Право на досада

15.03.2023 03:33
Право на досада

Неодамна од Франција стигна вест за судска пресуда според која работниците имаат право да бидат „досадни“. Еден од највисоките судови (касацискиот суд) во Франција, кон крајот на минатата година пресуди дека работодавачите не смеат да ги присилуваат своите работници да се забавуваат на начини кои им ги нарушуваат достоинството и слободата на изразување. Случајот датира уште од 2015 година кога маж со псевдоним „господин Т.“ го тужел својот поранешен работодавач, париската компанија Кјубик Партнерс, заради незаконскиот отказ што го добил зашто не сакал да учествува во „деловната култура“ на фирмата која вклучувала забава после работа и раскалашени таканаречени тим билдинзи. Неговото барање за враќање на работното место прво било отфрлено на работничкиот суд, а жалбениот суд потоа потврдил дека управата на компанијата не згрешила кога му дала отказ, зашто тужителот одбивал да учествува во деловната култура која самата компанија ја нарекува „fun & pro“.

Меѓутоа, во ноември 2022 година високиот суд ја поништил пресудата повикувајќи се на Европската конвенција за човечките права и францускиот Закон за трудот. Судот пресудил дека работодавачите ја прекршиле слободата на изразување, како и правото на достоинство и приватноста на господинот Т. очекувајќи од него да учествува на повеќедневните патувања или таканаречени ретритови, и одење на пијачка по работното време (apéros). Пресудата се темели на описот на она што се случувало на овие дружења со колегите и надредените – господинот Т. тврди дека тие вклучувале „претерано алкохолизирање, промискуитет, малтретирање и поттикнување разни ексцеси“, како што стои во судските документи. Фирмата ги негирала овие обвинувања и сега тврди дека господинот Т. добил отказ заради „непрофесионална“ некомпетентност“, а не затоа што одбил да учествува во таканаречената apéro култура.

Меѓу другото, во отказното писмо работодавачот го критикувал неговиот понекогаш студен и демотивирачки тон кон подредените, но и критичкиот став кон споменатиот „fun & pro“ етос на компанијата. Бидејќи касацискиот суд не може да ги менува одлуките на понискиот суд, туку само да ги поништи (касира), одлуката е поништена, а случајот вратен на жалбен суд каде сè уште е во тек.

Само забавно

Каде и да го одведат идните судски одлуки господинот Т., оваа пресуда е прв чекор во спротивна насока од онаа по која тргна корпоративната култура последниве децении. Тим билдинг или градењето тим е концепт кој датира од дваесеттите години на минатиот век, кога во САД знаењата од психологијата почнаа да се применуваат во фирмите со идеја дека работниците можат многу повеќе да се мотивираат/експлоатираат ако се наведат да се однесуваат како тим и да развијат добри односи со колегите. Во поширока смисла тим билдингот подразбира трајно поттикнување подобри меѓучовечки односи на работното место, со што се занимаваат кадровските служби или таканаречените служби за човечки ресурси. Но инсистирањето на забавата како нужен дел од „деловната култура“ е понов тренд кој се среќава и во стручната литература, за што пишува Лорен Колинс во Њујоркер. На пример, дека таквата литература се спроведува во пракса сведочи самото постоење на британската фирма Фан Експертс која се занимава со изнајмување опрема за компаниите – и тоа опрема за хокеј на маса, аркадни игри, машини за шеќерна волна, снежни топки со човечка големина и реквизити за разни игри за тим билдинг. Оваа идеја за спектакуларна забава и уживање на работа се пренесува и надвор од работното време, на таканаречени тим билдинзи или корпоративни ретритови, односно повеќедневни патувања на кои одат работниците и работодавачите заедно за да се зближат и – да се забавуваат. Се чини дека работата од дома за време на пандемијата резултираше со враќање на корпоративните ретритови во побомбастична и побизарна варијанта од кога било претходно: работниците и работодавачите во последно време одвојуваат слободно време за да скокаат од карпи, да играат пеинтбол, да одат во луна парк или да одат по жар.

Не е тешко да се замисли дека за некои таквите активности се сè само не забавни.

