Случајот Селин

04.02.2011 12:04
Selin.jpg

Јосиф Сталин го сакаше Мајаковски, Адолг Хитлер Штефан Георге, а Никола Саркози? Омилениот книжевник на францускиот претседател е Луј-Фердинант Селин, авторот на еден од најзначајните француски романи од првата половина на минатиот век „Патување на крајот од ноќта“. Но, колку Саркози и да е негативна фигура во европската политика, сè уште нема заслужено да го споредуваат со луѓето како Хитлер. А тоа не би можело да се каже за неговиот книжевен фаворит. Селин, без сомнение мајстор на романот, за жал стана можеби попознат по своите крволочни ставови, по антисемитизмот и фашистичкиот поглед на свет отколку по брилијантните мрачни романи.

Оваа година се одбележува педесетгодишнината од смртта на Луј-Фердинант Селин. Секоја година француската влада објавува попис на великани чии годишнини се одбележуваат во текот на годината. Станува збор за внимателен процес во кој комисија која се состои од повеќе угледни француски интелектуалци и научници ги избира имињата чии годишнини ќе се прославуваат. Потоа се печати книга во 10.000 примероци со предговор на францускиот министер за култура. Така се случи и оваа година, а предговорот го напиша министерот Фредерик Митеран.

Во книгата, меѓу другите, се појавија текстови за големите француски научници, мислители, политичари, уметници и книжевници, меѓу кои се истакнува, на пример, двестегодишнината од раѓањето на Теофил Готје, како и годишнината на поетот Блез Сандрар, композиторот Франц Лист (за волја на вистината, Унгарец) и на Луј-Фердинант Селин. Токму неговото појавување разбесни дел од француските душогрижници, па така Серж Кларсфелд, познат ловец на нацисти, во име на Здружението на синови и ќерки на Евреите депортирани од Франција изрази индигнација од вклучувањето на Селин меѓу заслужните големи Французи, притоа не заборавајќи да спомене дека смета оти Селин е голем писател. Само два дена по изливот на бес на еврејските здруженија Митеран реши да го тргне Селин од листата, со тоа предизвикувајќи уште поголема полемика во Франција, со реакција од двете страни на политичката оска.

Бројни познати француски интелектуалци се вклучија во расправата за Селин, па така угледниот книжевник Филип Солерс го обвини Митеран за цензура, додека членот на угледната Académie française Фредерик Вито, истовремено и автор на биографијата на Селин, овој настан го спореди со бришењето и прекројувањето на историјата во Русија за време на Сталин. Дежурниот француски интелектуалец по општа пракса Алан Финкелкро, на кој бладањето воопшто не му е туѓо, рече дека заради ваквите настани се појавува опасност дека „станува збор за дејствување на еврејското лоби“, кое ја диктира француската политика. Уште еден сеприсутен интелектуалец, Бернар-Анри Леви, рече дека е пропуштена голема можност за дискусија поврзана со причините „зошто еден навистина голем писател истовремено е апсолутно ѓубре“.

Со причина Селин се смета за генијален писател, иако неговата проза секогаш не е на исто ниво. Некои негови дела се по малку заморни, бледа апологија на сопствените најдобри текстови, но без разлика на сè, станува збор за еден од најдобрите романописци на 20 век чии романи извршија огромно влијание особено на повоената генерација, а денес зрачат со истата сила од времето кога се напишани. Селин е генијален нихилист чии одвратни, вулгарни и безобразни зборови често преминуваа во чиста поза. Доволно е да се погледнат само некои од неговите полемики, каде што најголемите француски писатели и нивните книги ги нарекуваше со најлоши можни имиња (како кога на Андре Жид му порача „да си го брише газот со неговите посрани книгички“).

Но, не треба да се заборави дека станува збор за писател чија омраза кон човештвото во одреден миг престанува да биде поза и надмен став и презема психопатски размери. Во еден свој текст, одличниот германски писател Ернст Јингер, уште еден симпатизер на нацизмот, се присетува на настанот што се случил во некој книжевен салон во окупираниот Париз, каде што се собирале германските офицери и француски интелектуалци и уметници кои не побегнале во Америка и во други земји, па таму се наоѓале луѓе како што се Пабло Пикасо и Селин. Во еден миг во просторијата влегле неколку припадници на СС, по што Селин почнал да се пенави и да им се дере за тоа што прават во Париз кога сè уште до крај не го решиле еврејското прашање.

Расправата за Селин, всушност, е расправа без крај, која може да се пренесе и на други земји кои се гордеат со слични примери, како на примерот на Езра Паунд или Кнут Хамсун, наспроти тврдењето на праведничките британски медиуми дека случајот Селин може да се случи само во Франција. Франција е земја во која оваа година се одбележува и двестегодишнината од раѓањето на авторот кој го поврзуваме со доктрината „L'art pour l'art“, но тоа не значи дека само во Франција естетиката има гревови во однос на етиката. Без сомнение, случајот Селин не познава граници.

Извор: booksa.hr

Слични содржини

Свет / Книжевност / Уметност / Историја
Книжевност / Историја
Европа / Свет / Историја
Општество / Книжевност / Историја
Општество / Европа / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото