Книжевен прашалник за Томислав Османли

09.03.2023 09:35
Книжевен прашалник за Томислав Османли

 

- Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?

-Не се сеќавам јасно, на границата пред која постарите ми читаа книги, ниту од која почнуваше самостојното читање. Читав од претшколска возраст, на две писма. Сепак, и мене прва ми беше писменоста на сликите: цртаните слики, илустрациите по книгите, па и пред да почнам да го препознавам текстот во нив - на детските „цртани романи“, сликовниците, но и на весниците, странските магазини, фотографиите во стручните списанијата што ги купуваше или од странство ги носеше татко ми, од „Cahiers de Cinéma“ до старите броеви на предвоени, па и воени филмски списанија, се сеќаван дури и на „Paris match“ со чудесните фото-репортажи, неделникот на кој беше претплатена една наша роднина, француски дипломец по стоматологија...  Инаку, првите проблесоци во сеќавањето ми се едни симпатични сликовници со крупни, радосни шаховски шари на внатрешната страна од кориците што ги најавуваа сликите со Дизниевите јунаци (се сеќавам на симпатичниот, палав двоец „Чип и Дејл“, на пример), потоа едни тенки сликовници, пре-шарени и лошо илустрирани, но со возбудливи прикази и текстови за античките митови, што ми ги купуваше баба ми во Грција каде исто нешто порано почнав да читам, а нешто потоа една прекрасна серија на српски јазик на Гримови и Андерсенови бајки (на пример „Огнило“, „Царевата нова облека“) што ја читав помагајќи се со илустрациите... Мојот стрико од Битола ми најде стари укоричени комплети на „Политикин забавник“ од две-три повоени годишта, кои ги донесов во Скопје и ги читав со уживање, стриповите особено. Освен тоа, мајка ми од Грција редовно носеше купови популарни списанија што радо ги листав зашто таму објавуваа фото-стрипови кои, задушени во дијалошки екст и без доволно промени во сликобизите, брзо ми станаа здодевни; но, и одлични карикатури и цртани стрипови што во нив се објавуваа. Едното од списанијата на кои се сеќавам се викаше „Ρομαντσο“, другото - „Θησαυρός“ во овој вториов магазин, се објавуваа карикатури со два смешни, сугестивно изведени лика, една дебела жена Анѕулѝна, далечна претходничка на продавачката на тутун (la Тabaccaia) од „Амаркорд“ на Фелини, и нејзиниот ситен маж Захаријас; но пред сѐ авантурите на Тен-тен (Tin-Tin) во продолженија, поради што претходно уредно ги подредував списанијата.  Белгискиот стрип е првиот уметнички стрип што сум го запознал многу одамна, уште од раното детство, на овој начин и кој ме подучи во читање на текстовите во балончињата во возбудливите авантури на јунакот на Ержѐ (Hergé). 

 

 - Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?

-На пример, „Низ пустината и прашумата“ од Хенрик Сјенкјевич. „Срце“ на Едмондо Де Амичис. Авантуристичките вестерн романи на Карл Мај според кои - во оние мали нотеси со вертикално исшпартана линија на средината од листовите за пишување странски зборови на едната и нивен превод на другата страна - правев речници на индијанските зборови што сјајниот германски книжевен фантаст и денес ми се чини, сосем логично ги компонираше, иако никогаш не стапнал на американско тло... Ја сакав многу и „Хајди“ на Ј. Шпири поради нежноста описите на алпските предели и ликот на грижниот дедо, кој знае, можеби и зашто во детството јас дедо не успеав да затекнам. Тие книги го одредија моето авантуристичко и сентиментално интересирање.

 

- На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?

- Па на поголем број. Заводливи ми се книгите од домашните библиотеки. Ми се случува да појдам по една книга, па да се зафатам со листање на сосем десетти, а да извадам и понесам неколку други, покрај бараната. Но, еве, би ја издвоил „Продавниците со боја на цимет“ од Бруно Шулц и „Санаториум во знакот на Клепсидра“. Ги читав пред да се појават одличните изданија првото од книжевните работилници на „Темплум“ и на „Бегемот“. „...Клепсидра“ порано ја бев симнал од интернет, од богат сајт посветен на литературното и ликовно дело на Бруно Шулц.

- Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?

-„Златното руно“ на Пекиќ. Тоа е фасцинантен, гигантски роман од седум густо испишани томови. Секогаш кога отворам некоја од книгите (го имам старото издание со тогаш само првите пет објавени) се воодушевувам од тоа како брилијантниот писател успеал да го напише тој згуснат, стежнат, ерудитски роман за трансцивилизацискиот номадизам. Искрено, тешко ги читам кајнавелските романи на нашиот Славко Јаневски иако содржат лексичка ризница. Јаневски е автор со пребогата и разнообразна креација, од којашто најдраги ми се раните прози до романот „И бол, и бес“ и првата книга на спомнатиот циклус, позната збирка „Тврдоглади“; па сјајната, национално автоиронична поезија, исклучителни филмски (долгометражни) сценарија, неговиот кусометражен игран филм „Сонце ѕад решетки“ 1957 година работен според неговиот расказ „Едно жешко јулско пладне“, неговата извонредна новела „Самураи“, стриповите работени во младоста од тој, инаку, вонредно даровит стрип цртач и илустратор, потоа сјаен сликар на чија изложба од седумдесеттите во галеријата на денешен КИЦ сѐ уште живо се сеќавам и за која сметам дека треба да се повториобнови... Сето тоа е сјајно, но импозантниот, инаку, каинавелски циклус, мене барем, тешко ми оди.

- Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?

-Мора да има, но навистина не можам да се сетам.

- Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?

-Во „Рајска градина“ (Garden of Eden) на Хемигвеј. На страна моите сопствени авторски утопии. Тој негов азурен медитерански, еротичен и хедонистички рај е крајно заводлив.

- Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?

-Во секоја чекална. Сепак, таму читам куси прози и песни, од мобилен. На годишни одмори носам три-четири книги за по плажи, но на останатите патувања по градови, носам само една книга, а и таа само за секој случај, зашто од искуство знам дека и неа тешко ќе ја отворам. Живиот град е претпочитана книга.

- Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?

- Стрипот „Му“ од серијата со Корто калтезе, на авторот Хуго Прат. „Ден“ на Ричард Корбен и „Саламбо“ на цртачкиот маг Дилип Дрије. Автобиографијата „Сите реки течат кон морето“ (All the Rivers Run to The Sea) на Ели Визел, студијата „Кралот Искус“ од Р. Грејвс. „Автобиографија на еден Јоги“ на Парамаханса Јогананда. Биогафиите на Сергеј Ајзеншајн, Федерико Фелини и Акира Куросава...

- Која книга би сакале вие да сте ја напишале?

-Најискрено, ниедна туѓа. Добри си се како творби на рој од чудесни авторски светови во кои е убаво да завлегуваш како нивен читател. Потоа врати си се „дома“ и создавај свои книги.

- Општо прифатено ремек-дело кое не ви се допаднало? И зошто?

-Едно е допаѓањето, друго е респектот кон книжевните, наративни, структурални, идејни дијалошки... вредности. Има доста книги не ми се допаднале така што да сакам одново да им се навраќам, но за сега нема ниту една која не сум ја испочитувал во некоја од нејзините градбени елементи. Кога бев млад полесно, читателски, врз принципите на симпатија и атракција, интимно заобиколував или одбивав дела; сега знам да ги гледам од повеќе аспекти и во некој од нив да откривам понекоја проекцијата на битен авторски свет. Книгите нудат слоевити светови на препознавање.

- За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?

-Умберто Еко во ерудитската есеистиката. Инаку, му издвојувам два романа кои многу ги сакам и респектирам „Таинствениот пламен на кралицата Лоана“, една фасцинантна приказна во која изгубеното сеќавање на главниот карактер се реституира по пат на откривање на различни иконографски елементи од минатото (цртежи, реклами, стрипови...) и секако „Името на розата“ во кое се трага по скриениот втор дел од Аристотеловата „За поетиката“, а во кој големиот философ и систематичар ја разгловува открива забранетата тајна на комедијата... Еко за жал не е веќе меѓу нас, а ова време просто пека по нов запис посветен на цивилизациските амнезии.

- Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?

-Не готвам вечери ни за себе. Но, би ги поканил на вечера повеќе од петмина Кундера, Куци, Николо’ Аманити, Орхан Памук... , а на оној свет: Хомер, Еврипид, Гогољ, Толстој, Рацин, Андриќ, Пекиќ, Казанѕакис, Брехт, Борхес, Хемингвеј, Бруно Шулц, Пруст, Џојс, Бонд, Роберт Грејвс,... Таму, богами, би поканил на банкет повеќемина, зашто рајските ресторани се, верувам, останати бесплатни. Сега, овде, тоа би било пеколно невозможно да се реализира.

- Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?

-Со молив, често пишувам на маргините, остаток од студентските денови кога свои коментари, идеи, критички опсерваци испишував покрај инспиративните делови од учебниците особено на авторитетните моите професори на Правниот факултет. Маркирам и клучни поими, моменти од делото, за полесна ориентација во наративот и идеите при подоцнежно навраќање. Правам и листи на поважни имиња или факти, но тоа веќе во посебни фајлови, на компјутер.

- Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?

-На пуст остров: „Робинзон Крусо“ на Д. Дефо, плус „Фо“ на Куци за класично-постмодерни споредби на два и пол века одвоени книжевни наративи; „Златно руно“ од Пекиќ, пак - за на доживотна казна (инаку, основ за осуда на доживотната затворска казна, би било откритието дека „Ние“ на Замјатин, „1984“ на Орвел, „Доблениот нов свет“ на Хаксли, но и „Процесот“ на Кафка и неговата „Метаморфоза“ денес се стварносни, не дистописки или мрачи фантастични прози). Мислам дека седумте томови од грандиозната, ерудитска, густо испишана хроника за влашкото семејството Његован се доволни за доживотен прочит.

- Што читате деновиве?
-Одново, романот „Успорување“ на Кундера, потоа романот за млади „Ослонецот на Земјата“ („Χοροστάσι της Γης“) што деновиве ми го испрати грчката полиграфична авторка Димитра Митта (нејзината одлична антрополошка студија „Ликовите на маската“ /„Όψεις του προσωπείου“/ своевремено ја објави скопска „Култура“), потоа „Mahala“, роман на хрватскиот автор Никола Шимиќ, па необичните раскази врзани за фантастичната тема на т.н. „влашка магија“ од неговата идна книга што консекутивно ми ги испраќа авторот и преведувач Зоран Ж. Пауновиќ од Белград; книгата со минуциозното истражување за македонските објави во легендарниот хрватски „Plavac“ што под наслов „Плави вјесник, 9-та уметност и земјата каде што сонцето вечно сјае“ ја публикуваше нашиот стрип автор и истражувач Александар Стеванов... и - како и редовно - новиот број на „Политикин забавник“.

 

ОкоБоли главаВицФото