Окупација, Украина и Израел

13.03.2023 03:37
Окупација, Украина и Израел

На првата годишнина од војната во Украина единствените нешта што треба да се прослават се размерите и храброста на украинскиот отпор кои ги изненадија сите, вклучувајќи ги и сојузниците на Украина, а можеби и самите Украинци. Преку самоодбраната Украина ја остварува својата трансформација.

„Желбата на луѓето за правда не престанува“, вели украинската новинарка Катерина Семчук. „Заправо е посилна, зашто граѓаните ги ризикуваат сопствените животи во борбата против геноцидната закана на Русија. Луѓето ги вложуваат своите животи во иднината на Украина и повеќе од кога било се грижат како ќе живееме по војната.“

Во контекст на новото расположение украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна отпушти неколку највисоки претставници осомничени за корупција и други кривични дела. Останува да се види дали украинската антикорупциска кампања ќе прерасне во порадикално преиспитување на прашањето „како ќе живееме по војната“.

Дали Украина само ќе им се препушти на либералниот запад и економската колонизација на големите корпорации? Дали како Полска ќе му се придружи на популистичкиот бунт против глобализацијата и слободниот пазар? Или ќе го избере потешкиот пат на вистинската социјалдемократија?

Овие прашања се поврзани со нерамномерниот меѓународен одговор на руската агресија. За правилно да се осуди рускиот колонијализам треба да се биде доследен па да се осудат и другите примери на колонијално потчинување, а особено израелското угнетување на Палестинците на Западниот брег во Газа.

Вистина е дека израелската окупација на Западниот брег не е резултат на воена офанзива или инвазија, туку наследство на арапско-израелската војна од 1967 година, која арапските држави ја загубија. И точно е дека дискусиите за израелско-палестинскиот спор бараат посебно внимание, зашто често се користат за поттикнување антисемитизам, растечки проблем на западот. Но тие не мора да се водат, особено денес кога насилството во Израел повторно е во пораст.

Несомнен факт е дека повеќето Палестинци од Западниот брег се родени под окупација и дека по речиси шест децении губат надеж дека некогаш ќе стекнат вистинска државност. Напротив, тие беспомошно посматраат како израелските доселеници постепено ја присвојуваат нивната земја. Западните медиуми го фалат украинскиот „херојски отпор“, но го премолчуваат палестинскиот отпор на режимот кој е сè посличен на некогашниот апартхејд во Јужна Африка.

Сега кога новата израелска влада на чело со премиерот Бенјамин Нетанјаху врши де факто агресија на Западниот брег, сè полесно е да се повлече паралела со рускиот третман на Украина и ускратувањето на правата на Украинците да постојат како народ. Во декември 2022 година израелската влада изрично соопшти дека „еврејскиот народ има ексклузивно и неспорно право на сите делови од Израел“, вклучувајќи ги Јудеа и Самарија, односно Западниот брег.

Десната коалиција на Нетанјаху оди и чекор понатаму. Според проценката на иницијативата Just Security од Правниот факултет на Универзитетот во Њујорк, „програмата на новата влада укажува на јасен и драматичен пресврт во организирањето на нормативната рамка за управување со териториите: од законот за окупација до промената на израелските правосудни закони“. Во практиката тоа е „анексија според сè освен според името“. Значи, промената на законот за непријателски имот ќе им го врати имотот на Западниот брег на Израелците кои го поседувале пред 1948 година. Секако, оваа промена важи само во една насока: имотот одземен од Палестинците нема да биде вратен.

Штета, зашто тоа би било прогресивен чин кој би покажал дека нема двојни правни аршини за Израелците и Палестинците, што инаку е основа за обвинување за апартхејд. Но новата израелска влада е сè само не прогресивна. Значи, како ќе се управува анексијата? Ако Западниот брег се присоедини со Израел дали речиси трите милиони Палестинци кои живеат таму ќе станат државјани на Израел со право на глас на изборите?

Таков исход очигледно е неприфатлив за Нетанјаху и неговите десничарски партнери во владата. Тие можат да го спречат на два начини: со протерување на Палестинците од анектираните територии или наметнување на она што Just Security го опишува како „институционализиран режим на систематско угнетување и доминација на една расна група над друга со цел одржување на режимот познат под називот Апартхејд.“

Во текот на изминативе месеци Израел го потресуваат демонстрации против нападот на владата на Нетанјаху на независноста на израелското правосудство. Но стотиците илјади либерални, слободољубиви Израелци кои изглегоа на улиците, повеќе или помалку ја игнорираат положбата на Палестинците (вклучувајќи ги Арапите кои се 20 проценти од населението во Израел), иако тие најмногу ќе трпат под новата влада и нејзините и-либерални реформи. Предложените закони се третираат како внатрешно еврејско прашање.

Вистинскиот чин на протест би ја препознал суштината на проблемот. За да ја сочуваат израелската демократија и владеењето на правото либералните Израелци би требало да формираат голема демократска коалиција со палестинските претставници. Тоа би бил радикален и ризичен потег, зашто би го укинал непишаното правило на израелската политика дека палестинските Израелци не смеат да одлучуваат за судбината на земјата.

Но таквиот радикализам сега може да биде единствениот начин Израел да не стане уште една верско-фундаменталистичка и расистичка држава. А тоа би била радикална травестија и откажување од историската посветеност на Евреите на просветителството и тенденцијата за правда – и уште една победа на силите посветени на помрачни идеали.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Patrick Chappate

Извор: https://www.project-syndicate.org/