Тајм требаше заедно со Зеленски за личност(и) на годината да ги прогласи и жените на Иран

10.03.2023 11:32
Магазинот Тајм требаше заедно со Зеленски за личност(и) на годината да ги прогласи и жените на Иран

Со сета почит, искрена и заслужена поддршка што ја има Володимир Зеленски како лидер на украинската одбрана од воената на агресија на Русија, магазинот Тајм оваа година требаше за личност(и) на годината, покрај украинскиот претседател да ги прогласи и – жените на Иран.

Трагедијата што ја донесе војната во Украина, хуманитарната катастрофа и злосторствата против човештвото се неспоредливи, но така требаше и да остане во изборот на магазинот Тајм. Без никакво споредување или оправдување зошто е тоа така покрај Зеленски како лидер на Украина и слободниот свет против военото зло, оваа глобално прифатено признание требаше да им припадне подеднакво и на жените на Иран. Како почит кон граѓанскиот отпор во оваа земја во која покрај 44 годишната пропаганда и обидите за системско „перење на мозоците“ во сите образовни и општествени институции, набруталниот фундаменталистички верски режим во Техеран не го спречи бунтот на жените.

Се проценува дека околу 400 ирански жени и мажи се убиени од септември минатата година кога се засилија протестите во Иран, а некои групи за човекови права го наведуваат овој број поголем, а судските власти бараат остри казни за некои од приведените. И покрај мерките за блокирање на интернетот, и понатаму се појавуваат извештаи за смртни случаи и злоупотреба во притвор. Така наречената „Морална полиција“ досега извршила преку 10.000 апсења, меѓу кои има и девојки на 15 години кои одбиваат да ја носат марамата и да го кријат лицето. Хуманитарните организации известуваат за ужасни злостори во иранските затвори, меѓу другото и за силувања во знак на одмазда зашто жените и девојките се осмелиле.

А се осмелиле само затоа што одбиваат да ги покриваат своите коси со марама, хиџаб, и своите тела со широка облека. Затоа што одбиваат да бидат само и само мајки и сопруги, затоа што не можат да танцуваат во јавни објекти, затоа што им е забрането да возат моторцикли и скутери, затоа што им е забрането да патуваат без писмена согласност на нивините родители или сопруги, затоа што им е забрането да гледаат спортски натпревари на стадионите, затоа што не смеат да слушаат одредена музика…

Жените на Иран одлучија да викнат – доста е. Во зимата 2017 година младата жена Вида Мовахед застана на врвот на една кутија на улицата „Револуција“, најпрометната пешачка и сообраќајна артерија во центарот на Техеран, и ја закачи својата бела шамија, својот хиџаб на стап. Ја крена марамата како ненасилен чин на отпор и несогласување против кодот на облекување во Иран и против симболот кој ги вклучува сите репресии и забрани.

Вида Мовахед улицата „Револуција“ во 2017 година

Тие што денеска се сеќаваат на тој чин го издвојуваат спокојството со кое Вида го направи овој гест. Така спокојна го очекуваше доаѓањето на полицијата со став кој гласно говореше: Мојот бел хиџаб не е знак на предавство зашто знам дека ќе бидам уапсена. Стојам тука пред вас за да ме видат сите дека можеме да му кажеме „не“ на режимот.

После еден час беше уапсена поради кршење на законот, но фотографиите од нејзиниот тивок, храбар чин започнаа да се „вртат“ на социјалните мрежи. Еден месец подоцна, дипломираната студентка Наргес Хосеини го изврши истиот пркосен чин на истата улица.

Големиот бран беше поттикнат. Стотици жени започнаа слични протести, а нивното движење го доби името од каде што сѐ започна и се препознаваше по хаштагот: #TheGirlsofRevolutionStreet.

Иако низ годините беше брутално потиснуван со грижлива внимателност да не се прелее пошироко во јавноста, овој израз на отпор беше начин да се одбие да се биде модел на исламски граѓанин, да ѝ се покаже на државата дека нејзиниот репресивен план не успеал и дека ја жените на Иран ја отфрлаат конзервативна визија за нив како покорни сопруги.

Девојките и жените на Иран со години оставаа цвеќиња на местата што беа места на протести и ѝ покажаа на следната генерација колку силно граѓанската непослушност може да ја предизвика и да се бори нееднаквоста.

Минатата година во септемви за време на масовните протести на новата генерација којашто го прифати предизвикот што го презедоа нивните претходнички, мајки и сестри, „моралната полизија“ ја приведе Маша Амини. Ја претепаа и ја притворија. Маша Амини почина од полициска бруталност само затоа што одби да ја носи марамата и затоа што си ја скрати косата.

Цвеќе на портретот на Маша Амини

Смртта на Маша Амини го запали огнот. Стотици илјадници демонстранти излегоа во стотици градови во Иран и го започнаа движењето #WomanLIfeFreedom.

За задушување на протестите полицијата употреби смртоносна сила. Последните извештаи запишаа: Најмалку 522 лица се убиени во четиримесечните антивладини протести во Иран. Меѓу загинатите има 70 малолетници. Речиси 20.000 луѓе се уапсени. Од нив за 110 се поднесени обвиненија што можат да доведат до смртна казна. Четворица се веќе погубени.

По речиси три месеци, протестите во кампусите на колеџите не престануваат, а студентите бараат ослободување на приведените пријатели и пркосејќи им на законите за полова сегрегација.

Мапа на протестите од септември до октомври 2022 година

Сега битката за достоинство и за еднаквост ја водат девојките и жените кои живеат во контрастот меѓу животите што ги водат на интернет и наследените обичаи и традиции полни со идеолошки пораки на Исламската Република.

Во првите тие се посветени на животот, а во вториот им се наметнува херојството на исламските маченици со кои оваа генерација одбива да се идентификува.

Она што светот се прашува после сите жртви на иранските девојки и жени уште на колку страдања се подготвени Иранците за да се реализираат нивните барања? На крајот од краиштата одговорот на ова прашање го знаат самите тие зашто најдобро ги знаат и чувствуваат тие страдања. Тие ќе живеат со исходот од нивните постапки.

Но, она што е забележливо е поширокиот одек на револтот на иранските девојки. Тој станува сѐ посеизмички. Во соседните Ирак и Авганистан, земји каде насилството врз жените е ендемично, активистите држат плакати на нивните ирански сестри. Феминистките ширум светот, особено во Европа и Латинска Америка, го гледаат исходот во Иран како бранител за нивните сопствени борби.

Насибе Самсеи, Иранка во Турција на протестите пред конзултатот на Иран во Истанбул

Не треба да се заборави, ниту да се потценува, отпорот против режимот е „заразен“ и инспирира. Може да биде притаен или дејството да му биде одложено, но никој на времето не можеше да претпостави и да ја препознае моќта на една девојка која застана на една кутија, ја извади марамата и само побара да биде оставена на раат.

Извор: Рацин.мк