
Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид на 07.03.23. се доделија наградите на најдобрите песни што учествуваа на анонимниот Конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“, распишан во чест на писателот Тоде Илиевски.
Првата награда ја доби Пандалф Вулкански (псевдоним на Никола Гелевски), за песната „Алиса се кара со Белиот Зајак и неговата Тава“. Второто место го освои песната „Жабешки хор“ од авторката Соња Манасиевска Конеска. Третата награда му припадна на поетот Зоран Јакимоски за песната „Штурецот и мравката“.
Според Жирито, двете песни кои се истакнаа со својата свежина, „Алиса се кара со белиот зајак и неговата Тава“ и „Штурецот и Мравката“, „се повикуваат на светски класици од книжевноста за деца, и успешно ги пресоздаваат - првата во повеќеслојно дело со свежа лексика, со игри на зборови (во духот на Тоде Илиевски), со хумор и со суптилен обѕир кон современи општествени теми на глобално, и можеби пред сè на локално рамниште; втората во едно толку неопходно дело коеја исправува вековната неправда на Ла Фонтен“. Песната „Жабешки хор“ е третата песна која се издвои од останатите песни, со својот разигран тон и со музичката терминологија“, смета Жирито.
Жири комисијата ја сочинуваа Горјан Петревски, Николина Андова Шопова и Живко Грозданоски.
Во склоп на програмата на еднодневниот настан, во присуство на наградените и на двајца членови од жирито, се претставија и ученици од ОУ „Свети Климент Охридски“, кои читаа стихови од „Белиот предел“, последната објавена книга на Тоде Илиевски. Писателката, поетеса и есеист, Мерсиха Исмајлоска, пак, даде книжевен осврт за истата книга. Поетите Мирко Томовски, Митко Колјушовски и Смиле Наумоски – Брсјак говореа за животот и делото на Илиевски, но со публиката споделија и спомени од заедничките дружења, бројните литературни манифестации и културни средби, во кои активно учествуваше и Тоде. Најпосле, библиотеката „Григор Прличев“ на Ана Богиќ, ќерка на Тоде Илиевски, ѝ додели постхумно Признание за почесен член на библиотеката.
Конкурсот за најдобра необјавена песна за деца го распиша Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“, кое најави дека ќе се заложи оваа манифестација да биде традиционална. Најдобрите песни ќе бидат објавени во шестиот број на електронското списание „(е)Лит“, што го објавува Здружението.
Настанот е со поддршка од Општина Охрид.
Во продолжение ги пренесуваме трите најдобро оценети песни.
Алиса се кара со Белиот Зајак и со неговата Тава
Низ дупката на едно изгниено дрво
Алиса дошла во подземјето на Белиот Зајак.
„Добредојде во мојата енклава,
на скромна прослава“, рекол Белиот Зајак.
Но, штом влегла Алиса почнала да негодува:
Каква е оваа прослава и каков е овој стан?!
Пеглава е пегава, теглава е тегава,
иглава нема глава, кваката нема брава!
Бравос за овој хаос!“
„Охохохо, поплаки цела поплава!“, рекол Зајакот.
„Не сакам да се караме, Алисо. Затоа, те молам,
намали го тонот, барем за една октава.“
„Нејќу!“, рекла лутата Алиса. „Во подземјево
секоја работа ви е крива, за ништо не ве бива!“
Тогаш една Тава почнала Алиса да ја мава по глава!
„Стој, немој да се маваш, Таво! Од тебе целава глава
ќе ми стане ќелава!“, рекла Алиса.
„Сакаш здрава храна?“, прашала Тавата.
„Имате лава-колач со агава?“, прашала Алиса.
„Имаме само к-лава и с-лава.“
„Тогаш дајте ми бак-лава.“
„Права баклава имаме ко алва“, рекла Тавата.
„Може тогаш алва“, рекла Алиса.
„Мислиш, баклава?“, прашала Тавата.
„Да, од помалава“, одговорила Алиса
и со прст ја покажала најмалата баклава во тавата.
(Дали баклавчето било отровно, дали Алиса го изела, дали се смалила, дали излегла од дупката на Зајакот и што сè после ѝ случило - пишува во книгата „Алиса во земјата на чудата“.)
(Прво место на конкурсот „ТОДЕ“ 2023. Автор - Пандалф Вулкански)
Жабешки хор
Во една бара мала
имаше концертна сала.
Пред барата малечок двор,
во салата пееше хор.
Во хорот пејачи многу,
прв, втор и трет глас.
Секоја вечер концерти,
од крекање немаше спас.
Најгласна беше жабата Мона,
таа беше сопран примадона.
Од пеење не го фаќаше сон,
жабакот Ринтинтон, прв баритон.
Милиминор беше тенор,
а Анамеран, мецосопран.
Старата жаба Гвалт
беше прочуна по женскиот алт.
Искусниот жабок Свалка,
во раце држеше диригентска палка.
Некогаш во друга бара диригирал
и сите претстави ги режирал.
Кре, кре-квак, прв е знак.
Ква, ква, креее, кре, квак, кре.
Ќе има ноќва пеење.
Убаво звучи, чесен збор,
тој малецок жабешки хор.
(Второ место на конкурсот „ТОДЕ“ 2023. Авторка – Соња Манасиевска Конеска)
Штурецот и мравката
(според Ла Фонтен)
Штом летото најпосле руба скина,
по небото облак сонлив мина,
штом родот во амбари се стави –
нема друго што да се прави.
Тогаш Мравка рацете ги трие,
се смее, радоста тешко се крие.
Нестрпливо чека пред својата врата,
ќе дојде Штурчо по заслужената плата.
Таа знае, ќе плаче тој и ќе моли,
за зрно-две, оф, како ќе го боли
штом Мравка в лице ќе му каже
кај бил летоска, кого ќе го лаже!
И дојде мигот, часот чукна,
чиниш вратата од ударот пукна.
Истрча Мравка ѓоа зелена од гнев,
од душата ѝ надоаѓа силен рев:
- Кажувај Штурчо, не арчи го денот цел!
Викна таа и гледа – марцедес бел!?
- Да те поздравам Мравке, далеку одам,
во Париз, Брисел јас концерти ќе водам!
(Трето место на конкурсот „ТОДЕ“ 2023. Автор – Зоран Јакимоски)
Фотографии: Весна Коцевска