Ударите на антипросветителството

17.03.2023 01:40
Ударите на антипросветителството

За илустрирање на значењето на насловната синтагма ќе земеме два примери од не толку далечното минато.

Во 2008 година на плоштадот Свети Петар во Рим, тогашниот папа Бенедикт XVI им се обрати на собраните со следните зборови:

„Најпрвин сакам да ги поздравам младите студенти, професори и сите вие кои денес дојдовте во голем број на плоштадот Свети Петар за да учествувате на молитвата Ангелски поздрав (Ангелус) и да ми ја изразите својата солидарност. Им упатувам поздрав и на многу други кои ни се придружија со духот. Ви заблагодарувам од срце драги пријатели; му заблагодарувам на кардиналот викар кој ја овозможи оваа средба. Како што ви е познато, со големо задоволство го прифатив учтивиот повик што ми беше упатен минатиот четврток да зборувам на отворањето на академската година на римскиот универзитет Сапиенца. Добро го познавам тој атанеум, го ценам и драги ми се студентите што студираат таму: секоја година во повеќе наврати многумина од нив доаѓаат да се сретнат со мене во Ватикан, заедно со колеги од други универзитети. За жал, како што е познато, климата што се создаде ја направи несоодветна мојата присутност на оваа прослава. За жал, ја одложив својата посета, но сепак сакав да го испратам текстот што го подготвив за таа пригода. Со универзитетскиот амбиент, кој многу години беше мој свет, ме поврзуваат љубовта за вистината, дискусиите, искрениот и чесен дијалог на реципрочни позиции. Сето тоа е и послание на Црквата која настојува верно да го следи Исус, Учителот на животот, вистината и љубовта. Како професор емеритус кој се сретнал со многу студенти во својот живот ве охрабрувам сите вас, драги студенти, секогаш да ги почитувате мислењата на другите и со слободен и отворен дух да ги барате вистината и доброто. Секому од вас лично му го повторувам изразот на својата благодарност, гарантирајќи ви ја својата наклонетост и молитва.“

Како што гледаме, папата најпрво зема Збор, проговара во име на Вистината, а дури потоа му дава збор на друг, но само за да го повика со својата вистина да ѝ се приближи на Вистината, односно „слободно“ да се подреди.

Какво фарисејство, какво лицемерство и каква хипокризија! Папата се повикува на Христос како Учител на „животот, вистината и љубовта“. Значи, додека беше жив ја толерираше смртната казна и на тој начин најпосле искажа безгрижност кон недопирливоста на животот. Но личната дволичност на папата и Црквата се искажува во однос на науката/вистината и конкретно кон Галилео Галилеј, заради кого некои студенти и професори настапија против говорот на папата на универзитетот Сапиенца и на тој начин ја спасија честа на универзитетот како универзитет. Зашто Црквата никогаш јасно не се дистанцираше од својот прогон на Галилео: му ја одземаа слободата на истражување, слободата на говорот и слободата на движењето, му се закануваа со смрт итн. Каква реципрочност, на која се повикува Бенедикт XVI, имал Галилео Галилеј? Никаква. Притоа воопшто не станува збор дали Галилео имал право или не, туку за едноставниот факт дека со својот разум морал да ѝ се приклони на владејачката вера. Кажано со денешни зборови, дека научната универзитетска институција морала да поткленке пред религиозно-црковната институција. Дека Галилео како научник морал да се понижува и да се тресе за својот живот пред клериците. Каде е тука „чесниот дијалог“? Го немало. Како што го немало ни во односот на кардиналот Рацингер, како наследник на инквизиторот, според телогот Ханс Кунг, таткото на „светскиот етос“, или според теологот Леонардо Боф, основоположникот на „теологијата на ослободувањето“. Напротив, изрично ги прогонувал оние кои размислувале поинаку. Папата никогаш и никаде не ја барал вистината, зашто како црковен функционер уште од самиот зачеток поаѓал од „објавата“, од „откровението“, читај: заповедната вистина.

Папата ја охрабрува универзитетската заедница, професорите и студентите, но воедно изрично настапува против таквиот темел на модерниот универзитет каков што е секуларноста, односно лаичноста. Во обраќањето до словенечкиот клер истата година, без колебање изјави: „Секуларизацијата од западен ков (il secolarismo di impronta occidentale), која е поинаква и веројатно поподла од марксистичката, покажува знаци кои не можат да нè остават безгрижни“. Прво, марксистичката секуларизација е contradictio in adjecto, зашто марксизмот како идеолошки носител на комунизмот воведува нов тип сакрализација (а не секуларизација!), имено сакрализација на самиот себеси како идеологија. А второ и поважно, синтагмата „секуларизација од западен ков“ е плеоназам, бидејќи постои само западна секуларизација, како што постои, иако денес има глобален дофат, само западна либерална демократија. Впрочем, либералната (парламентарна) демократија и секуларизацијата се совпаѓаат, едната не може да постои без другата. Оттука закотвеноста на моредните уставни демократии во лаизицмот, наместо во клерикализмот, како што, на пример, Католичката црква со наметнување го впиша Бога во преамбулата на уставниот договор на Европската унија, настојува насекаде одново да го интронизира.

Често и надвор од клерикалните кругови премногу пофално се истакнува дека Папата Бенедикт XVI заговарал рамноправност на верата и разумот. Но што значи тоа? Рамноправност на верата на човекот во Бога како надчовечки Ум и човековиот разум како рефлексија на Божјиот ум! А впрочем станува збор за подреденост на човековиот ум на Умот. И тоа се покажува кај сите понатамошни експликации. Не само кај сите овие клерици кои филозофијата ја прогласуваат за слугинка на теологијата, туку и истапувањата на оние политичари, како што на пример беше францускиот претседател Никола Саркози, кој во еден говор во Латеранската палата во Рим дури јасно и разбирливо истакна: „Во пренесувањето на вредностите и во учењето на разликата помеѓу доброто и злото, учителот никогаш не може да го замени свештеникот или жупникот, иако е важно да им се приближи, зашто нему секогаш ќе му недостасува радикализмот на жртвата на неговиот живот и харизмата на посветеноста која ја носи надежта.“

Накратко, со ваквиот и слични настапи на клерикалните и политичките водачи секогаш одново паѓаме за повеќе од 200 години назад во историјата, во предмодерната, предпросветителска доба на доминацијата на клериците над лаиците, доминацијата на теолошкиот факултет над филозофскиот, во добата пред текстот на Кант за спорот помеѓу факултетите. Станува збор за време во кое клерот се сметал за господар на моралот, во кој теолозите настапувале како безусловни апологети на хетерономниот морал, кој се потпирал на библиските заповеди и забрани, сè додека стариот Кант отворено не им се спротивставил со својот автономен морал и категорички императив како подлога за критиката на антипросветителскиот теолошки ум. А кога како вода ќе продре во сите сфери на општеството, Црквата на сите нивоа од екстензитет преминува во интензитет.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jan De Maesschalk

Извор: https://www.tacno.net/

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото