Во Авганистан момчињата се вратија на факултет по распустот, но не и девојките

06.03.2023 11:29
Во Авганистан момчињата се вратија на факултет по распустот, но не и девојките

Денес е првиот училишен ден за момчињата - студенти на авганистанските универзитети, кои повторно беа отворени по завршувањето на долгиот зимски распуст, за разлика од девојките на кои талибанскиот режим сè уште не им дозволува да студираат.

Забраната за посета на настава на универзитетот е едно од безбројните ограничувања на правата на жените усвоени од страна на талибанците откако дојдоа на власт во август 2021 година. Забраната предизвика бран на осуда низ целиот свет, вклучително и од муслиманските земји.

„Ми се крши срцето кога гледам како момчиња одат на факултет додека ние остануваме дома. Тоа е целосна родова дискриминација на девојчињата, бидејќи исламот ни дозволува да се образуваме и да бидеме дел од општеството“, вели Рахела, која има 22 години.

Министерството за високо образование кон крајот на декември објави дека универзитетите сега се затворени за жени со образложение дека тие не го следат важечкиот кодекс на облекување кој бара од нив целосно да ги покриваат телата и лицето.

Сепак, универзитетите веќе усвоија нови правила по враќањето на талибанците на власт, особено со намера да ги раздвојат девојчињата и момчињата за време на часовите. На жените им беше дозволено да бидат подучувани само од наставници од ист пол или постари мажи.

Иако неколку талибански претставници изјавија дека забраната за студирање на жените е само привремена, сепак не кажаа кога ќе биде укината забраната, а веќе година и пол се затворени и средните училишта за девојки.

Забраната за студирање беше вистинско изненадување за авганистанските жени кои полагаа приемни испити на универзитет помалку од три месеци порано. И покрај ветувањата дека ќе бидат пофлексибилни, талибанците се вратија на строгото толкување на исламот што го означи нивното прво доаѓање на власт (1996-2001) и ги зголемија мерките против жените.

Со месеци жените беа исклучени од многу јавни работни места или им беше плаќано да останат дома. Нив исто така, им е забрането да патуваат без придружба на машки роднина и мора целосно да се покриваат кога ги напуштаат своите домови.

Во ноември, талибанците исто така им забранија влез во паркови, градини, спортски сали и јавни бањи.

Извор: Danas.rs