
Невенка Митревска, жената која обезбеди трајно место во македонското новинарство со нејзиното исклучително познавање на надворешната политика, почина на 81 година. Митревска, која го помина работниот век во „Нова Македонија“, остана запаметена во журналистичката историја на Македонија како прва жена која стана дел од надворешно-политичките аналитичари, кои дотогаш беа сметани како „машки свет“.
Беше дописник на „Нова Македонија“ од Атина, а со тогашните извонредни новинари во Надворешната рубрика на весникот (Филип Симоновски, Свето Серафимов, Велко Коцев, Душко Малевски, Милчо Коцев, Гроздан Попов) продуцираше такви анализи за настаните во регионот и светот кои беа задолжително четиво на сите оние што ја следеа надворешната политика во 1970-тите и 1980-тите години. И за оние што ја креираа политиката.
Многу млада таа беше дел и од редакцијата на „Нова Македонија“ која работеше во теренските услови покрај шатори во деновите по земјотресот во Скопје 1963. Подоцна стана дел од Надворешната рубрика и таму го достигна својот највисок професионализам. „Нова Македонија“ во тоа време обрнуваше исклучително внимание на светот што нѐ опкружува и затоа анализите, коментарите и репортерските извештаи на Невенка Митревска беа многу драгоцени. Таа пишуваше јасно, со прецизни анализи за настаните во тогаш многу поделениот блоковски свет.
Митревска беше на челото на првата македонска новинска агенција Макпрес.
По пензионирањето Митревска се повлече живеејќи во близина на Скопје.
Погребот на Невенка Митревска ќе биде в петок, 17 март, во 11 часот на гробиштата „Бутел“.
Извор: nezavisen.mk