Портрет

20.03.2023 13:14

Си одиш песно
Брзаш како реката
низ прстенот на времето

Сакам да ти ја допрам
снагата
но ти се измолкнуваш
а потоа се огласуваш
од далеку

Нејасна како и разговорот
на уплашените птици
што уморениот јавач
брза да ги престигне

Не го измени светот

Тајната на црвениот јазик
на мачката
во розовиот агол
на крчмата
не ја одгатна

Не ја протолкува
изненадата
на лицата на моите пријатели

Ја премолчи вистината
Не ја ни допре
Или те исплаши нејзиното оловно зрно

Ме напушташ песно
повеќе збунета
одошто јасна

Дури и не прашуваш
зошто ја затворивме
возбудата во кафез

Чудесноста е волшепство
Секој создава свет
што ќе личи на него

Префинетоста
не ни беше одлика
Упорноста не нè красеше

Нема причини за илуминации
А за отстрел
и без тоа нема да нè одминат

(Пленот обично на кожен ремен виси
и само мртвиот дивеч знае
дали барем малку чини задоволството
на лицето на ловецот
по добриот лов)

Си одиш песно
излечена од сите лудости

А паметиш како дубевме
на глава
и како ни тонеа стапалата
во облаци

Попусто сега барам по небото
од нашите траги

Можеби сепак
по земјава чекоревме.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото