Срцето, одврзан пес на некоја заборавена порта (шест песни)

13.03.2023 14:30
Срцето, одврзан пес на некоја заборавена порта

 

Смртта на сестра ми

Сонцето фрла лажни сенки по нејзиното лице.
Ридот е висок
сè дури не доползи до неа
како огромна мачка
што своите плеќи ги нуди за милување.

Луѓето стојат
но одвај ги држат исправени
голите глави.
Сестра ми се умилкува
на еден голем цвет
од тешкиот венец.

Во просторот седи огромниот рид
таа спитомена од прстите на сестра ми мачка.
Луѓето ги кријат
голите темиња
во црни шапки.

 


Волшебен опаш

Илузијата што ја скрива
птицата
веќе не постои

Исчезна и опашот
и жолтиот клун
и монистата на песната

На гранките
ѕвездени гроздови

Зборовите паѓаат
врз белината

Сè е стокмено
како во градите
на будилник

Безброј лостови
ја држат напнатоста

Прстите шетаат
по ’рбетот на времето

Но гласот на сестра ми
го слушам
додека се обидува
да го смести својот насмев
на лицето
на една исплашена
кукла.

 

 


Песна

Срцето
одврзан пес
на некоја заборавена порта

Прозорците
розови цепелини
во ноќта

Ѝ реков на мајка ми:
Никогаш нема да вкусам
од отровот што ти го испи

Потоа
отидов да се санкам

Распенет снег и лица на млади жени
додека летаме
покрај порти што зјаат

А низ црвените кругови
од уличните светилки
фрчат гласови или бушави глави

Збунети лавови
што скокаат
низ обрачи од оган.

 


Утринска прошетка

Додека трчаш низ шумата
будниот кос
ги отвора и ги затвора премините

Патем ќе се сврти и
кон светлината
за да се види себеси

А ти се двоумиш
меѓу сенките што стојат
и оние што си одат

Личат на суштества
што чекаат да им се обратиш
и да ги поведеш

Но туѓи ти се тебе одамна
и проклетствата
и сочувството

Никого нема да избереш
за сопатник

Но кога ќе се вратиш дома сам
и кога ќе ја залостиш зад себе
влезната врата
долго ќе чувствуваш оти некој
останал надвор
Но немаш желба да го поканиш

Нека се снаоѓа во осаменоста
како и ти

 

 

Додека слегувавме со старчето од Водно

Раскажа како растат
печурките
во сребрената ноќ
по дождот.

И дека длапките на дланките
не се спомени
туку нашата судба.

А за патеката
што удолу нè водеше
рече оти
до крв ја има разјадено
кожата на ридот.

Но не спомна која патека низ срцето врви
и каква река тече таму
и кој дивеч доаѓа на поило.

Рече само: Како да газам
по снага што исчезнува.
Како да заминувам од сон
што може
повторно да ме пресретне.
Како да чекорам по длапките на моите дланки.

 


Старицата ги гледа птиците

Се вратив од јужните краишта
а Старицата рече: Кога дојде
дојдоа и сите реки што си ги врвел,
и сите птици што ти ја слушнале песната.
А потоа ја разгрна на скутот
ленената крпа
и го подаде убавиот краешник.
Водата е подолу
самата ќе ти се понуди,
рече.
Ќе ги закопаш колената во трева
ќе се потпреш на лактите
и ќе го пикнеш клунот во брзакот.
И птиците од Исарот
од тој вруток пијат.
И ми го отвори со широк
замав на раката
големото небо.
Ги гледаш ли птиците?
Ги фрла некоја сончева река.
И таа се смееше и ги милуваше.
Среќната, гледаше со срцето.
И тогаш видов дека не е слепа.
Седнав на големиот бел камен
и се загледав угоре.
Белки и јас ќе ги видам
прекрасните птици.

 

Избор: П. В.

Цртежи (графики): Катја Ланг

Податоци за Србо Ивановски

ОкоБоли главаВицФото