1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
‒ Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?
Многу сакав сликовници. Мојата прва сликовница беше баш за мали деца и не сум сигурна дали е тоа точниот наслов ама мислам дека се викаше „Мамо, тооооолку те сакам“, со многу „о“ и буквите беа шарени. Кога ќе размислам подобро, мислам дека таа сликовница е многу поврзана со мојата синестезија. Инаку, моето сакање сликовници беше прилично опсесивно‒компулсивно, односно морав да ги имам сите од серијата. Прва и главна беше една серија од 24 сликовници од „Детска Радост“, коишто мојата кутра мајка ја терав да ми ги чита пред спиење буквално сите 24.
‒ Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?
Сè уште мислам дека читам книги на моето растење, бидејќи сè уште мислам дека растам, ама можеби две книги кои ми оставиле голем впечаток кога бев дете беа „Малиот Принц“ и „Галебот Џонатан Ливингстон“. Подоцна, на 12‒13 години многу ми значеа и „Сидарта“ и „Демијан“, иако Хесе престана да ми биде интересен после тоа. Други книги на мое растење би рекла дека се „Браќа Карамазови“, „Тврдоглави“ и „Пер Гинт“.
‒ На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?
Не читам ништо два пати. Знам дека можеби тоа не е добро ама има премногу книги за читање и премалку време, а и сакам да ја врзувам книгата за моментот кога ја читам, со психичката состојба во која сум баш во тој момент. Но, на некој начин може да се каже дека му се навраќам на Достоевски, бидејќи никогаш не можев да читам две книги од него последователно. Премногу е јако за да можам, и секогаш било една од Достоевски, па многу други, па една од него.
‒ Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?
„Модричка тетратка“ од Бошко Смаќоски, единствената лектира која јас, бубалицата, ја немам прочитано. Во моја одбрана: навистина ми беше тешко на 9 години да се поврзам со носталгијата на таа книга. „Пијанистка“ од Јелинек е втората. Едноставно претпочитам, ако книгата решила да ми ја извади утробата, барем да биде потешка загатка за решавање. „Антихрист“ е третата, Ниче ми здосадува брзо.
‒ Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?
Учебникот по Географија за 7мо одделение. Тоа не беше добро за моето ментално здравје. Трауматично искуство.
‒ Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?
Можеби во светот на „Човекот кој беше Четврток“ од Честертон. И „Внукот на волшебникот“ од К.С. Луис има една сцена во пуст свет со големо црвено сонце, тоа би сакала да го видам. Би рекла дека и романите на Џејн Остин се примамливи, но не сум сигурна дали би ми се допаднало да живеам во свет каде нема градски водовод. Светот на „Тибетанската книга на мртвите“ исто така би сакала да го видам, се прашувам дали навистина ќе имам шанса. Светот на романите на Достоевски исто така, но исклучиво за да ги запознам неговите ликови. И секако, како некој кој има 27 години би морала да кажам дека најдолг период во животот сум сакала да живеам во светот на Хари Потер.
‒ Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?
Кога масичката има една пократка ногарка и се клати постојано. Или кога некој ме нервира или напаѓа. Тогаш посакувам да имам речник или енциклопедија при рака, нешто со тврди корици.
‒ Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?
Сите романи на Славко Јаневски и Достоевски. Навистина ми недостасуваат овие двајца на полиците на нашите книжарници. И Киш на македонски ми фали.
‒ Која книга би сакале вие да сте ја напишале?
„Бесови.“
‒ Општо прифатено ремек‒дело кое не ви се допаднало? И зошто?
Војна и мир“ прилично ме разочара, ама пред сè зашто навивав за еден пар, што не се реализира на крајот на книгата. А после 1200 страници воени стратегии се чувствував како Толстој да ми го должеше тоа. „Anna, sorror“ исто така не ми остави некој особен впечаток, како и сè од Томас Ман што имам прочитано.
‒ За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?
Па, мислам дека Толкин и Лавкрафт требало да ги читам порано, можеби. Но, не би рекла предоцна, само можеби порано би ги доживеала поинтензивно.
‒ Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?
Сели Руни, Достоевски, Ками, Феранте, Плат, Рацин и Славко Јаневски. Знам дека не се 5 ама ги напишав сите автори кои би сакала да ги запознаам.
‒ Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?
Ги подвиткувам горните ќошиња на страницата. Знам дека е сквернавење според многу луѓе, ама не сакам да подвлекувам. Сакам кога ќе ја дадам книгата на друг да погодува што толку ми оставило впечаток на страницата. И да се нервира дека треба да пази да не ми ги исправи ушињата.
‒ Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?
На пуст остров би ја однела „37°2 le matin“ од Филип Дижон, а на отслужување доживотна казна „Утеха на филозофијата“ од Боетиј, таа книга знае што му треба на еден човек во затвор да чуе.
‒ Што читате деновиве?
Четвртиот став од третата книга „Години на патување“ на Лист. А real page turner. (pun intended). Го доспремам магистерскиот рецитал така што партитури деновиве.
Слики: Oleg Oprisco
***
Ива Дамјановски (1996, Скопје) - дипломирана пијанистка на Факултетот за музичка уметност при УКИМ (2019). Моментално е студент на катедрата за Музикологија, на универзитетот Università di Trento, како и на катедрата по Музичка Интерпретација и Композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Добитник е на наградата на УКИМ за најдобро дипломиран студент на Факултетот за Музичка Уметност во учебната 2018/2019 година.
Нејзината прва авторска композиција Breath е објавена во компилацијата Клавирско Небо 3 од страна на Pop Depresija и како дел од дуото Алембик го објавува првиот истоимен албум во 2022.
Добитник е на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски поетски ракопис во 2017 г. за стихозбирката „Тие“. Во 2020 излегува стихозбирката „Двоумење“, за која ја добива наградата „Браќа Миладиновци“. Во 2022 ги објавува „Почнуваме“ (избор од „Двоумење“ и „Тие“) и третата стихозбирка „Тријажа“.
Застапена е во низа антологии и списанија за книжевност. Нејзината поезија е преведувана на српски, грчки, хрватски, словенечки, англиски, албански, шпански, италијански, бенгалски и романски јазик.