1021 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 20:59
- Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?
Најраните сеќавања поврзани со книги ми се купишта руски книги, советски посебно, преполна ни беше куќата, мајка ми беше скоевка во војната а потоа водеше младинска библиотека, се сеќавам на „Човек амфибија“ на Бељаев, „Како човекот постана џин“ од М. Илин и Ј. Сегал, двотомна. Посебно ме воодушевуваше една книга на Аркадиј Гајдар „Тимур и неговата чета“, за една група бестрашни пионери. Да не ја заборавам омилената книга на мајка ми, прочуената „Млада гарда“ од А. Фадеев. Зборувам за 1958, 1959,1960 година. Полна куќа комунизам. Имаше и од Тургењев ,Чехов, Горки, Пушкин. Но ги имавме многу и од онаа едиција црвените книги „Реч и мисао“, тука имаше одлични книги, класици, Шекспир, Гете, Волтер, Сервантес. Бидејќи беа мали по обем ќе прочитав некоја, на пример „Капетановата ќерка“ но бев зашеметен од книгата на Е. А. По „Авантурите на Гордон Пим“. Се уште се стресувам кога ќе се сетам на крајот. Обожавав да сум опкружен со книги, дури и ги сигнирав по броеви, им правев правоаголници на првата страна и внесував податоци за книгата. Тоа ми беше детска занимација, посебно во зима. Уште ги имам сите тие книги на мајка ми. Но, да не ги заборавиме стриповите. Најдобрите излегуваа во „Плави вјесник“ а имаше и посебна едиција „Низ минатите столетија“ со стрипови од генијот Андрија Мауровиќ, потоа стрипови од Јулес Радиловиќ, Жарко Бекер и други.
- Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?
Би рекол „Трите мускетари“ и потоа нивните продолженија „По дваесет години“ и „Виконтот Де Бражелон“.Тие книги ги читав кога имав десетина-дванаесет години но подоцна бев маѓепсан од книгата на Петер де Менделсон „Маријана на мојата младост“, една бајковита книга за детските сништа, другарствата и првите љубови.
- На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?
Постојат две книги на кои секоја година им се враќам. На книгата на Јожа Хорват која е всушност бродски дневник со наслов „Беса,бродски дневник“ книга која ја читам секое лето и ја распарталив веќе но ми ја спасија во печатницата каде што повторно ми ја вкоричија. Таа зборува за патот околу светот со едреникот „Беса“ кој во 1965 исплови од пристаништето во Котор. Тогаш купував „Плави вјесник“ во кој што синот на Јожа Хорват, Марко, пишуваше репортажи за нивната пловидба. Јас тогаш имав 13 години, тој беше постар од мене 3-4 години. Едвај чекав кај весникарницата на Митри да дојде весникот за да читам што се случило. Излегуваше во четврток. Една невидена авантура во нашето социјалистичко секојдневие. Така беше тогаш. Сега, бидејќи никаде не патувам во реалниот живот со неа го обиколувам пак и пак светот и посебно се возбудувам кога влегуваме во Јужните мориња на Пацификот кај Мореа во Полинезија од каде што можеме да го видиме на небото посеано со милијарди ѕвезди сјајното созвездие „Јужен крст“ кое од нашава позиција каде што живееме не се гледа. Втората книга на која секоја година и се навраќам е автобиографијата на дон Луис Буњуел „Мојата последна воздишка“ која исто така е веќе распадната. Ја знам на памет. Забележувате дека и двете не се од областа на класичната книжевност.
- Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?
Има една книга која не успеав да ја прочитам, сега го заборавив и авторот како се викаше, тротомна беше и зборуваше за оној мистикот кабалист Евреин Шабетај Цви или Цеви, насловот и беше „Во потрага по Месија“. Всушност, сега се сетив, тогаш кога беа објавени ги купив но не можев никако да ги прочитам и книгите од Кукулинскиот циклус на Славко Јаневски. Можеби сега да се обидам, но има толку книги за читање...
- Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?
О, има десетици книги на кои што попусто сум потрошил време во читање но за конкретна книга не би можел да кажам.
- Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?
Во светот на измислиците на Борхес, да се чудам што ме снашло и да се изгубам во неговите вртоглави лавиринти.
- Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?
Во ретки моменти кога морам да одам на нечија свадба и да одседам 4-5 саати досадувајќи се, гледајќи во сватовите. Но тоа не би било пристојно а и ретко ми се случува. Всушност по цел ден сум дома и не ми недостасуваат книги.
- Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?
Книгата на Вуица Решин Туциќ „Простак во ноќта“
- Која книга би сакале вие да сте ја напишале?
„Крикот на бувот“ од Патриша Хајсмит.
- Општо прифатено ремек-дело кое не ви се допаднало? И зошто?
Си мислам но не би можел да кажам конкретно, сигурно има но не можам да се сетам.
- За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?
Мислам дека предоцна го открив Џемс Џојс. Всушност токму на време ја имав „Улис“, некаде осумдесетите кога излезе она зелено издание меѓутоа не можев да ја читам бидејќи преводот не беше добар, го чувствував тоа а англискиот не го владеам за да можам да ја читам во оригинал така што остана да ја прочитам подоцна, новиот превод на Марија Гиревска.
- Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?
Артур Рембо, Ото Вајнингер, Патриша Хајсмит, Рејмонд Чендлер и Андре Бретон.
- Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?
Необично но никогаш не сум обележувал во книгите делови или реченици.
- Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?
На пуст остров би ја зел книгата на Јожа Хорват „Беса, бродски дневник“ бидејќи со неа никогаш не ми е здодевно. На доживотна затворска казна би ја зел книгата на Варлам Шаламов „Приказни од Колима“ за да знам дека имало полошо и од доживотна затворска казна а тоа е пеколот на гулагот во Колима.
- Што читате деновиве?
Сега ја читам книгата на Жан Д`Ормесон „Ќе заминам еден ден а не кажав сѐ“.
Фотографии: Lawrence Schwartzwald