цртежи на неговата 12-годишна ќерка

Русинот Алексеј Москаљов е приведен поради давање антивоени изјави, а неговата 12-годишна ќерка привремено е ставена под државна грижа, откако семејството се соочило со притисок од властите поради цртежите што девојчето ги направило на училиште на кои е прикажана Русија како бомбардира семејство во Украина, пренесува Гардијан.

Алексеј Москаљов, самохран родител од градот Јефремов, 150 милји јужно од Москва, е уапсен поради објавени антивоени изјави на руската социјална мрежа „Однокласници“.

Тој беше приведен во средата, неговата куќа беше претресена, а неговата ќерка беше ставена во државно прифатилиште додека нејзиниот татко не биде ослободен или не се најде друг старател, рече адвокатот на Москаљов.

„Таа ќе биде под државна грижа додека не се реши судбината на нејзиниот татко“, рече Владимир Билиенко, адвокат на Москаљов.

Запрашан што би можело да се случи ако биде осуден, тој рече дека ако не се најде близок роднина, тогаш „ќе остане единствената опција: сиропиталиште“.

„Тоа би било удар за девојче кое цел живот живее со нејзиниот татко“, рече тој по телефон. „Значи, утре ќе направиме се што е можно за да се осигураме дека нејзиниот татко ќе остане на слобода. И за да може да живее дома со него“.

Семејството рече дека се соочило со притисок од полицијата од минатиот април кога Марија, шестоодделенка, одбила да учествува на патриотски час во нејзиното училиште и направила неколку цртежи на кои се гледа како руски ракети пааѓаат врз семејство кое стоело под украинско знаме, а на друг цртеж напишала „Слава на Украина!“.

Училишните службеници повикале полиција, која го испрашала девојчето и му се заканувала на нејзиниот татко. Москаљов беше казнет со околу 350 фунти за објава на интернет во која ја окарактеризира руската армија како „силувачи“. Забелешките дојдоа по откривањето на наводните воени злосторства извршени врз цивили во Буча во Украина.

Подоцна истиот месец, на Москаљов му беше кажано дека агенти од руската безбедносна служба ФСБ дошле во училиштето и ја испрашувале неговата ќерка. Кога пристигнал, изјавил за ОВД-Инфо, му се заканувале дека ќе му ја одземат.

„Три и пол часа ми велеа дека неправилно воспитувам дете: рекоа дека ќе ми ја одведат, а ќе ме стават во затвор“, рече Москаљов во интервјуто за ОВД-Инфо.

„Ние мислиме дека цртежот беше главниот поттик што го привлече вниманието на полицијата кон таткото и поради тоа тие ги прегледаа неговите активности на социјалните мрежи“, изјави за Гардијан Марија Кузњецова, портпаролка на ОВД-Инфо.

Таа додаде дека е важно да се разбере дека случајот Москаљов е дел од поголем застрашувачки тренд – како дел од поширокото воено потиснување, режимот рутински ги прогонува антивоените малолетници и нивните семејства, додека ја стиска руската младина во силно милитаризирана култура.

„Според нашите податоци, најмалку 544 малолетници беа приведени во антивоените протести во изминатата година, а седум малолетници во моментов се кривично гонети за нивните антивоени позиции. Отпуштени се најмалку 19 антивоени учители… Најчесто малолетниците се гонат поради споделување објави или коментари за антивоени собири, летоци против мобилизацијата, одржување соло демонстрации, изразување антивоени ставови за време на училишни настани, демонстрација на антивоена облека, правење антивоени натписи“, рече Кузњецова.

На демонстрациите низ Русија кои следеа по руската воената агресија во Украина, илјадници луѓе, меѓу кои и деца ширум земјата беа приведувани поради изразување противење на војната на Путин.

Фотографиите кои беа споделени од опозициски руски политичар покажуваа деца на училишна возраст во задниот дел на полициско комбе во Москва по учество во антивоени протести.

Децата биле задржани откако наводно отишле да положат цвеќе во градската украинска амбасада.

Меѓу приведените беше и девојче кое во рацете држи знак на руски „Не на војната“ со мали руски и украински знамиња нацртани околу зборовите.

Во случајот на Москаљов, агентите на ФСБ ѝ предложиле на неговата ќерка „да води некој младински тим за поддршка на руските трупи, но јас нежно одбив – таа има многу часови и клубови, нема време“, рече таткото.

Од минатата година, Русија нареди ревизија на патриотското образование, вклучително и воведување „разговори за важни теми“ на училиште, кои се сметаат за средства за индоктринирање на учениците.

Училиштето во Ефремов, мал руски град, беше домаќин на други настани за поддршка на руската армија, вклучително и „празничен настан за поддршка на специјалната воена операција“ наречена „За мир, за Русија, за претседателот“. Училиштето постојано ја користеше латинската буква „Z“, симбол на војната.

На Москаљов му се заканува тригодишна затворска казна. Тој е задржан во канцелариите на Истражниот комитет на градот и во четврток ќе биде испратен во привремен притвор додека го чека судењето.

Извор: Цивил Медиа

ОкоБоли главаВицФото