1014 hPa
67 %

15 °C
Скопје - Саб, 15.03.2025 08:59
Денес во 73-та година од животот во Амстердам почина Дубравка Угрешиќ.
Родена е на 27 март 1949 година во Кутина. Завршува студии по руски јазик и компаративна книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб, продолжува да работи во универзитетскиот Завод за наука за книжевноста од почетокот на деведесеттите кога, исцрпена од медиумскиот прогон и националистичките политики во регионот, ја напушта Хрватска и пронаоѓа постојан дом во Амстердам.
Дубравка Угрешиќ на почетокот пишуваше детска книжевност – Малиот пламен и Филип и среќата – а потоа ги објавува кратките приказни Поза за Проза (1978), со што трајно се определува за возрасните читатели, со исклучок на детската книга Куќни духови од 1988 година.
Се етаблираше како една од најистакнатите европски книжевнички и есеистки. Од раните постмодерни дела, преку соочувањето со распадот на Југославија и промените по падот на Берлинскиот ѕид, до списите за популарната и книжевната култура, нејзиното дело е обележано со ретка комбинација на иронија, полемичност и сочувствување.
Изложена на јавен прогон и медиумско шиканирање, ја напушта Хрватска во 1993 година. Заради тоа секогаш се позиционираше како транснационална или постнационална писателка и се залагаше за правото на авторите да не ги признаваат и почитуваат етничките и националните граници.
Неизбежна точка во биографијата на авторката е веќе споменатиот медиумски прогон на хрватските новинарки, сумиран во називот „Вештерките од Рио“. Имаше пет вештерки: Јелена Ловриќ, Рада Ивековиќ, Славенка Дракулиќ, Весна Кесиќ и Дубравка Угрешиќ беа обвинети дека се залагале против одржување на ПЕН конгресот во Хрватска и заташкување на вистината за воените силувања. Освен што беа невистинити, овие обвинувања срамно беа репродуцирани во низа текстови со кои се настојуваше да се оштетат приватните и професионалните животи на наведените „антихрватски феминистки“ и „баби кои ја прогонуваат Хрватска“.
Најпознати дела на Угрешиќ се: „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Форсирање на романот река“, „Културата на лагите“, „Музеј на безусловно предствство“, „Баба Јага снесе Јајце“, „Лисица“, „Нарилник за вештерки“...
Во егзилот кој со текот на времето стана емиграција, нејзините книги се преведени на многу јазици. Предаваше на повеќе американски и европски универзитети, вклучувајќи ги Харвард, УКЛА, Колумбија и Слободниот универзитет во Берлин. Добитничка е на важни книжевни признанија – наградата НИН и Меѓународната награда за книжевност Нојштат. Минатата година ја доби и наградата на скопскиот книжевен фестивал „Друга приказна“.
Дубравка Угрешиќ живееше и работеше во Амстердам.