Кутрите принцови од Париз

10.03.2023 01:10
Кутрите принцови од Париз

Бидејќи одамна се слободни во вторници и среди, а од неодамна и во четвртоци, навивачите на Барса вчера во невртка славеа шестгодишнина од најдраматичниот возвратен меч во Лигата на шампионите – шлеперот преку ПСЖ на Камп Ноу за 6:1 по поразот од 4:0 во првиот натпревар. Претходно со таа титула се китеа сега веќе заборавените Депортиво ла Коруња (тимот за кој Цапар има дадено гол, а таа 2004 година екипа на мангупи како Пандиани и Валдерон) со четирите гола со кои ги елиминираа Милан на Риазор по поразот од 4:1 на Сан Сиро во првиот натпревар. Депортиво се врати по три гола разлика, Барса по четири, значи, Депор за агрегат 5:4, Барса за 6:5, Депор со гол на гости за некаква надеж, Барса без.

Иронично е, и донекаде болно, што Меси и Нејмар, најнасмеаните во таа легендарната утакмица, сега играат за тогашниот противник. Уште поиронично е што на денот на прославата на шестгодишнината, односно вчера, нивниот сегашен тим, на злорадосно уживање на сите љубители на фудбалот постари од 10 години, уште еднаш испадна од елиминациски меч на Лигата на шампиони, овојпат по поразот од секогаш совесниот Баерн со 2:0 на Алианц Арена, откако претходно веќе губеше со 1:0 во Париз.

За Меси, кој навидум си најде место под сонцето по едногодишната стаписаност, сега се зборува дека е на чекор од враќање дома во Барса, а Нејмар, најкорисниот играч во Европа и најфаулираниот играч на светот, планира да избега на операција среде сезона. Но дури и со него - организатор, поврзувач, вештер, мотиватор - вчера видовме аморфна, неповрзана, немоќна, немотивирана група со сериозни предизвици во формацијата и малку сериозни опции на клупата – слика на краен недомаќинлак и распикуќништво. Притоа, со уморен обезгласен тренер и конечно, надуена како птицата од амблемот на Франција. Третата, или ајде, првата ѕвезда на тимот, Килијан Мбапе, летово ги одби минатогодишните среќлии од Мадрид за да добие написмено дека е главна ѕвезда на парискиот тим кој се обврзува да му ја исполни желбата пеналите да ги шутира тој, а не Нејмар, другарот на Меси. За вчерашниот пораз детиштево, во споредба со кое инаку разгалениот Нејмар изгледа како Мојсеева табличка, не сноси никаква вина, зашто играше 33 минути и топката, кажуваат статистиките, ја допрел 33 пати.

И така, со милијарда и пол фунти вложени за 12 години (еквивалент на 16 Dassault Rafale многунаменски борбени авиони – му преведува во својата последна колумна во „Гардијан“ еден од моите омилени колумнисти, Џонатан Вилсон на Саркози – што Катарците си ги купуваат од Франција во период со впечатлива временска коинциденција) ПСЖ понекогаш победува во француско првенство, понекогаш блеска со некоја акција и главно произведува трачеви што оставаат вкус на најраскошна дарба удавена во позлатено сељаштво и бескарактерност. Како детска соба на длабоко осамено прваче во шах, посинето од богат чичко вљубен во благородничката титула на неговата осиромашена мајка. И бестрага, ако сразмерно се намали и ако целосно занемариме сѐ што нѐ поврзува со него, нели кутрово дете проклето личи на нашиот кривоног Вардар пред да се пресели на село зашто мајка му се разведе од рускиот очув и се премажи во близина?

Скорешната историја на Челси не ја ни спомнувам, зашто сѐ уште сум им лута за Шевченко. Ни веројатната иднина на Манчестер Јунајтед, без некоја особена врска со слободните четвртоци.

Карикатури: Omar Momani

ОкоБоли главаВицФото