Руската амбасада во Скопје – главниот дипломатски интернет спамер во С. Македонија

16.03.2023 11:30
Руската амбасада во Скопје – главниот дипломатски интернет спамер во С. Македонија

Руската амбасада во Скопје, во изминативе две години постирала висока бројка од по 5 објави дневно во просек на својата Фејсбук страница. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за проучување на демократијата од Софија, кој ги следел објавите на повеќе амбасади на Балканот во изминативе две години.

Инаку, ваква значителна бројка на објави на Руската амбасада во Скопје е повеќе кратно повисока од бројот на објави на страницата на македонското Министерство за надворешни работи, кое постира по 3 објави неделно во просек (вкупно 5 во март досега и вкупно 12 во февруари 2023) околу 40 отсто од вкупниот број на објави на Фејсбук страницата на македонската влада на која се постираат по околу 12 објави дневно (март 2023 година) во просек.

Според Горан Георгиев, истражувач во Центарот за проучување на демократија од Софија, активноста на Руската амбасада е неспоредлива со останатите.

Податоците во истражувањето се добиени преку мониторинг од страна на специјализирани софтвери за преземање на податоци од он лајн медиуми, профили на социјалните мрежи на политичари, јавни личности и дипломати, он лајн канали на кумуникација на дипломатските претставништва од регионот на Балканот, вели Георгиев.

Тој потенцира дека С. Македонија е една од најударните земји на руската пропаганда.

Според бројот на објавите на социјалната мрежа Фејсбук, дипломатските претставништва на Европската Унија, Франција, Германија, Русија, Велика Британија и САД во С. Македонија имаат објавено околу 7.500 постови во 2021 и 2022 година. Над 50 отсто од овие објави отпаѓаат на руските дипломатски претставништва во земјава.

 

Од сите земји од поранешна Југославија, најмногу постови имаат објавено во нашата земја, додека на Балканот повеќе имаат објавено само во Романија. Таму од вкупно 10.500 постови, дури 7.100 отпаѓаат на руските дипломатски претставништва.

 

Ова е релевантно, бидејќи над 90 отсто од остварениот сообраќај на социјалните мрежи во Југоисточна Европа се одвива на Фејсбук.

Според бројот на интеракции на корисниците со постовите на дипломатските претставништва, какви што се допаѓања, коментари и споделувања, Фејсбук страницата на Руската амбасада во С. Македонија е, исто, така на врвот на Балканот, според бројот на жители.

 

Во Бугарија има најмногу интеракции на корисниците на објавите на веб-страницата на руската амбасада, односно 2,3 милиони интеракции, потоа следува Грција со 770.000, Романија со 517.000 и С. Македонија со 296.000. Кога овие податоци ќе се поделат со бројот на жители, излегува дека во Бугарија на секои 3 жители има по една интеракција, во Македонија на секои 7 жители, Грција на 14 и Романија на 35 жители има по една интеракција.

Од 2014 година па наваму ние сме во хибридна војна со Русија. Балканот е особено таргет на оваа војна. Количеството на публикувани дезинформации расте енормно со почетокот на војната во Донбас во 2014 година. Самата руска држава создаде и контролираше многу веб-страници. Имаме информации дека одредени сајтови што ги има во Бугарија се создадени од руската држава, односно од руските тајни служби, вели Георгиев.

Тој додава дека тактиката на руската пропаганда е променета.

Русија нема потреба да инвестира во наши традиционални медиуми, таа преку групи на социјалните мрежи ги постигнува своите цели, вели Георгиев.

Аналитичарот Џељаљ Незири подолго време ја истражува руската пропаганда во С. Македонија, но и на Балканот. Според него, влијанието на руската пропаганда е видливо.

Уште од 2016 година, кога почнаа да се интензивираат напорите за решавање на проблемот со Грција, Русија го зголеми дипломатскиот персонал во земјата. Очигледно дека на Москва не ѝ одеше во прилог решавањето на прашањето до Грција од причина што на тој начин се отвораа вратите за членство на земјата во НАТО. До 2018 година Руското влијание во земјата беше присутно во вид на „мека сила”, преку центрите за култура, инвестиции, образование итн. По усвојување на Преспанскиот договор истата година, со што конечно се реши проблемот со Грција и се тргна ветото за НАТО, Русија започна хибридна војна против нашата земја. Тогаш и самиот руски министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, најави дека со членството во НАТО С. Македонија станува легитимна мета на Русија, вели Незири.

Незири смета дека режимот на Путин ги користи сите можни алатки за да се задржи и зајакне проруското расположение во земјата. Оваа поддршка ѝ е потребна на Москва за да ги насочи кон нејзината агенда граѓаните на С. Македонија, да изгради доминантен проруски јавен став за актуелни безбедносни и геополитички прашања и на тој начин да ги ориентира кон одредена политичка партија или опција која или е проруски насочена, или, пак, нејзините политички перформанси се вклопуваат со руската агенда во регионот.

Тој додава дека од членството во НАТО во март 2020 година, С. Македонија е постојана цел на хибридната војна, а ќе остане и во наредниот период. Причина за ова е фактот што како најнова членка на НАТО земјата се гледа како „ахилова пета” на овој сојуз.

Извор: https://vistinomer.mk/

ОкоБоли главаВицФото