Клара Цеткин: Икона на борбата за женски права

08.03.2023 13:14
Клара Цеткин: Икона на борбата за женски права

 

Клара Цеткин, моминско презиме Ајзнер (германски: Clara Zetkin, Eißner; 5 јули 1857 - 20 јуни 1933 година), била влијателна германска социјалистичка и комунистичка политичарка и борец за правата на жените. Во 1907 година, таа ја организира првата меѓународна женска конференција. На нејзин предлог, 8 март е прогласен за Меѓународен ден на жената.

Школувајќи се за учителка, Клара Цеткин се поврзува со женското и работничкото движење во Германија од 1874 година. Во 1878 година, таа станува членка на Социјалистичката работничка партија (Sozialistische Arbeiterpartei, SAP). Оваа партија е основана во 1875 година со спојување на две претходни партии: Генералното германско работничко здружение (ADAV), основано од Фердинанд Ласале и Социјалдемократската работничка партија (SDAP) на Август Бебел и Вилхелм Либкнехт. Во 1890 година нејзиното име било сменето во денешно - Социјалдемократска партија на Германија (СПД).

Поради забраната за социјалистички активности воведена во Германија од страна на Бизмарк во 1878 година, Клара Цеткин се преселила во Цирих во 1882 година, а потоа заминала во егзил во Париз. За време на нејзиниот престој во Париз, таа има одиграно важна улога во основањето на Социјалистичката интернационала. Таа го зела и презимето на нејзиниот љубовник, рускиот револуционер Осип Цеткин, со кој имала два сина. Подоцна се омажила за уметникот Георг Фридрих Кундел, со кого била во брак од 1899 до 1928 година.

Клара Цеткин била една од главните фигури на левото револуционерно крило на партијата во СПД, заедно со Роза Луксембург, блиска пријателка и жена од доверба. Во дебатата за ревизионизмот на почетокот на дваесеттиот век, придржувајќи се до екстремната комунистичка догма, Цеткин заедно со Роза Луксембург ги напаѓа реформистичките тези на Едуард Бернштајн.

Цеткин била многу заинтересирана за женската политика, вклучувајќи ја и борбата за еднаквост и правото на глас на жените. Таа го развила социјалдемократското женско движење во Германија; од 1891 до 1917 година пишувала за женскиот весник на СПД Die Gleichheit (Еднаквост). Во 1907 година станал лидер на новоформираната „Женска канцеларија“ во СПД. Таа го организирала и одбележувањето на првиот „Меѓународен ден на жената“ на 8 март 1911 година.

За време на Првата светска војна, Клара Цеткин, заедно со Карл Либкнехт, Роза Луксембург и други влијателни политичари од СПД, ја отфрлиле партиската политика на Бургфриден (примирје со владата, ветување дека ќе се воздржи од сите штрајкови за време на војната). Покрај другите антивоени активности, Цеткин организирала меѓународна женска антивоена конференција во Берлин во 1915 година. Поради нејзините антивоени ставови, таа била апсена неколку пати за време на војната.

Во 1916 година, Клара Цеткин била една од основачите на Сојузот Спартак и Независната социјалдемократска партија на Германија (USPD), која се отцепи од нејзината матична партија, СПД, во 1917 година поради несогласување со нејзините провоени ставови. Во јануари 1919 година, по германската револуција од ноември претходната година, била основана КПД (Комунистичка партија на Германија), на која Клара Цеткин се приклучила и ја претставувала од 1920 до 1933 година во германскиот парламент. Таа го интервјуирала и Ленин за „женското прашање“, 1920 година.

До 1924 година, Клара Цеткин била членка на централната канцеларија на КПД; од 1927 до 1929 година била член на централниот комитет на партијата. Била и член на извршниот комитет на Комунистичката интернационала (Коминтерна) од 1921 до 1933 година. Во 1925 година била избрана за претседателка на германската левичарска хуманитарна организација Rote Hilfe (Црвена помош). Во август 1932 година, како претседателка на Рајхстагот по стаж, таа го повикува народот да се бори против национал-социјализмот.


Кога Адолф Хитлер и неговата Национал-социјалистичка германска работничка партија ја презеле власта, Комунистичката партија на Германија била исфрлена од Рајхстагот, по пожарот во Рајхстагот во 1933 година. Клара Цеткин заминува во егзил за последен пат, овој пат во Советскиот Сојуз. Таа починала таму, на 20 јуни 1933 година, на речиси 76-годишна возраст. Била погребана под ѕидовите на Кремљ во Москва.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: Buka Magazin

ОкоБоли главаВицФото