Јас и племето

07.03.2023 12:56
Јас и племето

Праисториски карпести слики од Тасили Н'Ајер, Алжир

Една од најважните потраги во животот на секој човек е потрагата по својот сопствен идентитет. Кој сум јас? Од каде доаѓам? Што е она што ме одредува? Но, оваа потрага е опасно патување, полно со замки и препреки. Една од нив е затворањето пред светот кој ме опкружува. Ако заклучам дека ме одредува припадноста кон една група, ќе се фокусирам само на таа врска и ќе превидам сè друго што ме прави тоа што сум. Наместо да ме отвори кон светот, оваа потрага ме затвора во идејата за припадност на само едно заедница, која во голема мера одредува кој сум јас.

Луѓето се многу посложени суштества од тоа. Ако се фокусираме само на еден дел од нашиот идентитет и замислиме дека тој е единствениот што е важен, ја губиме шансата да откриеме кои сме навистина. Се разбира, за мене, како Евреин, еврејската историја и култура се важни. Но, за навистина, да разберам кој сум јас, не е доволна само приказната за еврејската заедница, бидејќи содржи многу елементи кои ѝ се прикачени од други места. На пример, јас го сакам фудбалот, а тоа го презедов од Британците кои го измислија. Секој пат кога ќе дадеме гол, ние сме по малку Британци. Сакам да пијам кафе наутро и за тоа морам да им се заблагодарам на Етиопјаните кои им го открија овој пијалок на Арапите и Турците, за тие подоцна да го рашират низ целиот свет. Сакам да го засладам тоа кафе со една лажичка шеќер и за тоа им благодарам на племињата од Папуа, Нова Гвинеја, кои почнаа да одгледуваат шеќерна трска пред околу 8.000 години. Понекогаш, со кафето, сакам да изедам и коцка чоколадо кое пристигнало кај нас дури од тропските шуми на Амазон и Централна Америка, каде жителите почнале да подготвуваат пијалоци и храна од какао уште пред 5.000 години.

Танц во село од Пјер Огист Реноар

Тук-таму, има Евреи кои не сакаат фудбал, не пијат кафе и се воздржуваат од конзумирање шеќер и јадење чоколадо. Но, што е со хебрејскиот јазик, јазикот на кој зборуваме, пишуваме и размислуваме? Зборот стол (кисе) го зедовме од сумерскиот јазик, поплава (бул) дојде од акадски, прстен (табат) од египетски, религија (дат) од персиски, а воздух (авир) од грчки. Не само бројни зборови, туку и цели јазични структури влегле во хебрејскиот јазик од други јазици, на пример арамејски. Дел од Танах е напишан на арамејски, а истото важи и за Мишна, Талмуд и Хагадат Песах. Жителите на Арам Дамаск и Арам Зова навистина го обожуваа богот Хадад и убија неколку кралеви на Израел и Јудеја, но ни го оставија и Хад Гадија (се чита на вечерта Седер) и изразите Блеит Брера (нема избор) и Биш Гад (лоша среќа). Евреите – верници го напуштаат овој свет со звуците на молитвите на арамејски јазик, Нека се величи и освети Севишниот. Тие текстови, како и целата Библија, се напишани на арамејски, а не на хебрејски.

И самата идеја за пишување? За тоа мораме да им се заблагодариме не на Арамејците, туку на древните Сумери. Илјадници години пред да постои првиот Евреин, некои конзервативни бубалици дојдоа до идеја за необичен старт-ап: дојдоа до идеја со помош на зашилено гранче да втриснуваат различни знаци на плочки од кал. Измислиле различни шифри и така се родила технологијата на пишување, без која немало да постојат ни весници и свети книги, ни компјутери и интернет.

Не само јазикот и пишувањето, туку и голем дел од верувањата и обичаите во јудаизмот биле измислени од странци. На пример, верувањето дека човекот има вечна душа која продолжува да живее дури и по смртта, не може да се најде никаде во Тора и најверојатно не постоело ни во еврејскиот Танах. Никаде во Танах Бог не им ветил на луѓето дека ако се добри, после смртта ќе бидат наградени. Ниту може да се пронајде дека Тој им се заканувал со казнување по смртта, ако се лоши. Верувањата во бесмртноста на душата и наградата или казната по смртта потекнуваат од странски извори, веројатно од филозофијата на Платон и Заратустра. Треба и на Персијците да им се заблагодариме за слаткиот пар што го сочинуваат ѓаволот и месијата.

Љубовниците, од Рене Магрит

Од храна и лекови до уметност и филозофија, повеќето работи што нè одржуваат во живот и му даваат шарм на животот се работи што не ги измислил припадник на нашиот народ, туку луѓе од различни народи и култури. Човекот кој сакаше да ја навреди културата на африканскиот континент со потсмев праша: „Кој е Толстој во племето Зулу?“ Изгледа мислеше дека во африканската култура не постои литературно дело споредливо со романите „Војна и мир“ или „Ана Каренина“. Афроамериканскиот новинар Ралф Вајли одговорил на овој предизвик на неверојатно едноставен начин: тој не навел список на писатели од Зулу како што се Бенедикт Валет Вилакази, Мазиси Кунене или Џон Дубе Лангалибалеле. И не инсистирал на тоа дека африканските писатели како Чимаманда Нгози Адичи, Чинуа Ачебе и Нгугу ва Тионго не се ништо помалку надарени од нивните западни колеги. Наместо тоа, Вајли во книгата „Мрачен сведок“ напишал: „Толстој исто така им припаѓа на Зулусите - освен ако немате некоја посебна причина да го разделите и оградите универзалниот имот на човештвото и да дадете ексклузивна сопственост на делови од него на различни племиња“.

Спротивно на мислењето на фанатичните расисти (и оние кои стравот од „културно присвојување“ го носат до крајности), Толстој не бил регистриран како сопственост на мајка Русија. Толстој му припаѓа на целото човештво. Тој самиот бил под повеќекратни странски влијанија, особено под влијание на Французинот Виктор Иго и Германецот Артур Шопенхауер, да не зборуваме за влијанијата кои доаѓаа од Христос и Буда. Толстој зборува за емоциите, прашањата и согледувањата кои за жителите на Дурбан и Јоханесбург не се помалку важни отколку за жителите на Москва или Санкт Петербург.

Бакнежот, од Густав Климт


Пред 2.000 години, римско-африканскиот драматург Теренс ја изразил истата идеја кога напишал: „Јас сум човек и ништо човечко не ми е туѓо“. Секој човек е наследник на целокупната човечка креативност. Оној кој бара тесен идентитет само во рамките на една група, всушност ја потиснува својата човечност. Тој го негира не само она што го споделува со сите луѓе, туку и многу подлабоки работи. Сите пронајдоци и идеи на луѓето од пред неколку илјади години се само надворешниот слој на она што сме ние. Под тој слој, длабоко во телото и свеста, постојат работи кои биле создадени во текот на милиони години еволуција пред да постојат луѓето. Оваа длабока мистерија е изразена во сè што чувствуваме и мислиме. За да разбереме кои сме ние, мора да се отвориме кон оваа мистерија и да ја истражиме, наместо да бидеме задоволни што припаѓаме на една група луѓе кои живееле неколку илјади години, на некои ридови покрај една или друга река.

Размислете малку за начините на додворување. Како се чувствуваме кога ќе видиме некој што ни се допаѓа, кога се држиме за рака или првпат бакнуваме некого? Размислете за бурата од емоции, надеж и страв, пеперутки во стомакот, топлината на телото, брзото дишење? Што се овие работи за кои писателите бескрајно пишуваат, а пејачите неуморно пеат? Од каде дојдоа?

Тоа не се работи што ги измислиле Евреите, Арамеите, Русите или Зулусите. Нив ги измислиле различни суштества. Тие се развиле во текот на милиони години еволуција и нив ги делиме не само со другите луѓе, туку и со шимпанзата, делфините, мечките и другите животни. Пасхата Седер и Бар Мицва се ритуали стари 3.000 години кои нè поврзуваат со стотици генерации други Евреи. Спротивно на тоа, првото заљубување е ритуал стар десетици милиони години кој нè поврзува со милиони претходни генерации на цицачи и уште попримитивни суштества.

Еврејската невеста од Рембрант

Ако инсистирам на тоа дека мојот идентитет може да се сведе на припадност на една човечка група, тогаш имам тенденција да игнорирам сè друго. Во тој идентитет нема место за фудбал и чоколадо, арамејскиот јазик и делата на Толстој, а едвај да има место и за љубов. Она што го добивате е скратена приказна која дава поедноставена и јасна слика за тоа кој сум јас, но тој одговор е половичен. Скратената верзија е ефикасна за смирување на моите сомнежи и можеби победата во дебатите за идентитетот, но цената е превисока: никогаш да не дознаам кој сум јас навистина.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: Pescanik
Слики: Guardian

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот
Општество / Став / Живот / Теорија
Психологија / Наука / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото