
Во петок, 17 март, со почеток од 20 часот, во Галеријата Метаноја (ул. Максим Горки бр.19) ќе се одржи промоцијата на сликовницата „Пргав зајак" од авторите Пандалф Вулкански (текст) и Будимка Поповска (илустрации).
Пандалф Вулкански е псевдоним на Никола Гелевски. Станува збор за искусен автор со богат книжевен опус кој зад себе има претежно експериментална поезија и проза, и за деца и за возрасни. Работи како уредник, преведувач и издавач.
Будимка Поповска е писателка, поетеса и уметница од Скопје. Студирала класична филологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1996 до 2015 живее во манастир, каде што ја изучува старата македонска школа на цртање икони. Потоа се враќа дома и живее во Скопје каде што работи како иконописец, колумнист (фриленсер) во македонската периодика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2013 година и ги има издадено книгите: „Врата“ (графичка поезија, 1994), „Полигони“ (раскази, 2007), „Друга визура“ (есеи, 2008), „Невидливи вежби“ (прозна поезија, 2011), „Куќа на Марс“ (поезија, 2019), „Ботичелиев каталог“ (есеи и фотографии, 2019), „Полигони“ и „Невидливи желби“ (на хрватски, 2021).
Остварила неколку изложби, меѓу кои групната изложба како член на групата Абау а ку - „Млечен град“ (МКЦ, 1991), самостојната изложба „Фантомима“ (МКЦ, 2019); како и самостојната изложба "Супа од Чиопа" која моментално може да се проследи во галеријата Метаноја.