Доброволци под закана од отказ

Во Америка, татковината на институтот тим билдинг, работниците често се жалат од активностите кои нивните работодавачи ги форсираат во слободното време, засега само анонимно на онлајн портали, заради страв од отказ. На таквите читатели им се препорачува да внимаваат уште кога одат на разговор за работа доколку не сакаат да учествуваат во корпоративната забава: „Кога се бара работа важно е да се земе предвид какво работно опкружување сакате и преферирате“, вели Тони Франа, стручњак за „развој на кариера“ во фирмата Флекс Џобс, кому очигледно не е јасно дека работниците не ја избираат фирмата за разговор за работа туку обратно. „За некои луѓе забавата е дел од одговорот“, вели тој. За некои луѓе не е, а за таквите не постои никаква гаранција за душевен мир и егзистенција доколку одбијат да учествуваат во такви активности.

Во однос на домашниот контекст тоа ни го потврди извршната секретарка за трудово и социјално право на Сојузот на самостојните синдикати на Хрватска, Сунчица Брнардиќ – дружењето со колегите и работотавачот не влегува во работните обврски ниту е регулирано со Законот за работа ни со правилниците за работа зашто се претпоставува дека тоа се договара на доброволна основа. Затоа работниците можат да одбијат да учествуваат, но полесно е тоа да се каже отколку да се направи. Како што вели еден член на форум во дискусија за тим билдингот: „Најдобри ми се приказните 'не оди, не е задолжително'. Да, да, да. Не е 'задолжително', зависи каде. Ако на твојот шеф не му е грижа за тим билдингот тогаш можеш и да не отидеш. Ако имаш шеф кој се фура на тим билдинг или кој има зададени квоти за тим билдинг од секторот за човечки ресурси, тогаш не можеш само така да избираш. Ако речеш дека не сакаш да одиш тие лошо ќе гледаат на тоа. Нема да го поминеш пробниот рок, нема да ти го продолжат договорот или ќе се трудат да те наместат зашто не ја прифаќаш корпоративната култура.“ Друга учесничка во дискусијата вели: „Бев во фирма која неверојатно го форсираше дружењето меѓу колегите, после работа буквално се туркаа луѓето во кафеана, се малтретираа да одат на домашни забави итн. Сето тоа надвор од работното време, се разбира.“

Истото го вели и мојата познаничка која работеше во една медиумска куќа: „Учествувањето се подразбираше и постоеја неформални санкции, ми се лутеа кога не сакав да одам, речиси ќе добиев отказ зашто не сакам да одам на тие дружења. Сигурно заради тоа и не ми го продолжија договорот на крајот. Друг учесник кој работел во една ИЦТ фирма се сложува дека нема експлицитна принуда за да се учествува: „Не дека беше задолжително, но беше пожелно да се оди“, а содржината на тим билдингот ја опишува како „тотална матурска“.

Осум часа за што и да посакаме?

Иако францускиот господин со својата тужба направи добро дело за сите работници, не се работи само за правото на работниците да бидат „досадни“, туку и за правото на слободно време. Има сè повеќе анонимни искази на работници кои тврдат дека во таквите активности не учествуваат доброволно туку заради чувство на должност и страв од отказ. Клучниот проблем е во наводната доброволност на учествувањето, зашто секако дека ниедна активност поврзана со работата не е доброволна. Како што резимираше уште еден член на форумот: „Ако не отидеш ќе одлучат да не ти го продолжат договорот. Може да те натераат, ти требаат пари за да преживееш. Затоа треба да се забрани тоа.“

Како што пишува на официјалната веб страница на фирмата Кјубик Партнерс, во која работел господинот Т., тоа е „длабоко хумана организација“ која „ја цени личноста над вештините“, а делот на веб страницата за потенцијални вработени порачува дека во Кјубик не се работи, туку треба да „бидете Кјубик“. Секако дека во таква форсирана атмосфера за блиските деловни семејства кои работат од задоволство и љубов, типично за модерната корпоративна култура, одбивањето да се учествува носи последици. Зашто како што вели анархосиндикалистичката изрека, шефот не е колега. А на тоа можеме и да додадеме и: фирмата не е тим. Затоа е време институтот тим билдинг да биде регулиран. Ако веќе мораме да се забавуваме со работодавачите, треба да ни биде овозможени тоа да го правиме во текот на оние (иако скандалозни) осум работни часови дневно, а третата осумка да ни остане за, како што вели старата американска синдикална песничка, она што ќе го посакаме.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Pejac

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото