Кина и Америка – прекин на тајниот договор

06.03.2023 00:59
Кина и Америка – прекин на тајниот договор

Вистинските хегемони не владеат со сила туку со фаустовски понуди кои е невозможно да се одбијат. Одличен пример за тоа е повеќедеценискиот премолчен договор помеѓу Кина и Америка кој го овозможи кинеското економско чудо. И сè течеше како подмачкано до трговската студена војна која Доналд Трамп ѝ ја објави на Кина.

„Нашиот таен дил“, ми објасни еден кинески претставник, „е заснован на трговскиот дефицит на Америка со кој се одржува висока побарувачка за нашите стоки. За возврат, кинескиот капитал најголем дел од стекнатиот супер профит го инвестира на пазарите со финансии, осигурување и недвижности во Америка. Кога го воспоставивме овој систем Америка најголем дел од своето индустриско производство го префрли во Кина.“

Овој договор речиси половина век ѝ овозможуваше на Кина вишоците на своите производи, или нето извозот, да го конвертира во права на имот и рента во САД. Глобалната доминација на доларот беше заемен интерес и на кинескиот и на американскиот капитал.

Опстанокот на светскиот примат на САД сега зависи од Кина, а посредно и од токсичните случувања во САД, предизвикани од пропаѓањето на работничката и средната класа. Без глобалната превласт на доларот деиндустријализацијата на Америка не би била толку драматична, а кинескиот капитал не би можел огромните вишоци на вредноста кои ги произведуваат кинеските работници да ги депонира во американскиот рентиерски сектор.

Независно од официјалните причини за оддалечувањето од Кина, трговската војна која ја започнаа САД во времето на Доналд Трамп и која ескалираше во мандатот на претседателот Бајден, ги принудува и американските компании и Комунистичката партија на Кина да размислат што следи по раскинувањето на тајниот договор кој толку долго беше круцијално важен за интересите на двете страни. Конгломератите како компанијата Епл, всушност и не можат да ги прекинат своите врски со Кина а да не го загрозат сопствениот опстанок. Од друга страна, Кина располага со ризична, но реалистична алтернатива со домашната индустрија на финансиските технологии да ги анулира потезите на САД.

Замислете дека Гугл, Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб се интегрирани во една апликација, додајте ги Скајп, Вацап, Вибер и Снепчет, платформите како што се Амазон, Спотифај, Нетфликс, Дизни Плус, Ербнб, Убер и Орбиц, приклучете ги на тоа и Пејпал, Шваб и останатите банкарски апликации од Волстрит. Всушност, престанете да замислувате, зашто таква апликација веќе постои и се вика WeChat. Мобилната апликација за размена на пораки на Тенцент ги нуди сите споменати услуги на базата со корисници кои разменуваат 40 милијарди пораки дневно. Додека слуша музика или гледа видео, корисникот не мора да излегува од апликацијата за да испрати пари некому во Кина или на некој од милионите корисници надвор од Кина кои ја инсталирале апликацијата и отвориле сметки во јуани кај кинеските банки.

Спојот на кинеската висока технологија и финансиите (во облак) може да ги промени правилата на игра. Да споредиме тон алуминиум кој од Шангај патува во Лос Анџелес и целна реклама која американските потрошувачи ја добиваат преку ТикТок. И едното и другото им носат долари на кинексите компании. Но додека во случајот со алуминиумот приливот на доларите зависи од металот кој мора физички да се транспортира во Америка и подготвеноста на Америка да го финансира трговскиот дефицит, истото не важи за доларите кои ги носи ТикТок. Благодарение на растот на кинеската економија во облак, кинеските богаташи и моќници сè помалку зависат од американскиот трговски дефицит и креаторите на трговските политики на контрола на влезот на кинеска стока во американските пристаништа.

Таква е новата состојба на нештата. Бидејќи Америка продолжува да се заканува со мерки против кинескиот конвенционален капитализам, Кина би можела да го напушти тајниот договор кој ја врзуваше за хегемонијата на САД, да го мобилизира сопствениот систем на финансии во облак и да се насочи кон модел на развој кој нема да зависи од американскиот трговски дефицит. Таквиот потег на Кина би имал монументални локални и глобални последици.

На внатрешен план, оддалечувањето од моделот на физичко производство ориентиран на извоз, би довело до пад на агрегатните капитални инвестиции од околу 50 проценти на помалку од 30 проценти од националниот приход на Кина. Глобално, излегувањето од американскиот трговски дефицит би ѝ овозможило на Кина, преку системот на финансии во облак, со соодветна поддршка на дигиталната валута од страна на централната банка на Кина, да му понуди на остатокот од светот систем на плаќања деноминиран во јуани кој целосно го заобиколува моментално доминантниот доларски платен промет под контрола на САД.

По запленувањето на резервите на централната банка на Русија од страна на Америка и Европа заради инвазијата на Украина, расте побарувачката за нов кинески платен промет и кинески финансии во облак. Откажувањето од моделот за развој кој зависи од трговскиот дефицит на САД веќе не е само хипотетичко сценарио. Прашањето е дали креаторите на политиките во Кина навистина сакаат да тргнат по тој пат?

Ако го направат тоа, практично ќе го отфрлат индустрискиот модел за развој кој го создаде кинеското економско чудо, што сигурно ќе предизвика отпор кај традиционалниот кинески капитал кој зависи од американскиот трговски дефицит и прометот во долари. Ако не го направат тоа, кинеската економија сè уште ќе биде зависна од далечната спогодба која секој ден станува сè понеповолна за Кина, додека над неа се надвиваат облаците на новата студена војна. Можеби одлуката за тоа во нивно име ќе ја донесе администрацијата на Бајден со понатамошно инсистирање на блокирањето на развојот на Кина како технолошки напредно општество. Иднината на Америка и Кина, а можеби и целиот свет, зависи од тоа дали ќе настапи ненадеен кинески пресврт во насока на развој на финансиите во облак.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Hassan Bleibel

Извор: https://www.project-syndicate.org/