Јас сум Украинец

06.03.2023 10:48
Јас сум Украинец

Не знам која психотропна супстанција за разлабавување на нервниот систем му е потребна на човека кога ќе го изгледа неверојатниот, брилијантен документарен филм на нашата извонредна новинарка Кристина Атовска, која прва со невидена храброст отиде да известува од боиштата во Украина, веднаш штом почна бестијалната руска воена агресија таму, минатата година во февруари. Точно една година подоцна, Атовска заедно со својот тим соработници создаде едно филмско-новинарско ремек-дело, кое ќе влезе во антологијата на македонскиот филм.

Ја имав честа, привилегијата и задоволството да присуствувам на премиерата на „Приспивни сирени“ во киното „Милениум“ во ГТЦ, каде што, гледајќи ги потресните сцени од разурнатите градови и села во најголемата европска држава, во мене се измешаа чувствата на гнев, бес, невидена жал, немоќност, но и восхит, надеж, па дури и гордост, гледајќи како цела една нација си ја брани татковината, домот, семејството, своината. Во неверојатните раскажани приказни од новинарката можеа да се сретнат разни: од ужасно тажни, до очајнички, но и надежни, односно малку подобри од останатиот ужас, што им се случил на многумина, по примерот на масакрот во Буча.

Улица во Буча преполна со уништена руска опрема. BBC News

 

Украина е вечна и кога-тогаш ќе победи!

Тоа што мене ми остави најголем впечаток е како при такви, неверојатни, брутални, ѕверски, антицивилизациски и нечовечки напади од страна на агресорот, кој не избира место, време и цел, кого и што да гранатира, Украинците и украинскиот народ сè уште не го загубиле духот, вербата и волјата да победат и да се одбранат. За разлика од нив, ние завалиите, смешниците, најголемиот проблем и преокупација во моментов ни е (замрзнатата) цена на лебот, лажните дојави за бомби во училиштата и несреќната изјава на еден карикатурален кловн, кој во тонењето на својата политичка мизерија дал изјава за формирање „заедница на албански општини“ во Македонија, пандан на предвидените српски во Северно Косово. И тоа нам ни се најголемите национални и општествени проблеми, главоболки и маки, со кои не може да се справиме. А замислете само за миг, ние да се најдевме во ситуација во која сега се Украинците цела една година? Како ќе издржевме, како ќе се справевме и дали ќе се боревме? Или ќе си ги соберевме парталите, уште тие недојдени пред Крива Паланка и ќе фатевме да бегаме на север, кај нашиот „братски“ српски народ, кој ќе не прибереше како Полјаците Украинците. Хахаха. Можеби и бетер!
На пример, слично така агресорски ако не нападнеше источниот сосед, под истиот преттекст, како кремљовското чудовиште што го искористи за напад врз Украина: дека сме вештачка нација, со измислена и украдена историја и дека не му ги даваме основните човечки права на бугарското малцинство на теренот и правиме прогон врз него. Реториката е иста, целосно идентична би рекол, невидената омраза на рускиот и на бугарскиот, но и на целокупната руска и бугарска политичка и општествена елита кон постоењето на украинската, односно на македонската држава, но и нација. Тие со своите посебни идентитети, јазици, бит и култури се исти, различен е само геополитичкиот контекст, кој ја спречува истата разврска во нашите односи со Бугарија. Двете држави сме земји членки на најмоќната воена алијанса во светот НАТО и, оттука, ни хипотетички не е можно Бугарија да се обиде да го копира „потфатот“ на Руската Федерација во Украина.
Спасување по гранатирање во Харков
Извор: Epa/ Автор: Олег Петрасјук

Затоа таа ја води „војната“ ја води на друг, видоизменет начин, како што и дозволуваат средствата и ужасно неправедните механизми во асоцијациите во кои таа членува, (зло)употребувајќи го правото на инструментот вето, заради исполнување и за лекување некои нејзини анахрони, историско-национални фрустрации и комплекси, исти или бетер кои руската политичка елита, на чело со монструмот, ги има кон Украина, но тргна да ги „исправа“ на друг начин.

Многупати сум пишувал и сум го кажал моето мислење за етничките Македонци, кои пробуваа(т) да ја релативизираат грозоморната руска воена агресија во Украина, некои отворено не криејќи ја својата злорадост, навивајќи за агресорот, кога историски ние сме биле цел живот како Украинците, воено запленувани, прогонувани, негирани, оспорувани, бркани од соите домови: отворено ним им ја посакувам целата несреќа, истата трагедија, мака, болка, траор и уништеност што ја чувствуваат невините украински граѓани, особено стари, болни, жени и деца, ма сто пати полошо им посакувам и се срамам што номинално сум дел од истата етнонационална припадност со такви хуманоиди, неандерталци, социјално и емотивно зомбизирани, нееволуирани, долни пештерски суштества (никако луѓе), бидејќи човекот е разумно битие (зоон политикон). И нема што понатаму да дискутирам на таа тема.
Стражарите на Змискиот остров, Украина. Фото: Украинско Министерство за одбрана.

 

Храбрите синови на мајка Украина!

Две работи ми оставија особен впечаток гледајќи го филмот. Првата, неверојатна – млад Украинец раскажува дека кога почнала воената агресија, неговата тетка (родена сестра на мајка му) од Москва, злорадосно му кажала: „Е сега кога ја разбудивте мечката, ќе ја видите нејзината сила“ и „или ќе бегаш, а ако останеш и ако се браниш и ти си нацист“, што ми дава до знаење дека во децениската лабораториска пропаганда, стаорецот од Кремљ ги претворил своите поданици во ментално експериментални глувци, без грам емпатија, човечки емоции, па дури и срам.

Второ, во Харков, вториот по големина град во Украина, константно гранатиран од руската авијација, речиси уништен, во редот за храна и за вода нашата новинарка прашува младо четиринаесетгодишно момче дали ќе си замине од градот, на што тоа и одговара со „не“, а потоа го прашува дали се плаши воопшто од војната, на што исто така, дури со насмевка на лицето ѝ вели пак „не“.

Тоа се тие, храбри синови на мајка Украина, што колку и манијакално нарушениот лудак да ја гранатира и ја торпедира ќе ја одбранат и никогаш, ама никогаш, па ни тогаш, нема да дозволат некој да ги окупира и завладее. Затоа слава, на Украина и – Украина (е) вечна!

Зграда во Бородјанка преполовена од руските ракети од која беа извлечени 41 тело.
Извор: Profimedia / Автор: Сергеј Чузавков / Zuma Press/ Profimedia

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото