За Ценче

21.03.2023 10:32
За Ценче

 

Цветанка Трпкова, за мене е само Ценче. Артистката, разностраниот уметник и пријателката на сите што ја сакаа, таа беше едноставно само тоа. Малечка, со преубава коса, со идеална става и секогаш стегната во одот, небаре постојано е пред строга оценка на публика, таа, уште откако првпат ја запознав, почна да претставува некаква необјаснива мерка за мене. Ја следев каде што можев да ја следам, иако таа ми тврдеше дека е обратното, дека постојано се вгледува во моите постапки и се преоценува и самата.

Таков стана нашиот однос во сите години на нашите блиски контакти. Таа беше артистка во Радио-драмското студио, јас драматург во Редакцијата на драмските емисии.

Не се трудевме нешто повеќе од другите да се дружиме, или само ние двете да присуствуваме во некои посебни седенки, каде што ќе можевме да споделиме некои наши тајни. Само, ако чуев глас кој се издигаше над сите со својата виртуозна мелодиозност, ако тој глас достигаше пирамидални височини и потоа како изморен поток се спушташе во низината – знаев дека е тоа гласот на Ценче и дека таа или е веќе тука, или наскоро ќе се појави и ќе завладее со темата која тукушто се разгорела, придонесувајќи со тоа што самата смета дека е најточно.

Ако појдевме некаде сите заедно, макар само до бифето на Радио-телевизијата, таа мораше да оди прва, прва да ја одбере масата на која ќе седнеме, прва да ги разреди столовите и да направи порачка. Ако некој поставеше прашање за нешто, и ако постоеше какво било сомневање, таа го разрешуваше спорот или со насмевка, или со отсечно негирање. Се угледував на неа кога и мене самата ми недостигаше решителност.

Сите знаевме дека кога таа ќе земе некој текст в рака и ќе си ги стави очилата, дека тој текст нема да биде повеќе обичен текст, колку и да беше прозаичен или неинтересен. Ако, пак, се вгледаше во стихови кои и’ ги дале да ги интерпретира, беше сосем неважно дали таа ќе ги изговара зборовите пред публика или само пред два-тројца. Нејзиниот глас почнуваше да вибрира, да страда и да се радува, и тој стануваше не само за мене, туку најверодостојно толкување за секој еден кој можеби пред тоа имаше сопствен, и поинаков став за самата интерпретација. Стиховите на Блаже Конески, познати на сите, во говорењето на нашата Ценче, го добиваа својот сјај на неповторнивост и ненадминливост. Таа го знаеше клучот како да допре до растреперените срца пред неа и како сите што ја гледаат да заборават дека таа себеси се смета само за артистка, не и автор или коавтор.

Малкумина знаевме и за нејзините оригинални текстови. Не ги криеше од нас, но и не се фалеше со нив, иако прва ги читаше нашите книжевни објави и даваше непорекливи совети. Нејзината позната самоувереност се чинеше дека се коси со мислењето што го имаше за самата себе. Постојано критична кон себе, како за тоа што го носи, за фризурата, чантичката или чевлите, таа ги премолчуваше своите видливи квалитети, мислејќи секогаш дека треба да се потруди за да ги достигне другите. Нејзината малендавост зрачеше со творечка енергија и со полет и за работата, и за другарството. Не можев да бидам во нејзина близина, а да не помислам колку е таа прекрасна личност и дека треба да направам нешто многу шокантно за таа да сфати дека и’ се восхитувам. Постојано беше мерка за мене; за многу нешта барав одговор во нејзините оригинални постапки.

Се радувам што имаме нејзини текстови за прочит. Верувам дека искрено се радуваме сите ние што ја познававме и ја сакавме.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото